Одобрена е првата исплата на финансиски средства за нашата држава во висина од осум милиони евра, што е во согласност со Одлуката за имплементација на Европската комисија за одобрување на првото пуштање во оптек на парични средства за Република Северна Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.

 

Со оваа Одлука, како што информираа од Министерството за европски прашања, одобрени се 2,3 милиони евра како неповратна помош и два милиони евра како кредит кои ќе бидат достапни преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и 3,7 милиони евра што го сочинуваат преостанатиот дел од заемот наменет за директна буџетска поддршка.

Во оваа сума не се вклучени околу 3,6 милиони евра кои се наменеети за порамнување на дел од паричните средства кои државата претходно ги доби како предфинансирање,“ соопштија од Министерството зза европски прашања.

Паричните средства се загарантирани по доставеното Барање од страна на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој како национален координатор за Инструментот за реформи и раст, во име на Владата на Република Северна Македонија, а преку Министерството за европски прашања, ја испрати целата документација за чекорите од Реформската агенда 2024–2027, со рок на реализација декември 2024 година (односно февруари 2025 година).

Барањето опфаќаше реформи во многу области. Во управување со јавни финансии, потсетува, дека беа предвидени законски измени за поефикасно и транспарентно буџетско управување, во енергетика се воспоставени нови управувачки структури за спроведување на Планот за праведна транзиција, во областа деловна средина се воведени нови правила за независност во управувањето со државните компании, а во областа владеење на правото се предвидени мерки за редовно пополнување на позициите на судии и јавни обвинители согласно долгорочните проекции на надлежните совети.

Според оценката на Европската комисија, целосно исполнети се два чекори: донесувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и измените на Законот за трговски друштва.

„Ова претставува 40 проценти реализација на чекорите, односно 50 проценти во однос на средствата. За останатите чекори, Комисијата констатира дека не се целосно реализирани и за нив е предвиден грејс период до 24 месеци односно до декември 2026 година.

Тоа значи дека државата има дополнително време за нивна реализација и ослободување на останатите средства од вкупните алоцирани средства кои се во висина од околу 17,1 милиони евра”, се вели во соопштението од Министерството за европски прашања.