LinkedIn издвои пет најбарани занимања, АВРМ, многу повеќе. Според последната анализа на АВРМ за барани занимања од работодавачите во Македонија (за 2020) тешко дека може да се изделат само пет занимања.
LinkedIn издвои пет најбарани занимања, АВРМ, многу повеќе
Факт е дека короната го промени светот во многу сегменти. И самите сме сведоци на бројни промени пред се во начинот на извршување на обврските . Сега, кога ситуацијата е многу постабилна, некои промени остануваат трајни. Многу од нив се поврзани со деловни и тековни занимања. LinkedIn направи пресек на професии што би можеле да доминираат во 2021 година, меѓу кои како најдобри пет се издвојуваат следните:
- Работниците вработени во областа на онлајн трговија и оние кои вршат достава - се дефинитивно една од најбараните категории на пазарот на трудот. Добрата вест е дека оваа работа не бара никаква специјална обука или преквалификација, но треба да бидете пргав, брз, оперативен, да бидете возач (ако се занимавате со испорака). На ниво на САД, растот на вработеноста во овој сектор е изразен преку 73 отсто од 2019 година, пренесува Телеграф Бизнис.
- Банкарите задолжени за заеми и кредити имаат и полни раце работа овие месеци, поради кризата што ја наметна пандемијата. Од друга страна, ниските каматни стапки принудија многумина да влезат во процес на купување на својата нова, или прва куќа или стан. Од 2019 година, вработувањето во овој домен е зголемено за 59 проценти.
- Здравството е исто така област која продолжува да напредува, особено имајќи предвид дека скоро сите земји во светот ветија дека ќе инвестираат повеќе во него во наредните години. Имено, во 2021 година, фармацевтските техничари, негуватели, медицински сестри, здравствени тренери се многу барани. Така, вработувањето во овој сектор скокна на 34 проценти во споредба со годината пред короната.
- Професионалците за развој и продажба на деловни места се рангираат на четвртото место на оваа листа. Од 2019 година, побарувачката за нив се зголеми на 45 проценти во Соединетите држави, а тие првенствено се занимаваат со финансии, советувања, консултации и стратегии.
- Креаторите на дигитални содржини и стручњаците за дигитален маркетинг се едни од водечките занимања оваа година. Вработувањето е зголемено за 33, или 49 проценти од 2019 година. Бидејќи продажбата на Интернет заживеа за време на пандемијата, а светот „се префрли“ на мрежи и Интернет, така се појави и потребата од овие експерти.
Во Македонија има потреба за повеќе професии
Во нашата земја во моментот има 7 777 слободни работни места. Додека заклучно со мај евидентирани се 17 250 невработени лица. Очигледно дека има диспаритет во однос на образованието и потребата на соодветен кадар на пазарот на трудот.

Во однос на професиите и потребата од соодветни занимања, Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија направила Анкета за потребите на пазарот на трудот (за 2020 г.) меѓу работодавачите во Македонија. Врз основа на резултатите од оваа анакета за минатата година, врз основа на степенот на потребно знаење (образование) приоритетите при вработување се поделени во неколку категории.
Со високо образование како барани професии се нагласени: програмери, економисти, машински инженери, систем администратор, градежен инженер, новинар, доктор по општа маедицина и интернист. Во оваа група барани професии се и: инженер технолог за фармацевтски производи, инженер технолог, сметководител, економист за осигурување, фармацевт, маркетинг агент, информатичар, инженер за индустриска логистика, архитект, електроинженер- контролор. Потоа, проектен менаџер, графички дизајнер, инженер на софтвер, инженер за компјутерски науки, администратор на бази на податоци, аналитичар програмер, економски аналитичар, бизнис аналитичар, тестирач на софтвер, информатички инженер....
Со средно и вишо образование, претприемачите потенцирале потреба од технички оператор, оператор за машинско одржување, машински техничар, администратор, комерцијалист, електротехничар, инспектор за контрола на квалитет, медицинска сестра, референт за продажба. Потоа техничари: рударски, градежен, фармаколошки, хемиски, електромашински, графички, шпедитерски, компјутерски, електроенергетски.Како и технолог, систем-оператор, информатичар на систем и други.
Во групата на барани занимања се истакнуваат и потребите од шивачи, келнери, касиери, заварувачи, обезбедувачи (заштита на имоти и лица) возачи на такси, автобуси и камиони, градежни работници, пекари, магацинери, столари, бармени....хаус мајстори, лимари, армирачи...
Додека во групата со основно образование се бараат општи работници во преработка на тутун, на производни линии, за утовар, претовар и пренос на товар, хигеничари, чевларски работници, пеглачи, дистрибутери...
Според анкетата и покрај потребата од овие занимања, работодавачите ја огласуваат потребата од кадар со работно искуство... Секако за многу од овие професии се бараат и дополнителни знаења и вештини ...
Анкетата за потребата од вештини на пазарот на трудот обезбедува корисни краткорочни показатели за очекувањата на работотдавачите во однос на новите вработувања и потребите од вештини со кои лицата треба да располагаат за да можат истите да бидат конкурентни на пазарот. Но, и покрај сите ови показатели неусогласеноста меѓу кадарот кој бара работа и занимаењата кои ги бараат претприемачите се` се уште далеку едни од други.
М.Б