„Маркетингот со додадена вредност е клучот за добро искуство на потрошувачите. Без него, маркетингот ќе биде само една бучава во морето од реклами. И нема никогаш да бидете лидер. Секогаш треба потрошувачот да биде во центарот на вниманието“, вели Наде Темелковска, бренд маркетинг координатор во „Нептун“. За тоа колку маркетингот е значаен за општеството и колкава е неговата моќ, Темелковска се осврна споделувајќи го своето искуство и знаење на Летната лидерска школа во делот на маркетингот и лидерството, организирана од „Меѓународниот Славјански Универзитет Г.Р. Державин“ и здружението „Младински борд“ од Штип.


„Како лидер на пазарот, маркетингот е од особено значење. Не само на парите кои се вложени туку и вложувањето во својот тим. Присутни сме на сите маркетинг настани и конференции, и дома и надвор. Во тек сме со сите трендови, сакаме да имаме поинвентивен маркетинг и на поинтересен начин да ја прикажеме нашата приказна. Воедно, и да им го олесниме на купувачите процесот на купување“, вели Темелковска.

Цена, квалитет, производ, промоција. Кога се создава маркетинг кампања мора да се внимава на се’. Според Темелковска, во оваа индустрија поголемиот дел од производите се исти. Голема предност за „Нептун“ е моментот што имаат палета на производи кои можат да се најдат само кај нив.
„Цените се горе - долу исти. Не смееш премногу да ја спуштиш цената, бидејќи нема профитабилност. Мора да најдеме друг начин да ги придобиеме муштериите. Ако го анализираме пазарот од маркетинг аспект, ќе видиме дека имаме премногу реклами насекаде. Ова им отежнува на брендовите да бидат забележливи. Клиентите развиваат т.н. „слепило од реклами“.  Тоа е кога на купувачите им е преку глава од премногу реклами. Дури 64 насто од луѓето сметаат дека се досадни и наметливи и во последно време ставаат блокери“, вели Темелковска.  


Надополнува дека како компанија, даваат големо значење на дополнителната вредност за потрошувачите.  Дополнителната вредност се однесува на: бесплатна испорака, продолжена гаранција, дополнително осигурување на производ. Исто така, може да биде и за ваучер при остварено купување по што добиваат поени за купување дополнителен производ.
„Имаме и неквалитетен маркетинг бидејќи компаниите сакаат да ги продадат своите прозиводи без да дадат дополнителна вредност. Пристапот е преопшт, а купувачите бараат персонализиран пристап порака упатена само кон нив“, децидна е таа.

Пристапот во инфлуенсер маркетингот

Овој тип на маркетинг, вели Темелковска, дава големи резултати, ако има правилен пристап. Оценува дека компаниите се соочуваат со ситуација кога има премногу инфлуенсери, кои рекламираат различен тип производи.

„Суштината на еден инфлуенсер е дека има еден животен стил и пропагира само една работа. Дали технологија или здрав начин на исхрана. Ние се соочуваме со инфлуенсери каде можете да ги видите на 30 реклами во комплетно различни области. Тоа значи дека брендовите кога ќе го дадат произоводот на инфлуенсерите, тие нема да ја имаат вистинската публика. Публиката нема да му верува, бидејќи не може да биде експерт во различни области. Ние како брендови сакаме да го пласираме производот кај инфлуенсерите. Гледаме дека тој канал е многу ефикасен, но се потешко наоѓаме вистински инфлуенсери. Се надевам дека овој тренд во идина ќе се смени, а брендовите внимателно ќе ги избираат. А тие ќе сфатат дека ќе ја изгубат својата публика претставувајќи се во различни светла“, вели Темелковска.

Како што соопшто, планот на „Нептун“ е да продолжи да се менува во зависност од желбите и потребите на клиентите.

„Ако очекуваме лојалност од нивна страна ние мора да им покажеме дека ни значат. Ако нашите клинети се задоволни ќе станат лојални и бреднот ќе се зацврсти и продажбата ќе порасне. Ќе работиме на персонализирани пораки кон клиентите“, најави Темелковска.

Она што е новитет е дека „Нептун“ ќе отвори продавница во „Ист гејт мол“, како што се најавува со иновативна промоција. Трговскиот центар е предвидено да биде отворен наесен.