Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТСМ ги анализираше објавените податоци од Народната банка на Република Северна Македонија, за платежни трансакции со платежни картички според типот на уредот (географска поделба по земји) во 2024, согласно кои Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле за онлајн пазарење 284.4 милиони евра во 7.4 милиони трансакции, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и онлајн резервации на хотели.

КАДЕ И КОЛКУ КУПУВААТ ОНЛАјН МАКЕДОНСКИТЕ ИМАТЕЛИ НА ПЛАТЕЖНИ КАРТИЧКИ ОД СТРАНСКИ Е-ТРГОВЦИ?

Во однос на 2023 година Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци лани потрошиле 45.4 проценти повеќе додека бројот на е-трансакциите е зголемен за 61.4 отсто во однос на 2023 година.

Просечната трансакција изнесува 38,6 евра и е помала за 10 отсто во однос на минатата година. При тоа 74 проценти од вредноста и 67 проценти од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Ирска, Унгарија, САД, Грција, Луксембург, Литванија и Германија. И минатата година Македонците оствариле најголема вредност на е-трансакции од 41,9 милиони евра во Холандија додека најголем број на трансакции од 1,37 милиони направиле во Ирска. 

Најголем пораст на бројот на е-трнасакции во 2024 година спрема претходната година е забележан во Грција (207,9 отсто), Литванија (162,1 отсто) и Ирска (140,7 отсто). Најголем пораст пак кај вредноста на направените трансакции е остварен во Литванија (221,7 проценти), Ирска (58,7 проценти) и Обединето Кралство (58,6 проценти). Пад е забележан кај бројот на е-трансакциите од 65,6 отсто и кај вредноста за 3,2 отсто кон Германија. 

Mакедонците во 2024 година потрошиле најмногу пари во Холандија (41,9 милиони евра), додека во Ирска направиле најголем број на трансакции (1,37 милиони). 

Највисока просечна вредност на е-трансакција, Македонците оставриле во Германија од 214.2 евра, додека во Луксембург направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 14.1 евро. 

„Растот остварен во 2024 година во однос на минатата година изнесува 45,4 проценти и е скоро ист пораст како и во 2022 година (46 отсто) спрема претходната. Македонците како и секоја година најмногу направиле трансакции кон Холандија во вредност од 41,9 милиони евра, кон Обединето Кралство 40,7 и кон Ирска 33,7 милиони евра. Истото е очекувано ако се има предвид дека од овие земји имаат седиште Booking.com, Netflix и Uber за Европа (Холандија), ASOS, Amazon UK (Обединето Кралство), додека највисокиот остварен број на трансакции од Македонци во Ирска, како и пораст на вредноста од 58,7 отсто во однос на минатата година се должи на тоа што таму сe регистрирани, Meta и Google.

Онлајн купувањето кон странски платформи, без разлика дали е тоа за производи или за резеравции во хотели, авиони или социјални медиуми, може да влијае позитивно и за домашните е-трговци со оглед дека се работи за менување на навиките и зголемено користење на онлјан купување воопшто. Од друга страна зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ја зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите” – вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска.

ОД КАДЕ И КОЛКУ КУПУВААТ ОНЛАЈН СТРАНСКИТЕ ИМАТЕЛИ НА ПЛАТЕЖНИ КАРТИЧКИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ Е-ТРГОВЦИ?

Согласно објавените податоци од НБРСМ, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2024 година потрошиле 37,2 милиони евра, што во однос на претходната година претставува пораст од 38,7 проценти. Остварената вредност која странските онлајн купувачи ја направиле кон домашните е-трговци во 1,2 милиони трансакции бележи пораст од 44 отсто во однос на 2023 година.

Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2024 година 52,6 проценти припаѓаат на иматели на платежни картички од девет земји. При тоа 6,3 милиони евра или 17отсто од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 3,5 милиони евра од Швајцарија и 2,4 милиони евра од Германија. Потоа следат Ирска со 1,85 милиони евра, Турција 1,75 милиони евра и соседите Косово и Србија со 821 и 814 илјади евра. Најголем пораст и на вредноста и на бројот на трансакциите е остварен од ирските иматели на платежни картички, на сметка на намалување на вредноста и бројот на имателите на платежни картички од Обединетото Кралство.

Вo 2024 спрема 2023 година вредноста на е- трансакциите од странство кон македонските е- продавници  е зголемена за 39 отсто, додека бројот на трансакции за 44 отсто.

„Е-трговијата овозможува купување на производи и услуги од било кој крај на светот. Остварениот годишен пораст од 39 отсто на вредноста на е-трансакциите направени од странци кон домашните е-трговци и остврени 37,2 милиони. евра покажува дека македонските е-трговци треба да го искористат уште повеќе овој потенцијал.

Имено од анализата се гледа дека најмногу онлајн трансакции направени од странски иматели на платежни картички како по број така и по вредност се направени од земји каде што има македонски иселеници што нѐ упатува на претпоставка која е основа за понатамошно истражување дека нашите иселеници се повеќе го користат овој канал за купување на производи и услуги на своите блиски од македонските е-продавници. Очекувањата се и понатаму да продолжи растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од странство што исто така е придонес за развојот на македонската е-трговија.” – додаде преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија Ангеловска.