Според резултатие на анкетата на Американскиот републикански институт (ИРИ), желбата на македонските граѓани да станат жители на Европа се' уште е релативно висока, но е помала од пред неколку години.

Според анкетата, 68% од испитаниците се изјасниле дека би гласале за членство на Македонија во ЕУ, ако денеска се оддржи референдум, а во 2020 година за Европа биле определени 74% од анкетираните граѓани.

50% сметаат дека Унијата нема сериозна намера да ги отвори вратите за земјава.

Истражувањето на ИРИ е спроведено од 2 февруари до 5 март, на репрезентативен примерок од 1.220 испитаници од Македонија.

Од приложеното се гледа дека расположението на граѓаните за влез на Македонија во ЕУ се намалува, односно се намалила, но, сепак, не е мало. За тој регрес во ставот на населението голема улога имаат убедувањата дека Македонија не треба да влезе во ЕУ, дека ЕУ ќе се распадне и дека земјата треба да фати накај исток, кој знае каде, па дури некои сејчаи на магла сугерираат да трачеме по БРИКС.    

Можеме слободно да речеме дека тоа се луѓе чија инфериорност кулминира во форма на лансирање на неверојатно храбри глупости, посеани на полето на неинформираноста на тие што ќе ги  прифатат како паметна идеја. Неинформираниот човек ја прифаќа мантрата „ЕУ ќе се рспадне“, затоа што е многу  полесно да се прифати една „аксиома“, без да се провери нејзината издржаност, да не се заспие со ноќи, да се нурка во податоците и да се бараат споредбите за да изгради ставот по тоа прашање и тој да стане недвосмислен и конзистентен.

Се разбира дека кон овј регрес во ставот за членство во ЕУ  придонес имаа неколку флуктуации околу основниот правец на Унијата, а тоа е излегувањето на Белика Британија од Сојузот, примањето членки што не го заслужуваа тоа, одолговлекувањето на некои решенија од бирократски причини, односнот кон земјите од Западниот Балкан и пролонгирањето на почетокот на преговорите, особано за Македонија, но никој паметен досега не го довел во прашање целосниот опстанок на овој, во светот најголем сојуз на држави што функционираат како една, барем што се однесува до економскиот концепт, користејќи една единствена валута – еврото.

Европската Унија, со воведувањето на еврото како единствено платежно средство на целата територија, е чекор и доказ дека работата е сериозна со самото тоа што некој и не може да сфати како, покрај толку диспаритети во сите земји-членки, е постиганта таа финансиска цел и стабилност на единствената валута, која веданш се етаблира на светскиот пазар како достоен конкурент на најскапите валути, како што се американскиот долар, швајцарскиот франк, британската фунта ин.

Критериуми за влез во ЕМУ и воведување на еврото

За да се стане чланка на Унијата треба да се исполнат неколку услови. Во монетарната сфера еден од тие е либерализација на движењето на капиталот.

Откако ќе влезат во Европската Унија, новите членки стануваат и членки на Економскиот монетарен сојуз како „земји членки со дерогација“. Меѓутоа, како земји-членки со дерогација, тие остануваат надвор од еврозоната сè додека не ги исполнат критериумите за конвергенција, подобро познати како Критериумите од Мастрихт.

Монетарната интеграција се состои од три поединечни фази: прво, влез во ЕУ, потоа учество во ЕРМ II, и на крајот - влез во Европската монетарна унија (ЕМУ).

Првиот чекор во монетарното интегрирање во Евросистемот е добивањето статус на членки на Економската и монетарна унија со дерогација, која настапува веднаш со влегувањето во ЕУ.

Вториот чекор во монетарната интеграција на новите земји-членки е учеството во Механизмот на девизни курсеви II (ЕРМ II). Учеството во ЕРМ II е на доброволна основа и затоа не мора да следува веднаш по влезот во ЕУ, туку може и подоцна. Откако една земја-членка ќе одлучи да се приклучи во овој Механизам, од неа се очекува да учествува во него најмалку две години, при што прво се фиксира вредноста на националната валута во однос на еврото, а потоа се дозволуваат флуктуации над или под договорената вредност најмногу до 15%, пред да се воведе единствената валута. Последниот чекор кон монетарната интеграција е влез во еврозоната, односно воведување на еврото како сопствена валута и исполнување на сите критериуми за конвергенција (Критериуми од Мастрихт). Тие се дефинирани во Договорот за Европската Унија од 1992 година, познат како Мастришкиот договор, па оттаму и нивното име.

Критериумите од Мастрихт се:

Годишната стапка на инфлација не треба да ја надминува референтната вредност дефинирана од просечната стапка на инфлација на трите земји-членки на ЕУ со најниска стапка на инфлација, за повеќе од 1,5 процентни бодови.

Долгорочната каматна стапка не треба да ја надминува за повеќе од 2 процентни бодови референтната вредност дефинирана од просечните долгорочни каматни стапки на трите земји-членки на ЕУ со најниска инфлација. Долгорочната каматна стапка се пресметува врз основа на просечниот принос на десетгодишните државни обврзници, кои имаат значаен удел во тргувањето на пазарот на капитал.

Националната валута мора да учествува најмалку две години во Европскиот механизам на девизниот курс ЕРМ II, и да се почитуваат нормалните маргини на флуктуација на овој механизам (+/-15%, од паритетот на девизниот курс), а при тоа да нема остри тензии на девизниот пазар и да не изврши девалвација во однос на која било ЕУ валута по сопствена инцијатива.

Буџетскиот дефицит не треба да надминува 3% од бруто-домашниот производ (БДП) на крајот на претходната фискална година (освен во вонредни околности).

Јавниот долг не треба да надминува 60% од БДП на крајот на претходната фискална година (или, ако е повисок, треба да се приближува кон оваа референтна вредност со задоволителна брзина).

ЕЦБ, во интервал од најмалку две години, објавува „Извештај за конвергенција“, за да се провери до кој степен земјите-членки на ЕУ што имаат аспирации за воведување на еврото се во согласност со критериумите.

Членки на ЕУ

ЕУ е најголемата конфедерација на независни држави во светот, основана под ова име во 1993 со Договорот за Европска Унија (Мастришки договор). Сепак, многу аспекти од Унијата постоеле и пред оваа година преку низа  претходни договори кои датираат од 1951 г.

Клучна активност на ЕУ е основањето и управувањето со заедничкиот единствен пазар, кој се состои од царинска унија, единствена валута (која е усвоена од 20 од 27-те земји членки), заедничка аграрна и рибарска политика.

ЕУ не е од вчера!

Многу е чудно што многумина од домашните „калџии“ што дотураат вода во калта во која се наоѓаме, наметнуваат мислење дека ЕУ е создадена вчера, дека тоа е нешто минливо, дека е мода, дека нема иднина, а не знаат да ви одговорат, од каде им се тие цврсти уверувања. Уверен сум дека најголемиот број од нив не можат да ја препознаат разликата меѓу животот и работата во Македонија и во ЕУ. И да биле или да престојувале во некоја од земјите на ЕУ - не успеале да го сфатат економскиот и цивилизацискиот дострел на Европа и да се воодушеват од животниот стандард на најголемиот број жители на Сојузот.

За тие што предлагаат некакви други патишта и другарство со некои азиајтски земји, нека одговорат дали некој поитал на печалба во Русија, во Кина, во Бразил, во Иран, во Јужна Африка или во некои други правци. Но, сите печалбарски и мигрантски патишта водат кон земјите на ЕУ.

Се разбира дека критериумите морат да се исполнат, вакви какви што сме, за никаде сме.