Логистичкиот центар што германскиот синџир Лидл планира да го гради во Новата индустриска развојна зона во Горно Коњаре во Куманово, ќе биде регионален, а не само за македонскиот пазар.

Компанијата „Лидл“,вчера на јавна лицитација купила земјиште од Општина Куманово во вредност од 5,3 милиони евра.

На локација во индустриско-развојната зона во Горно Коњаре, м.в. Новине и Речица, компанијата ќе гради дистрибутивен центар.

Како што информираат од Општина Куманово, вчера била спроведена постапка за отуѓување на градежно земјиште во сопственост по пат на електронско јавно наддавање, со намена Г4-стоваришта и складови на локација во новата индустриска развојна зона во Горно Коњаре, м.в. Новине и м.в. Речица, стои во соопштението од Општина Куманово.

Оттаму додаваат дека компанијата ДТМ ЛИДЛ Северна Македонија ДООЕЛ, со седиште во Скопје купила околу 17 хектари површина по цена од 325,9 милиони денари, односно 5,3 милиони евра.

На јавната лицитација се стигнало до понуда од 1.906 денари по метар квадратен.

– Во наредниот период следува завршување на административната постапка за избор на најповолен понудувач и по исполнување на сите услови пропишани во јавниот повик, имотот ќе премине во сопственост на најповолниот понудувач по што ќе следува инвестиција од нивна страна, велат од локалната самоуправа.

 За влезот на Лидл во Македонија преку бугарската ќерка фирма се зборува со години, а компанијата веќе гради маркет во Битола, со најави дека ќе се гради и во Скопје и во Кавадарци.