„Драги пријатели во Македонија, возбуден сум што конечно ќе ја доживеам магијата на прекрасната Македонија. Ова е моја прва посета и со нетрпение очекувам да се сретнам со македонската публика и да ја споделиме оваа специјална вечер заедно“, рече легендарниот тенор Пласидо Доминго во видеопораката на вчерашната прес-конференција на која беше најавен неговиот концерт. Тој е втор од легендарните тројца тенори, заедно со Лучано Павароти и Хозе Карерас кој настапува во нашата земја. Карерас гостуваше на „Охридско лето“ во 2005 година.
Концертот на Доминго е закажан на 14 март во 21 часот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Тој ќе настапи заедно со Марија Хозе Сири драмски сопран, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет и под диригентската палка на шпанскиот диригент Жорди Бернасер.
Настанот се одржува во организација на Македонскатаа опера и балет во копродукција со „Прагма продукција“ и со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам. Настанот предизвика огромен интерес не само кај домашната јавност, туку и во целиот регион.
Концерт кој ќе ја позиционира Македонија на светската сцена
“На 14 март Скопје ќе биде домаќин на еден од најзначајните музички настани во својата историја. Овој концерт е наша шанса за позиционирање на Република Македонија на светската сцена“, посочи Оливер Арсовски, директор на Македонската опера и балет.
Маестро Пласидо Доминго во својата 50-годишна оперска кариера извел над 150 солистички улоги. Над 4 400 настани, од кои 600 настапи како диригент се потврда за неговиот уметнички статус. Тој е едно од најпочитуваните имиња од класичната музика кој има добиено безброј признанија и престижни награди, вклучувајќи и 12 Греми награди. Член е на Тројцата тенори со Хозе Карерас и Лучано Павароти, режисер и диригент, но и почесен уметнички директорт на стогодишниот фестивал Arena di Verona и генерален директор на операта во Лос Анџелес и на Националната опера во Вашингтон. Ова се ангажмани со кои маестро Доминго ја потврдува својата интернационална кариера со репутација на извонреден пејач, но пред се и извонреден уметник. Тој е основач и претседател на престижниот меѓународен натпревар за пеење „Опералија“ кој го формира со цел да открие и промовира млади таленти. Ова се карактеристиките со кои Арсовски го опиша овој светски оперски уметник.Па, продолжи:
-Марија Хозе Сири е драмски сопран број еден во светот. Таа е признаена како извонреден интерпретатор на најпознатите хероини на Верди и Пучини од Ленора до Батер Флај. Бележи над 150 настапи во улогата на Аида, а има настапено и на Мајските оперски вечери во 2010 година. Таа гостува во врвни оперски куќи, низ Европа, Азија, Америка, маѓепсувајќи го оперскиот свет со својата уметност, страст и моќно сценско присуство.
Шпанскиот диригент Жорди Бернасер, пак, соработува со Доминго од 2012 година. Тој е еден од врвните шпански диригенти денес. Редовно настапува во најпрестижните театри и со реномирани артисти, а сега со оркестарот на Македонската опера и балет, што за нас е голема чест, рече директорот на МОБ.
Директор на Македонската опера и балет ја образложи и програмата на концертот. Таа ќе биде поделена на два дела. Првиот дел ќе биде од италијанската музичка литература, од познатите арии на композитори Белини, Верди, Пучини…, а вториот дел ќе биде повеќе проткаен со музичка литература од шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус, и Лехар.
Посебно се горди што Пласидо Доминго ќе настапува со нашиот нацинален хор и оркестар, бидејќи не секогаш е пракса на светските ѕвезди да настапуваат со националните оркестри.
Ова е специјално гостување, а не дел од некаква турнеја
Христијан Стефановски од Прагма продукција пак, посочи дека идејата за гостување на Плсидо Доминго постои веќе неколку години.
„Минатата година конечно во разговори со Националната опера и балет постигнавме договор годинава маестрото да гостува кај нас. Ова е специјално гостување и не е дел од некаква турнеја, што е наше најголемо достигнување, дотолку повеќе што се случува 20 години од гостувањето на тенорот Хозе Карерас да имаме една ваква ѕвезда во нашата држава“, посочи Стефановски.
Тој се заблагодари на МОБ, Министерството за култура и спонзорите на чело со генералниот „Алкалоид“ за кои рече: ни дадоа мотив за гостувања на вакви светски ѕвезди ...
Во однос на барањата на ѕвездата, тој рече дека за разлика од некои новокомпонирани балкански ѕвезди, светскиот тенор имал скромни барања, кои пред сѐ се однесуваат за сместувањето и храната.
„Некои нови балкански ѕвезди имаат многу поголеми барања од суперстарот како Доминго, објасни тој, посочувајќи дека Доминго навистина имал желба да настапи во нашата земја, која ја почитува и со самото тоа што во својата порака ја нарече – Македонија.
Стефановски додаде и дека интересот за билетите за овој настан е голем и во земјите од соседството, како од Бугарија, Србија што ќе донесе за туристичка промоција на Македонија. „Ваквите настани, како концертниот туризам, односно гостувањето на светски ѕвезди се покажа како еден од најпопуларните начини за промоција на нашата земја.“
На концертот се очекува да присуствуваат околу 7000 посетители, а картите се движат од 2000 до 5000 денари- цена, за која Стефановски вели дека е најевтина за една ваква светска легенда.