Македонија ќе добие поддршка во напорите за унапредување на високото образование од страна на Египет, земја чии универзитети забрзано се искачуваат на глобалните ранг листи, а ќе се продлабочува и билатералната соработка во областа на науката и истражувањата. Ова беше потврдено на состанокот помеѓу министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, проф. д-р Мохамед Ајман Ашур, што вчера се одржа во Каиро, информираат од Министерството за образование.

Како што стои во соопштението, работно тело составено од претставници што ќе ги номинираат ресорните министерства на двете држави ќе дефинира конкретни активности што ќе ја продлабочат соработката, а ќе се разгледаат и можностите за креирање на заеднички студиски програми со двојни дипломи. Во фокус ќе бидат високообразовните установи во областа на медицината и техничките науки, со особен акцент на компјутерското инженерство и земјоделството.
Министерката Јаневска на состанокот ги претставила промените кои се започнати во областа на високото образование во Македонија, нагласувајќи дека во моментот се изработува и ново законско решение, а ефектите од планот за реформи се очекуваат на среден рок од пет години. Таа се осврнала и на значително зголемениот буџет за наука и финансирањето на зголемен број научно – истражувачки проекти од интерес за државата и јавноста, усвојувањето и спроведувањето на Стратегијата за паметна специјализација на државата, а нагласила и дека министерството иницираше постапка за основање на првиот државен научно – технолошки парк кој ќе биде под надлежност на државата.
Министерот Ашур ги претставил силните страни на египетскиот високообразовен систем и политиките кои помагаат за забрзано напредување на државните универзитети на меѓународните рангирања. Тој изразил подготвеност во текот на овој месец да се формира работното тело меѓу двете држави, а веќе во следниот да се одржи непосредна средба на ректорите на шесте македонски државни универзитети и ректорите на најистакнатите египетски, како Универзитетот во Каиро. Ашур го споделил и националното искуство со основањето на научно – технолошки паркови и центри за извонредност, што ќе биде од голема корист за Македонија да ја оствари истата цел.
Министерката Јаневска е во Каиро по пвод учеството на Глобалниот конгрес за население, здравство и развој на човечки капитал. Таа е поканета да учествува на повеќе панел дискусии, а ќе биде воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење. Во текот на посетата планирано е да се сретне и со египетскиот министер за основно и средно образование, Мохамед Абдел Латиф.