- Минатата недела имавме можност да бидеме дел од еден несекојдневен настан од областа на дизајнот кој се одржа во Комо, Италија. Моето дело „Skin“ беше еден од добитниците на престижната интернационална награда „A' Design Award“ на „A' Design Award & Competition“ во категоријата „Fine Arts and Art Installation Design“ за периодот 2023-2024 и бев поканета на свечената церемонија на доделување на наградите која оваа година се одржа во Teatro Sociale на 18 јули.

Од нашата земја имаше уште двајца добитници на оваа престижна награда, Гордана Вренцоска, која ја доби наградата „A' Design Award“ во категоријата „Graphic Design“ и Никола Евтимов, кој ја освои наградата „A' Design Award“ во категоријата „Digital Art“.

На конкурсот учествувавме по покана на организаторите на наградата од Италија, кои ја упатија поканата и поддршката за македонските учесници преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Рим и Министерството за култура. Јана Манева – Чупоска ги номинираше домашните конкуренти – уметници и дизајнери, објави Кировска на својот фејсбук профил.

За сите оние кои не можеа лично да присуствуваат на свечената церемонија за да им бидат врачени наградите, организаторот обезбеди испраќање по пошта на добитничките сетови кои вклучуваат трофеј, каталог, сертификат (Certificate of Excellence) и постери.
Цел на организаторите на A’ Design Award & Competition e „да креираат глобална свесност и почит за добриот дизајн со вклучување и промовирање на добриот дизајн низ целиот свет“. Исто така посебно е чувството кога ти е оддадена таква почит и признание како на творец кој вложува огромен труд и енергија во своите креации.

По доделувањето на наградите, следеше изложбата на сите наградени дизајнери во MOOD Museum of Design, патувачки музеј кој овој пат се наоѓаше во една од салите на театарот.

Фотографии: A’ Design Award & Competition