Лајонизам - посветеност на највисоките идеали за хуманитарна работа. -Лајонизмот е верба дека луѓето од различни националности и вери, разделени со граници, океани и недоверба, може да се здружат во помагање да се постигне подобар свет. Лајонизмот е збир на принципи според кои се живее, упатство за служење во заедницата, за етичка бизнис одговорност и меѓучовечки однос“, вели нашата соговорничка Весна Пацаноска, Гувернер на Лајонс Дистрикт 132-  Национална асоцијација на Lions клубовите на Република Северна Македонија. 

Пацаноска во интервју за Анторис магазин објаснува кои се целите и активностите на Лајоните. Говори за хуманоста на многу луѓе кои се подготвени во секое време да ја пружат својата поддршка и несебично да подадат рака на сиромашните, болните, хендикепираните и беспомошните. Или, како што самата вели, сите тие активности се собрани во нашето мото: „Служиме“ ("We serve"). А,  најголемите предизвици може да се надминат со силата на добрината.

Лајонизам - посветеност на највисоките идеали за хуманитарна работа

„Служиме“ ("We serve")


*Оваа лајонистичка година, Вие сте Гувернер на Лајонс клубовите, Дистрикт 132. Што точно значи лајонизмот како хуманитарно светско движење?

-„Не можете да стигнете многу далеку, додека не почнете да правите нешто за некој друг." Оваа перцепција е основниот темел на движењето Лајонизам, основано од авторот на оваа изјава, Мелвин Џонс.

Лајонизам е посветеност на највисоките идеали за хуманитарна работа: заедница на луѓе кои се обврзале да помогнат на оние што имаат потреба, преку сите средства што им стојат на располагање.

Лајонизам е верба дека луѓето од различни националности и вери, разделени со граници, океани и недоверба, може да се здружат во помагање да се постигне подобар свет. Лајонизам е збир на принципи според кои се живее, упатство за служење во заедницата, за етичка бизнис одговорност и меѓучовечки односи.

Лајоните ширум светот се подготвени, во секое време, да дадат несебична помош во своите заедници и на луѓето кои имаат помалку среќа. Нашата цел е да сториме се што е можно за да ја олесниме сиромаштијата, болестите, гладот на секој човек.

Целите на Лајонизмот може да се генерализираат многу едноставно: ние сме покрај страдалниците кога ќе побараат помош. Подготвени сме и способни да ги иницираме и поддржиме проектите во заедницата, доброволно подаваме рака на сиромашните, болните, хендикепираните, оние без пријатели и беспомошните. Нашето мото е „Служиме“ ("We serve").

Секој клуб во Дистриктот има свои цели и секој Лајон има индивидуални стандарди. Секој Лајонс клуб е најважната единица на нашата Асоцијација. Меѓународната асоцијација на Лајонс клубови секој Лајон го смета за свој член. Но, како индивидуа, секој лајон припаѓа на одреден клуб. Клубот е член на таа асоцијација.

„Лајоните им помагаат на Лајоните да му служат на светот“


Обединетите нации го одбележаа 24 -ти март како Интернационален ден на Лајонизмот. Со тоа светот даде признание за извонредното служење, кое што Лајоните му го дадоа на човештвото низ целата земјина топка. Имаме Меѓународна Лајонс фондација (LCIF) чијашто цел е: „Лајоните им помагаат на Лајоните да му служат на светот“.

Донациите од Лајоните, од поединци, од компании од цел свет, обезбедуваат финансирање преку Лајонс фондацијата во форма на грантови за финансиска помош на Лајонс окрузите ширум светот и за хуманитарни проекти кои се премногу скапи за поеднично финансирање. Особено сме горди и посветени на тоа повеќе наши деца и млади луѓе да ги научиме на човечките вредности и вредностите на лајонизмот, да живеат според мотото на основачот на лајонизмот.

Секој Лајонс клуб може да си оформи свој клуб со подмладок и да работи и да ги води тие млади луѓе. Вакви Лео клубови имаме речиси во сите градови низ државата и нивните резултати во хуманата работа се извонредни.

* Како се справува лајонизмот со пандемијата Ковид 19 и дали се зголемени вашите активности?

-За време на пандемијата, сите наши активности продолжуваат со ист интензитет, дури и повеќе. Најважниот момент во оваа цела несреќна ситуација е безбедноста на нашите членови при давање на помош. Се прилагодуваме на ситуацијата, нашите едукации се онлајн, нашите состаноци се онлајн, подготовките за хуманитарните активности се онлајн. Реализацијата на самата активност и помошта ја правиме со максимално почитување на мерките и протоколите, со максимална заштита на нашите Лајони, но и на оние на кои им даваме помош.

Нашите акции за време на пандемијата, како и секогаш, се во сите области каде помагаме, но се разбира, во минатата година и пол, повеќе хуманитарни акции се сведоа на активности како последица на Ковид-19. Меѓу првите, уште во првиот месец од пандемијата, имавме акции со донации на маски, заштитни ракавици, дезинфекциони средства, дигитални термометри, постелнина, перници, храна, вода во болниците низ државата и на Инфективната Клиника во Скопје. Потоа, помош на луѓе во изолација, за набавка на лекови и храна, помош на семејства од социјална категорија, во домовите за напуштени деца. Исто така, донации за помош при неодамнешните пожари од лични средства на членовите на Лајонс клубовите и други активности.

Служењето на Лајоните е повеќе збир на нашите колективни дела - тоа е извор од нашето срце. Како Лајони служиме да ги видиме нашите средини на живеење и нашите заедници инспирирани, среќни и преобразени. Веруваме дека дури и најголемите предизвици може да се надминат со силата на добрината.


Хуманитарна организација- каде избраните лидери работат волонтерски


* Постојат ли хумани поединци во Северна Македонија кои се подготвени да помогнат на оние на кои најмногу им се потребни и како го прават ова преку Лајонизмот?

-Сакам да нагласам дека Lions Clubs International e најголема светска клупска хуманитарна организација со над 1.400.000 членови, со над 48.000 клубови во над 200 држави во светот.

Една од ретките, ако не и единствена хуманитарна организација во светот, каде избраните лидери на организацијата работат волонтерски, без никаков финансиски надомест, за разлика од други хуманитарни организации каде функциите се платени.

Нашата работа е од срце. Нашата организација е светски бренд, препознатлив сам по себе, по својот ангажман во заедницата и пошироко и по длабока посветеност во хуманитарната работа. Со задоволство може да кажам дека во нашата држава имаме прекрасни луѓе, поединци кои донираат сопствени финансиски средства, храна, облека, покуќнина, учебници, лаптопи, таблети и многу други потребни работи за семејствата. Тие поединци сакаат да останат анонимни за јавноста, но своите донации ги прават преку нас, затоа што сме организирани, професионални, посветени, од доверба дека нивните донации, ќе стигнат на вистинската дестинација.

Исто така, среќна сум што имаме општествено одговорни компании, кои донираат секогаш кога ќе побараме или ќе се јават сами за помош и со кои имаме прекрасна соработка. Но, ќе бидам уште посреќна, доколку нивниот број се зголеми. Ме радуваат најавите за потпишување меморандуми за континуирана соработка, онака како што тоа се прави во останатите држави во светот. Овде упатувам јавен повик до компаниите и поединците на што поголема соработка, бидејќи и потребите за помош во сите области на живеењето, во време на пандемијата, се зголеми. Тука ќе ја нагласам и одличната соработка со државните институции, без која многу акции не би биле реализирани.


Витези на слепилото"


* Кои се ваши таргет групи на кои помагате?

-Лајонс клубовите планираат и учествуваат во широк спектар проекти за сервис, што ги исполнуваат меѓународните цели на Lions Clubs International (LCI), како и потребите на нивните локални заедници.

Меѓународните цели на LCI се во пет главни области на делување: вид; дијабет; детски канцер; глад и животна средина. Но, исто така и за деца и млади, за слух, канцер. Кај највозрасната популација, сиромаштија, елементарни непогоди и секоја област каде има потреба.

Нашата мисла водилка е „таму каде што има потреба, таму е Лајонот" ("Where there is a need, there is a Lion"). Примерите вклучуваат донации и кампањи во локалната заедница.

Инаку, пари се собираат и за меѓународни цели. За таа цел е оформена Меѓународната Лајонс Фондација (LCIF). Донираме секогаш меѓу првите, како што спомнав и претходно. Освен за локално, пари се собираат и за меѓународни цели. На пример, за земјотресот во Индискиот Океан во 2004 година и тајфунот Хаијан (Јоланда) во 2013 година. Тогаш Лајоните и Лајонс фондацијата обезбедија помош за настраданите од катастрофите, локално и од целиот свет, со донации и обврски што надминуваат милион американски долари.

Пари се собираат и за поддршка на меѓународни кампањи, координирани од Меѓународната фондација Lions Clubs (LCIF), како што се Sight First и Lions World Sight Day, којшто беше воведен во 1998 година за да го привлече вниманието на светските медиуми кон состојбата на губење на видот во земјите во развој.

Лајоните прават разновидни кампањи, за да ги финансираат овие проекти. Ние, Лајоните, се фокусираме пред се на работата со слепите и лицата со оштетен вид. Тоа го започна Хелен Келер во 1925 година и оттогаш Лајоните се наречени „Витези на слепилото". Но, Лајоните исто така спроведуваат проекти за скрининг на слух, канцер, дијабет.

Обезбедивме финансиски средства за Институтот за уво и слух, како центар на извонредност во дијагноза, управување и истражување на нарушувањата на увото и слухот. Лајоните, исто така, помогнаа во формирањето на Институтот за вид. Во Бризбејн, Квинсленд, за Фондацијата за медицински истражувања, обезбедуваат средства за голем број истражувачи.

Првичната работа на Јан Фрејзер, што доведе до развој на ХПВ вакцина за човечки папиломавирус, што може да доведе до рак на грлото на матката, беше финансирана од Лајонс фондацијата за медицински истражувања и многу други проекти.

Во Македонија-бесплатни скрининзи на видот на деца од предучилишна возраст


Во Северна Македонија добивме проект во вредност од над 500.000 долари од USAID и LCIF, со кој се направија бесплатни скрининзи на видот на околу 30.000 деца од предучилишна возраст во градинките и руралните средини низ државата. Беа откриени аномалии во видот на 10-11 отсто од прегледаните деца.

Добиената апаратура ќе се користи и понатаму од обучени Лајони во Македонија за бесплатни скрининзи. Веќе во нашата држава имаме и законско решение од 2021/2022 учебна година, сите идни првачиња, за упис, задолжително да имаат потврда за направен скрининг за вид, заедно со потврдите за примени вакцини и направен стоматолошки преглед.

Нашиот фокус и работа е исто така и во заштитата на животната средина и во многу други области. Имаме месечни размени на млади кои доаѓаат кај нас и наши млади кои одат насекаде во светот под заштита и во организација на Лајонс клубовите. Многу стипендии за млади за школување, за талентирани млади за наука, спорт, музика, награди за натпревари за музички таленти, за слика, за фотографија итн.

Критериуми за членство


*Како се станува член на Лајонсите? Кои критериуми се важни за еден човек да биде лајон? Кој е мотивот да се биде лајон?

-Лајонизмот е начин на живот. Да се биде Лајон значи зад себе да се остават сите предрасуди, да се зачуваат само за себе своите религиозни и политички уверувања.  Членот не треба да ги меша или наметнува при членување во Лајонс клубот. Тој треба да вложи дел од своето слободно време, дел од своите финансиски средства, својата позитивна енергија, својата подготвеност да помага таму каде што може. Односно, да ја вложи својата волја за помош и љубов, кон оние кои се помалку среќни од нас. Тоа се критериумите за членство.

Имаме годишна членарина која е прилагодена на нашите стандарди. А, задоволството и среќата од тоа што си донирал и помогнал е огромно. Кога ќе ја видиш радоста и насмевката на лицата на несреќните луѓе после донацијата е посебен момент кој те исполнува и те поврзува со тие луѓе. Тоа е прекрасна размена на позитивна енергија. Оттука произлезе моето гувернерско мото за оваа година за служење во заедницата „Да ги обединиме срцата преку служење" ("Unite hearts through service"). Да ги споиме срцата на тие што служат и на оние што се услужени.


 Лајонизам животот- креира идеи за хуманитарни проекти


* Освен што реализирате хуманитарни активности, постојат ли други начини на соработка меѓу членовите, постои ли т.н.”лајонистички живот"?

-Секогаш е добро освен работа, да се слави успехот и да се оддава признание за ангажманот и вложениот труд. Тоа мотивира и инспирира. Ниту лајонизмот не е исклучок. Се среќаваме низ хуманитарната работа со многу несреќа, со многу жалост. Кога ќе се реализира успешно некој хуманитарен проект независно од  големината, задоволството е огромно. Ние Лајоните работиме без финансиски надомест, напротив, даваме свои средства, но членувањето во Лајонс асоцијацијата овозможува комуникација и контакти со луѓе Лајони од секоја возраст, пол, професија, различни сфери на бизнис и различни професии.

Преку комуникацијата од тоа членување и работење на заеднички хуманитарни проекти, произлегуваат многу бизнис релации и соработка, не само во државата туку и во светот. Преку тие дружења на Лајоните се воспоставуваат контакти, се прават и приватни фамилијарни пријателства и другарства ширум светот. Дружењата и хуманитарните забави секогаш се проследени со собирање на финансиски средства преку аукции на слики и слично. И што е многу важно, на тие незадолжителни дружења, произлегуваат најдобрите идеи за хуманитарни проекти.

М. Балдазарска