Доколку се пребарува на „Фејсбук“ под називот „Кам маркет фанс“ се појавуваат десетици вакви страници со исто или слично име. Според проверката што ја направивме, дел од нив се регистрирани од неодамна и немаат споделувано никакви постови, додека во другите страници се полни со објави за лажни наградни игри. 

„Кам маркет“ е една од компаниите кои веќе неколку години се пикирани како мета на измамниците. Но, и многу други. Под превезот дека се работи за вистински компании и наградни игри, се злоупотребуваат логоата и имињата на домашни и странски брендови на ланци на маркети, банки, продавници за бела техника, нафтени гиганти…За беспари или за симболични суми се подаруваат мобилни телефони, ваучери за бензин или пазарување од маркети, велосипеди, кеси со подароци, правосмукалки по цена од 123 денари, па дури и нов автомобил.

Дека ваквиот тренд трае од поодамна, потврдуваат и од Агенцијата за заштита на личните податоци. Од таму велат дека ѓраѓаните кои ги дале своите лични податоци за лажни наградни игри, доаѓаат во Агенцијата со чувство на срам и на страв, за да се информираат за можните последици. Кај нив биле пријавувани и искуства на граѓани кои на измамниците им давале дури и податоци од платежни картички како и копии од личните документи. Но, сепак, засега нема такви претставка за претрпена финансиска штета откако биле измамени на овој начин да ги дадат своите лични податоци.

„Откако лицата беа измамени во однос на лажните наградни игри, подоцна се срамеа да споделуваат нашите соопштенија или соопштенијата кои ги објавуваа фирмите кои пробаа во нивно име да направат злоупотреба на нивните лични податоци. Постоеше срам дека тие самите биле виновни што не е вистина, бидејќи овие измами се направени од професионалци и секој може да падне на ваков вид на измама“, велат од институцијата.

Агенцијата за заштита на личните податоци не е надлежна во откривање на тоа кој стои позади тие лажни Фејсбук страници кои го мамат граѓаните. Законски, надлежноста паѓа во рамките на МВР. Во полицијата, покрај граѓаните, пријави за измами од Фејсбук страници кои се претставуваат во име на познати брендови доставуваат и компаниите. Иако прашавме, од МВР не успеавме да добиеме податоци за колкав број пријави станува збор низ годините и дали некоја од нив резултирала и со конкретна кривична пријава.

„Имаме пријави, но, за среќа досега немаме со финансиски последици. Граѓаните најчесто пријавуваат кога ќе видат дека се измамени, токму за да се заштитат од такви измами“, велат од МВР. 

Стравот на граѓаните кои одлучуваат да пријават дека некој незаконски им ги собрал и злоупотребил личните податоци е бидејќи после извесно време ќе им стигне известување дека подигнале брз кредит од финансиските друштва без тие воопшто да знаат. Но, од полицијата смируваат дека засега таква поврзаност нема.

„Има случаи на вакви злоупотреби и обиди за злоупотреби, но, не е поврзано со наградните игри. Засега немаме случаи каде е поврзано со наградните игри, но имаме случај со злоупотреба каде некои луѓе ги отстапуваат своите податоци, на блиски луѓе кои подоцна ги злоупотребуваат“, објаснуваат од МВР. 

И од Агенцијата за заштита на лични податоци и од МВР апелираат граѓаните да не наседнуваат на вакви измами бидејќи можат да почувствуваат и последици по нивните финансии. Со очи широко отворени, да бидат многу претпазливи кому и со која цел го откриваат својот идентитет и ги споделуваат личните податоци.