„Органска Трпеза 2026“ и „AGROMAK 2026“ заедно го продолжуваат деветгодишниот континуитет на саемско поврзување на производители, институции, наука, локални заедници, млади, гастрономија и пазар. Идејата, како што информираат  организаторите,  Здружение „ЖИВОТ“ – Куманово и Комора на органски производители на Македонија – КОП, е посетителот да има причина да остане подолго: да купи, да вкуси, да научи нешто, да запознае човек зад производот, да види практична демонстрација и да открие нова дестинација или деловен контакт.

 

Концептот за 2026 година е поставен како мрежа од паралелни програмски столбови: додека на едно место се подготвува храна пред публика, на друго ученици управуваат со земјоделска механизација, неколку метри подалеку се оценува мед, се работи со деца, се претставува туристичка дестинација, се одржува B2B средби или се разговара за екологија, сточарство и современо производство.

Изложбено-продажниот дел останува основата на саемот: органски и традиционални производи, храна и преработки, земјоделски производи, ракотворби, локални брендови, услуги, опрема и технологии. Но наместо штандот да биде само маса со производи, учесниците се поттикнуваат да продаваат, дегустираат, демонстрираат, објаснуваат процес и да создаваат директен контакт со посетителите и деловната публика.

Програмата е наменета за многу различни публики: семејства со деца, земјоделци, ученици, професори, готвачи, планинари, пчелари, одгледувачи, ракотворци, туристички организации, општини, компании, институции, дипломатски гости и медиуми. Токму затоа саемите функционираат како отворена регионална платформа, а не како еден настан со една публика.

„Селска кооперација“

Првиот саемски ден е посветен на гастрономијата, под мотото „Селска кооперација“. Ден кога готвачи, здруженија и гости ќе подготвуваат јадења пред посетителите – во котли, земјени садови, на скара или ражен, зависно од програмата. На друга страна, ученици, тимови и ментори ќе декорираат, сервираат, аранжираат храна и цвеќе и ќе подготвуваат закуски.

Во оваа атмосфера се развива и гастрономскиот фестивал „Дојди ми на трпезу“. Учесниците најнапред поминуваат низ практични работилници за украсување на маса, аранжирање храна и цвеќе, правилно сервирање и организација, а потоа тимови од повеќе балкански земји се натпреваруваат за најбогата, најсодржајна и највкусна трпеза.

Организаторот ги задржува препознатливите признанија „Златна дугачка сукаљка“, „Сребрена средња сукаљка“ и „Бронзена кратка сукаљка“.

Млади и вештини

Практична олимпијада од седум земји ќе ги стави младите пред вистински задачи: прецизно и безбедно управување со механизација и креативно цветно аранжирање.

На AGROMAK AGRO SKILLS CUP 2026 - практична олимпијада на која ќе учествуваат околу 300 ученици од 20 земјоделски училишта од седум земји. ‘e е замислен како една од најдинамичните програмски целини на саемите. Учениците ќе се натпреваруваат во практичната дисциплина за земјоделска механизација, каде ќе покажат прецизност, правилно ракување и безбедност. Наместо механизацијата да биде само паркирана на изложбен простор, дел од неа ќе стане алатка за демонстрација на знаење и практична подготвеност.

Втората дисциплина – икебана и цветно аранжирање – ги поврзува хортикултурата, природните материјали, естетиката, презентациските вештини и тимската работа.

Во оперативната подготовка и координацијата на училишниот сегмент е вклучено ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ – Куманово, со цел натпреварувачките дисциплини, безбедноста и учеството на училиштата да се усогласат практично и навремено.

 Семејства и млади

АГРО ДЕТСКО КАТЧЕ е наменет за деца од предучилишна и основноучилишна возраст, со организирани групи од градинки, училишта и игротеки. Содржините не се сведуваат на забава: основата е учење преку допир, игра и практична активност, подготвен заедно со Здружението на просветни работници како образовен и стручен партнер.

Децата ќе учат како расте храната- „Од семе до растение“, зошто пчелата е важна - „Пчелата – мал голем херој“ и што значи да се грижиш за природата. Сето тоа  преку ликовен конкурс, агро-квиз, мала сцена, препознавање семиња, житарици и лековити билки и разговор за домашните животни и одговорната грижа за нив.

 Природа и рурален туризам

AGROMAK GREEN го носи „Козјак“ на саемот со планинари, билки, маршути и „Зелена книга“. Во работниот модел со Планинарското друштво „Козјак“ – Куманово се предвидува сопствен информативен пулт во текот на сите три дена, а во сабота, 3 октомври, организирано пристигнување на околу 150 планинари и гости од Северна Македонија и Србија.

Еден од најпрепознатливите елементи треба да биде „Зелената книга“ – место каде посетителите ќе запишуваат конкретни проблеми и предлози за отпад, диви депонии, патеки и сигнализација, води и извори, пожари, шуми, биодиверзитет, пристап и рурален туризам.

Во зоната се планираат и карти и информации за маршрути во Североисточниот регион, локално гостопримство со „Чај од Козјак“ и обновување на идејата за „Козјачки Биљобер“ – организирано собирање и препознавање лековити билки со водич, стручно лице, медицинска поддршка, практична едукација и поврзување со рурално домаќинство. Намерата е ваквите активности постепено да се развиваат и на други планини и во различни сезони.

Квалитет и доверба

Медот на овој саем нема да се оценува само по вкус, квалитетот треба да помине и низ лабароторија. Медот е производ со силна традиционална вредност, но довербата на потрошувачот денес бара и мерлив квалитет. Затоа AGROMAK Honey Quality Awards 2026 се развива како програма во која лабораториските анализи, стручната проценка и сензорното оценување треба да дадат посериозна слика за производот од класичното „убав вкус и боја“.

Предвидената аналитичка рамка ги опфаќа содржината на вода, електричната спроводливост, киселоста и pH, HMF, дијастазата, шеќерниот профил, поленската анализа и органолептичката проценка, со дополнителни параметри според стручниот партнер и важечките правила. Целта е пчеларите да добијат вредна повратна информација, а наградените производи да имаат признание зад кое стои јасна и проверлива постапка.

Животни, фарма, и одгледувачи

Од фармери до ретка раса: сточарството и клубот „Пет'л“ носат жива едукација на саемот. Сточарскиот сегмент е наменет за фармери, сопственици на добиток, ветеринари, факултети, ученици и компании.

Ветеринарно-стручната и сточарската рамка се развива во партнерство со ВСЦ „Тодор Велков“ – Куманово, додека конечниот обем на живи животни ќе зависи од важечките ветеринарни и биосигурносни услови во периодот на одржување.

Посебен карактер има IV изложба на украсна живина, птици и ситни животни. Континуитетот почнува во 2023 година, а во 2026 програмската организација ја презема Клуб „Пет’л“ во рамки на „ЖИВОТ“. Просторот треба да ги собере одгледувачите, семејствата и љубителите на ретки и украсни раси, со изложбен, ревијален и, доколку се обезбедат соодветни судии и правила, натпреварувачки карактер.

Покрај изложувањето, акцентот е на расите, селекцијата, исхраната, хигиената, биосигурноста и одговорното одгледување. Се развива и регионално поврзување со сродни клубови и одгледувачи, како основа за поширока PET’L BALKAN NETWORK.

Традиција, дестинации и луѓе

Руралниот развој, туризмот, ракотворбите и културната програма се поврзуваат во зона каде едно место може да се запознае преку вкус, фотографија, маршрутa, музика, носија и човек.

Во зоната за општини и туристички организации целта е посетителот да почувствува дека патува низ различни средини, а не дека собира флаери. Саемите работат на регионално учество од Северна Македонија, Србија, Косово и пошироко, со посебен акцент на прекуграничното поврзување и руралните заедници.

Паралелно се развива „Улица на ракотворци, традиција и креативни производи“ – тридневна продажна, демонстрациска, едукативна и медиумска зона. Накит, филигран, срма, вез, плетење, макраме, текстил, керамика, дрво, кожа, бакар, стакло, свеќи, декоративни сапуни, сувенири, играчки, природна козметика и други авторски производи треба да се прикажуваат не само како готова стока, туку и преку LIVE CRAFT: авторот работи пред посетителите и објаснува како настанува производот.

Националните заедници и културно-уметничките здруженија ја дополнуваат сликата со музика, носии, песни, танци, традиционална храна и гостопримство.

Наука, технологија и деловни средби

На AGROMAK, факултети, училишта, компании, стручни институции, фармери, општини и трговци добиваат простор за кратки презентации, практични демонстрации и однапред договорени деловни средби.

Научно-образовната и деловната зона е местото каде саемската енергија треба да се претвори во знаење и конкретен контакт. Темите се адаптираат кон учесниците, но основата ги опфаќа безбедноста и квалитетот на храната, современото производство, развојот на брендови, одржливите синџири на снабдување, ESG, извозната подготвеност, дигитализацијата, младинските вештини и развојот на домашниот синџир на вредност.

B2B и B2I средбите се замислени како кратки, однапред договорени разговори со јасна цел. На една маса може да седнат производител и трговец, компанија и хотел, општина и инвеститор, училиште и работодавач, туристичка организација и оператор или домашен производител и потенцијален извозен партнер.