- Македонија 2025, како организација промовираме интегритет, лидерство базирано на вредности, општествена одговорност и секако љубов кон татковината.

Тешко е да се измери ефектот од работата, иако многу би сакала да видам каков е придонесот на Македонија 2025  во смисла на поттикнување или на зголемување на бруто домашниот производ. Тешко е да дадете вредност на се, - рече директорката Никица Мојсоска Блажески, во воведното обраќање на Самитот откако редоследно ги наброја активностите во реализираните и имплементирани програми за економски развој и програми за поддршка на образованието и лидерство, бројни стипендии за ученици, студенти и професионални обуки.

 

Таа верува дека нивната работа е двигател на промени:- вложуваме во идеи, луѓе, системи што го менуваат македонското општество. Промовираме модел на враќање кон заедницата преку волонтирање, менторирање и посветеност без очекување што било за возврат.

Можеби ефектот се мери преку вашето учество денес, над 60 проценти од сите присутни на Самитот или сте биле дел од нашите програми или пак вашите компании биле вклучени во нашите програми,заклучи Мојсоска Блажески.

Па продолжи: „Би сакала да зборувам за економскиот напредок на Македонија во овие над 30 години транзиција. И мислам дека како народ и држава станавме свесни во какво општество живееме, кои се недостатоците на општеството и што сакаме да промениме- корупцијата. А, тоа го поткрепи и со бројки: Над 64 отсто од граѓаните во 2023 година рекле дека тоа е рак на општеството – прв и основен проблем. Над 82 отсто од граѓаните рекле дека веројатноста да бидат предмет на корупција е голем. Половина од компаниите според истражување од октомври 2024 година велат дека биле предмет на корупција. Понатаму краткорочен политички дискурс, поддржуван од популистички мерки, како зголемување на минимална плата и пензии без структурни реформи во продуктивноста, иновации, инвестициска клима, без значајни вложувања во инфраструктурата...И најболно, борба за поделба на јавни ресурси наместо борба за создавање на јавни ресурси. Борба за вработување во јавна администрација, да земете тендер  итн.

Уште поважно е тоа што како општество немаме изградено консензус каква држава и каква економија сакаме да имаме. Од една страна сакаме пазарна економија, од друга страна бараме државен интервенционизам. Сакаме ниски даноци и придонеси, но сакаме здравствен и социјален систем како оној во Шведска. Бизнисмените и понатаму се перципираат како профитери, наместо како двигатели на економијата и носители на работни места. Капиталните вложувања коишто всушност се инвестиции во иднината се најчесто резидуална категорија во буџетот. Работниците се борат за повисока минимална плата, наместо да се борат за поголеми вештини кои ќе ги извадат од замката на минимална плата. Над 90 000 лица се работоспособни приматели на социјална помош, а работодавците се жалат дека немаат доволно работна сила и треба да увезуваме работници. Сето ова создаваше циклус на стагнација. За жал многу години по почетокот на транзицијата, ако ја гледаме главната мерка, а тоа е БДП по глава на жител, состојбата не е така добра. Денес нашиот БДП по глава на жител е 42 проценти од просекот на ЕУ, каде се стремиме да стигнеме.“ Ова се само дел од аргументите кои ги откриваат анализите за тоа како и каде се движи македонската економија.  

И, како што рече директорката, - оние кои не следат го знаат тоа, но матрицата на Македонија ги покажува сите индикатори кои се најважни- а тоа е, што врсниците од опкружувањето и новите членки на ЕУ раснат побрзо од нас. Рангирањето на Македонија според сите показатели не е добро. И лесно е сите да  ги обвиниме. Но, како што вели Томас Џеферсон, Владата што ја избираме е Владата што ја заслужуваме. Нацијата сме сите ние и сите ние придонесуваме кон овој бавен напредок: нашето однесување, нашето прифаќање на корупцијата, нашата деградација на стандарди, прифаќање на неквалитет, нашите ургенции ... сето тоа го креира системот. Ние се жалиме на корупција, но 40 отсто од граѓаните  се подготвени да дадат мито за да си ја завршат побрзо работата. Тоа се над половина милион граѓани. Затоа би рекла дека ова не е институционален проблем, туку доминантно голем проблем во којшто сме учесници сите ние. Затоа  сметам дека мора да изградиме заедничка визија и консензус за иднината, ако сакаме да живееме подобро, побогато. Мора да го смениме наративот, од борба за сегашноста кон инвестирање во иднината. Во таа насока Македонија 2025  лани излезе со една визија за забрзан раст – кое опфаќа неколку елементи:

-       Нулта толеранција за корупција

-       Континуиран раст на БДП до над пет проценти

-       Квалитетна и ефикасна јавна администрација

-       Пристапување во ЕУ

Ова е документ, но и повик за акција врз основа на кој разговаравме со сите политички чинители и мислам дека 95 проценти од предлозите во таа програма се дел од програмата за работа на Владата на Македонија  2024-2028. И тоа мислам дека е сведоштво дека нашата визија се совпаѓа со она на Владата, заклучи Мојсоска Блажески.

Таа смета дека потребни ни се три работи за економски развој. Луѓе, сите ние,  политики базирани на докази и можности -што ги нуди дигитализацијата, ВИ, регионалната соработка. Теми за кои ќе се зборува и се во фокус на самитот.

Годинава на Самитот се организирани 14 панели, 36 говорници над 700 учесници околу 10 паралелни активности со Стопанска комора на Македонија, Советот за странски инвеститори и други здруженија и агенции.

Агендата директно ја рефлектира визијата за забрзан економски развој, преку комуницирање на клучни стратешки области кои ја дефинираат иднината на земјата. На крај од своето воведно обраќање директорката рече: „Дополнително се радувам дека дијаспората е вклучена во сето тоа и еден од најважните елементи за иднината и развојот на државата.

Македонија 2025 не е проект туку тоа е долгорочна мисија. Организација изградена врз вредности, резултати, одговорност и партнерство... секогаш сме спремни да соработуваме со оние кои ја споделуваат визијата за просперитет. Свесни сме дека никој од нас поединечно, ниту ние како организација не можеме да направиме брз напредок. Меѓутоа сите заедно со визија, знаење, храброст може Македонија да ја направиме најпросперитетна земја во регионот. Нека овој самит не однесе неколку чекори напред – важно е да ги славиме придобивките од минатото и уште повеќе да зборуваме за иднината. Да изградиме силна нација сега и во годините што доаѓаат.“