- Ние генерално сме партнери и имаме одлични билатерални односи што се гледа и од резултатите во туризмот. Минатата година завршивме со околу 260 000 ноќевања од македонски туристи што претставува дури 22 отсто повеќе во однос на 2022 година. Годинава тој тренд продолжи и во првите осум месеци туристите од Македонија оствариле дури 15 проценти повеќе ноќевања од минатата година, рече директорката на Туристичката организација на Србија, Марија Лабовиќ на вчерашната промоција на туристичките организации од Србија во Македонија.

Таа вели дека македонскиот пазар е еден од најважните за нивната земја, бидејќи македонските туристи се седми по бројот на остварени ноќевања во Србија, и што е поважно секоја година тие се наоѓаат меѓу првите 10. Според последните официјални податоци, во првите осум месеци од годинава во Србија престојувале 71.637 туристи од Северна Македонија, што е за 85 отсто повеќе од истиот период лани. Остварени се 178.470 ноќевања, односно пет отсто повеќе.
А, кога во преден план е потрошувачката, според Лабовиќ, македонските туристи се петти за овие осум месеци. Всушност од јануари до септември во касата од туризмот во Србија се слеале речиси две милијарди евра или 13 отсто повеќе во однос на истиот период од претходната година.И како што објасни изјави директорката Лабовиќ, на зголемувањето на девизниот прилив влијаел континуираниот раст на пристигнувањето и бројот на ноќевања на странски туристи, кои Србија ја препознаваат како атрактивна дестинација.
Преку заеднички работилници до импозантни бројки
Лабовиќ смета дека заедничката работилница ќе донесе уште повеќе туристи од Македонија во Србија, но и обратно:„Знаеме колку српските туристи се важни за Македонија и верувам дека сите ќе бидеме задоволни со нашата заедничка соработка и дека ќе имаме одлични резултати и на крајот од оваа година и наредната, рече Лабовиќ.
Годинава на работилницата присуствуваа 36 претставници на туристичкиот сектор од Србија меѓу нив, туроператори, хотелиери и осум локални туристички организации. А од Македонија за средбите Б2Б со колегите од српските претставници од туристичкиот сектор се пријавиле 42 претставника.И како што нагласи директорката промоцијата на српските туристичко-културни локалитети насловена „Доживеј ја Србија“ е наменета за проширување на деловните односи, но и зголемување на бројот на ноќевања и посети на туристи од Македонија, како и претставување на новите понуди и потсетување на веќе постоечките.
Во поглед на тоа кои места во Србија се најпосетени од македонските туристи, Лабовиќ ги посочи планинските центри, но и бањите, како и неколку градови.
-Нашите планински центри се многу атрактивни, на прво место Копаоник, но и Златибор. Потоа нашите бањи, Соко Бања, Врњачка, Луковска и Куршумлиска бања која работи само две години, атомска бања, како и Белград, Ниш, еднодневните посети во југот на Србија, Врање, Лескова. Туристите од Северна Македонија сакаат да го посетат и нашето културно-историско наследство, да уживаат во нашите природни убавини, активниот одмор, но и во гастрономијата, додаде Лабовиќ.
За српските туристи во Македонија е интересен градот Скопје, но Охрид е број еден како дестинација која која сакаат да ја посетат, вели Лабовиќ.
Дека ваквите заеднички средби, презентации и работилници на српските и македонските туристички организации имаат позитивен одзив потврдува и зголемениот број на агенциите и хотелиери од Србија кои сакаа да се претстават на овогодишниот настан. Лабовиќ како позитивен пример од ваквите промоции ја посочи Соко Бања, каде по минатогодишното присуство овде, покажуваат импозантни бројки од преку 40 000 туристи од Македонија, а пред тоа биле само околу две три илјади...
Зголемен број на туристи на двете страни
Дека има раст на туристите како соседни земји на двете страни меѓу 20 и 30 проценти и во 2024 година потврдува и Љупчо Јаневски, поранешниот директор на Македонската агенција за промоција и поддршка на туризмот. И тој вели дека градот Скопје и Охрид, се две најпосетувани туристички дестинации од страна на српските туристи.
-Верувам дека со ваков начин на соработка и натамошно продлабочување на соработката ќе биде уште поголем успехот и во наредната 2025 година. Можеби и со заеднички настап на кружни патувања и заеднички производи на трети пазари ќе овозможиме поголем број на туристи во двете земји.“
Јаневски смета дека новоформираното министерство за да се зголеми бројката на туристи треба да ја изгради новата долгоочекувана стратегија за туризам (која не функционира од 2021 година) да се забрза дигитализацијата, менување на законот, и воведувањето на нови регионални европски практики, воведување туристички инспекции и туристичка полиција. Односно ново реархитектурирање на туристичката индустрија. И генерално Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот треба да прерасне во Национална туристичка организација и да ја преземе палката на имплементирањето на стратегиите во туристичката индустрија, додека Министерството да креира политики.
Инаку, дека српскиот туристички пазар е еден од најзначајните за македонскиот туризам, говорат и бројките на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) каде е забележан раст на српски туристи за 19 отсто во 2023 година споредбено со 2019 година, како и раст на остварени ноќевања на српски туристи и тоа за 37 отсто во 2023 година споредба со 2019 година.
Македонските туристи добредојдени во Србија
Туристичката организација на Србија (ТОС) како дел од активностите за промоција на туризмот на својата земја на странскиот пазар, по минатогодишната успешна презентација и годинава организираше средба на претставници од туристичката индустрија на Србија и Северна Македонија во Скопје. На овогодишните деловни работилници (Б2Б) учествуваа туристички организации од Војводина, Ниш, Нови Пазар, Рашка, Сокобања, Чачак, Златибор, Врњачка Бања, како и 36 хотели и туристички агенции од Србија и дури 40 претставници на туристичката индустрија.
Промоцијата на Туристичката организација на Србија во Скопје ја поздрави и Невена Јовановиќ, амбасадорка на Србија во Северна Македонија, која уште еднаш упати покана кон македонските граѓани дека се секогаш добредојдени гости во Србија.
„ Настанот е организиран со цел уште еднаш да ги покажеме бројните туристички потенцијали на Србија пред македонските туристи и уште еднаш да испратиме порака дека туристите од Македонија се добродојдени гости и сакаме да се чувствуваат како дома. Во знак на нашите добри и пријателски односи кои ги негуваат нашите држави туристичката размена е од големо значење и е на високо ниво. Се радуваме што на овој собир и директно можеме да ги поврзиме туристичките организации, хотелиери и нанашите стопанственици што всушност е и клуч за зацврстување и вмрежување на нашите граѓани и нашите стопанства кои се многу комплементарни и на крај тоа претставува основа за продлабочување на нашите комплетни односи.“