Во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга денеска официјално почна со работа канадската компанија „Магна Мирорс“ која произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на најзначајните производители на автомобили во светот. Според изложениот бизнис план на компанијата во наредните 10 години се планирани над 1.300 вработувања и инвестиција од вкупно 39 милиони евра.

Во моментот работат 324 лица и со тест производството, кое трае повеќе од една година, заклучно со септември остварен е износ од над 13 милиони денари.

Инвестицијата во Струга, според претседателот на Владата, е потврда за заложбите за рамномерен регионален развој,  за нови добро платени работни места, а со тоа и нов стимул за економијата.

– Ваквите инвестиции се јасен сигнал дека Северна Македонија нуди деловен амбиент за компаниите, за нови инвестиции и предвидлива иднина за тоа каде се движи оваа држава. И според Индексот на „Инвестмент монитор“ за 2022 година, кој го споредува Бруто-домашниот производ во однос на странските директни инвестиции, постигнавме импресивни резултати.  Како земја сме значително над глобалниот просек кога станува збор за привлекување на гринфилд инвестиции како што е оваа. Речиси 90 проценти од инвестициите потекнуваат од нови проекти, додека останатите 10 проценти се од инвестиции во проширување, посочи премиерот.

Вкупниот долгорочен план за инвестиција на „Магна Мирорс“, нагласи, изнесува над 39 милиони евра, а согласно договорот, висината на државната помош е 50 отсто од реализираната инвестиција, која ќе се имплементира преку даночни и царински ослободувања како и грантови за отворање нови работни места, за оправдани инвестициски трошоци и за зголемување на конкурентноста. 

Причината поради која компанијата Магна донела одлука да отвори фабрика во Северна Македонија, според премиерот, е членството во НАТО, почетокот на преговорите за влез во Европската унија, близината до европскиот пазар, помошта што ја добива од државата и фискалната политика, како и квалитетни и вредни работници од Македонија.

И покрај најголемата светска криза и предизвиците пред кои сме сите исправени, на инвеститорите им порача да ги искористат можностите и да го вложат својот капитал во нашата држава.

– Креираме поволен деловен амбиент и еднакви услови како за домашните така и за странските инвеститори.  Креираме нова развојна економска политика и поволна бизнис клима за инвеститорите да растат, заедно со државата, нагласи премиерот Ковачевски.

Истакнувајќи ги новите политики за привлекување странски инвестиции, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски изрази задоволство дека со вложување во вакви технолошко напредни компании како „Магна“ кои носат добро платени работни места, се отвора можност за пристоен живот на над 1.300 сограѓани.

– Нашата посветеност да работиме на откривање нови работни места продолжува понатаму и нашата цел е да видиме удвојување во делот на странски инвестиции во зоните. Особено ме охрабрува тоа што во време на глобални економски предизвици со паметен пристап успеваме да креираме добра деловна клима и да ја добиеме довербата на постојните и нови инвеститори, истакна Деспотовски.

Потпретседателот на компанијата „Магна Интернационал“ Дејвид Кресп, порача дека Магна има широко портфолио и е на четврто место глобално во својата индустријата, додека „Магна Мирорс“ е лидер во производството на внатрешни и надворешни огледала за автомобили, како и напредни видео системи за следење на движењето, модули и компоненти за возила.

– Тоа што почна како идеја во 2018, сега е реалност. Нашата инвестиција е околу 35 милиони евра, се наоѓа на површина од 17 илјади метри квадратни и ќе има над илјада вработени, изјави Кресп.

Директорот на фабриката „Магна“, Данчо Петров информира дека производствениот процес почнал минатиот септември со тимот од околу 70 вработени.

– Денес една година подоцна гордо можеме да кажеме дека нашето семејство брои 350 вработени, успешно го стартувавме производството на сите производи и веќе позади нас се повеќе од 50 илјади произведени ретровизори, 2,5 милиони акватори и 150 илјади жични инсталации. Сето ова го постигнавме со голем квалитет што е една од одликите на Магна, истакна Петров.

„Магна интернационал“ е канадска компанија со глобално седиште во Онтарио-Канада, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти.