-Лековитоста на магарешкото млеко е позната од древни времиња, уште од времето на Хипократ, тој ја препознал, а го користела и Клеопатра за убавината на својата кожа. И на нашиве простори, лекувањето на црната кашлица со магарешко млеко и некои други специфични и тешки болести се пренесувало од генерација на генерација.
Фармата на Тео, каде се произведува органско магарешко млеко, се наоѓа на селскиот имот на седумчленото семејство Велиновски во Виничани во Општина Градско. Ова, е можеби единствена фарма со магариња во земјава, но влева доверба и надеж дека малите земјоделски производители се пример за изнаоѓање и креирање на нови продуктивни производи, пренесување на искуството на младите и за зачувување на македонското село. Брачниот пар Велиновски имаат пет деца од кои првите две веќе факултетски образовани, кои живеат со своите родители и многу помагаат во семејниот бизнис. Но, во секој случај најголем обожавател на фармата е седмоодделенецот Тео по кој е насловена и семејната фарма со магариња.
Но, да ја започнеме приказната за ова вредно семејство со ред. Ристо Велиновски со земјоделство се занимава од најрано детство, со оглед на тоа што потекнува од земјоделска фамилија. Во меѓувреме покрај одгледување на земјоделски култури повремено се занимавал и со транспорт, возел камион и пропатувал низ голем дел од светот.
Идејата за бизнис со магарешко млеко, како што раскажува Велиновски, - тлееше подолг период имајќи предвид дека едно од нашите деца беше алергично на многу прехранбени производи. Па обидувајќи се да му помогнеме, не само со класичната туку и со алтернативна медицина. За полезноста од магарешко млеко имав слушано од постари луѓе, се знае како е во нашиве краишта, секој што ќе си најде аманет од некој лек, го пренесува искуството и на други луѓе. И така од генерација на генерација. Тоа ме заинтересира, најдов многу записи и читав бројна литература. Па осознавањето за лековитоета на магарешкото млеко се испреплете со почетната идеја да направиме здрав производ. Затоа одлучивме да формираме фарма со магариња, период кој се поклопи со појавата на короната“, објаснува Велиновски.
Магарешкото млеко полезно за околу 40 здравствени тегоби
Тој раскажува дека иако претходно немал некои посебни познавања околу одгледувањето на магарињата, кои порано за волја на вистината се користеа претежно за пренесување на товар, сепак почнал постудиозно да се информира и за начинот на одгледување на ова домашно животно и за благодатите од млекото добиено од него.
„Многу читав за магарешкото млеко, за бенефитите кои ги има по човековото здравје - помага за дишните патишта, за слабокрвност, анемија, астма, значи лекува или влијае на подобрување на здравјето на околу 40 здравствени тегоби и што е најважно е број еден за зацврстување на имунитетот.“
И така, ја продолжува приказната Велиновски, - откако половина свет го поминав со возење на камиони, се одлучив да отворам фарма. Магарињата ги купував од разни краишта на Македонија. Навистина тешко се набавуваат, бидејќи се во изумирање, да не речам цела земја ја преорав.
Започнавме со 10 магариња. Претежно се балканска раса која ја има на овие простори, а цената за едно магаре се движи д 300 до 500 евра. Но, иако животниот век им е околу 40-ина години за да имаат млеко треба да се помлади,“ вели нашиот соговорник.
Сега поддржуваат и расплод, ги селектираат женските прлиња и ги задржуваат, додека другите ги продаваат. Денес „Фармата на Тео“ располага со околу 50 магариња.
Кога се во прашање условите за одгледување и негување на овој добиток кој е во изумирање, Велиновски објаснува дека магарињата се многу специфични и во зависност од однесувањето на секоја единка ги чуваат одвоено по неколку во повеќе покривни штали кои се дел од фармата на нивниот сопствен имот. -Покрај на затворен простор, ги пуштаме и на слободна паша. Имаме наши ливади. Произведуваме самите храна, тоа е неопходно за да се опстане. Одгледуваме луцерка, детелина, и други житни култури, а купуваме и планинско сено. Имаме механизација и повеќе покриени делови од фармата како за чување на храната,така и за добитокот.“
Целото седумчлено семејство е ангажирано околу фармата
Овој вреден земјоделец вели дека за да се одржува фармата со магариња потребо е многу трпение, работа и љубов кон животните. „Ц елото седумчлено семејство сме ангажирани (пет деца) околу нив. Ова е семеен бизнис. Успехот зависи од тоа како размислуваш, ако го гледаш и очекуваш само фиансискиот дел, ќе се откажеш за еден месец. Ако гледаш подолгорочно и ако го работиш со љубов е подруго. Односот на овие животни зависи од вашиот однос кон нив,“ уверува Велиновски.
Кога е во прашање бизнисот и бенефитот од работата, Ристо објаснува дека во зависност од периодот на лактација, една магарица во основа дава најмногу до 300 милилитри млеко дневно.
И како што вели, сето тоа зависи од одреден временски период. Практично кога се во репродукциски период, 12 месеци и периодот на лактација, најчесто околу три до четири месеци не се користи млекото. Тоа е отприлока околу две години. „Секоја магарица е приказна за себе ... Имајќи ги предвид сите овие специфики, во овој период молзиме околу 10-ина магарици и тоа се случува во континуитет...Инаку, молзењето не е автоматизирано како кај кравите, туку се молзат рачно.“
Бидејќи не се работи за големи количества, нема застој во пласманот на млекото. Млекото најчесто како и што нагласивме погоре го земаат за лек. Цената за 100 милилитри магарешко млеко е 350 денари. Се пие минимум 150 милилитри дневно во континуитет од 21 ден за да се почувствува благодатот или да се излекува одредена болка од телото.
Стартувавме за добро на семејството, па сега даруваме живот и на други луѓе
Семејството не е запознаено дали има други производители на магарешко млеко. „ Магарето е благословено, се смета за свето- шарките на неговиот грб се во форма на крст и според верувањата, магарето ја внело Богородица во пештерата каде е роден божјиот син. Ние стартувавме за добро на семејството, па сега даруваме живот и на други луѓе, “ се надоврзува и сопругата на Велиновски.
Фармата е крстена по Тео, кој како што објасни неговата мајка бил алергичен на околу 40 производи, градинарски, млечни, месни, но користејќи го магарешкото млеко, ова младо момче сега не само што нема здравствен проблем туку е и пример како треба да се вроди и негува љубовта и кон домашната, во случајов земјоделско-сточарска работа и кон училиштето. Инаку, Тео е одличен ученик, помага и се грижи за животните во фармата, вљубеник во музиката и голем песнопеец. И не можам да не забележам дека ова позитивно дете е присутно на манифестациите и саемите за здрава храна, каде со воодушевување и гордост зборува за одгледувањето и грижата за добитокот на нивната фарма.