Mеѓу новите иноватори, Република Северна Македонија покажа најбрз раст (+11,7 поени) како земја која не е членка на ЕУ во периодот од последните три години (2021-2024 година). Нашата земја бележи пораст од четири проценти во тековната 2024 година.

Според последниот извештај за European Score Board кој деновиве го објави Европската Комисија, Република Северна Македонија има перформанс од 45,1 отсто во споредба со просекот на ЕУ од 48 проценти.

Глобално, иновациските перформанси на Европската унија се зголемија за 10 отсто од 2017 година. Во овој период, повеќето земји-членки на ЕУ ги зголемија своите перформанси во иновациите, иако степенот до кој тие се подобрија силно варира. Помеѓу 2023 и 2024 година, иновациските перформанси на ЕУ се подобрија за 0,5 процентни поени. Поконкретно, перформансите во иновациите се зголемија во 15 земји-членки во овој период, додека 11 земји-членки доживеаја пад во перформансите на иновациите.

 Данска ја задржа првата позиција како најиновативна земја-членка

Слично како и претходните години, European Innovation Scoreboard 2024 ги категоризира земјите-членки во четири групи за иновации врз основа на нивните резултати:

-лидери за иновации (перформансот е над 125 проценти од просекот на ЕУ),

-силни иноватори (помеѓу 100 и 125 проценти од просекот на ЕУ ),

- умерени иноватори (помеѓу 70 и 100 проценти од просекот на ЕУ) и

- новите иноватори (под 70 проценти од просекот на ЕУ).

Според наодите на Европскиот систем за индикатори за иновации (EIS) за 2024 година, Данска ја задржа првата позиција како најиновативна земја-членка, пред Шведска која беше водечка земја-членка на ЕУ од 2017-2022 година и Финска и Холандија.

Во групата на силни иноватори се Белгија, Австрија, Ирска, Луксембург, Германија, Кипар, Естонија и Франција. Словенија спаѓа во групата на умерени иноватори заедно со Шпанија, Чешка, Италија, Малта, Литванија, Португалија, Грција и Унгарија.

Извештајот ги рангира Хрватска, Полска, Словачка, Латвија, Бугарија и Романија меѓу иноваторите во подем.

Во 2024 година, две земји успеаја да се рангираат во втората група за изведба. Естонија напредуваше од умерен иноватор во група на силни иноватори. Белгија, која минатата година беше меѓу водечките земји во областа на иновациите, се лизна во категоријата силни иноватори.

Иако разликите во перформансите меѓу силните иноватори и умерените иноватори малку се намалија помеѓу 2017 и 2024 година, според Европската комисија, тие станаа поизразени меѓу водечките иноватори и новите иноватори.

Швајцарија е најиновативната европска земја, а Јужна Кореја- најиновативниот глобален конкурент 

EIS е годишна публикација на Европската комисија која содржи компаративна оценка на иновациските перформанси на земјите-членки на ЕУ, соседните европски земји и избраните глобални конкуренти. Се заснова на 32 индикатори кои ги опфаќаат економијата, бизнисот и претприемништвото, профилите на иновациите, рамката за управување и политики, климатските промени и демографијата.

Оваа година, за прв пат, EIS ги опфаќа сите членки на ЕУ, 12 соседни европски земји, вклучувајќи ја и Молдавија, и со помал сет на индикатори од 11 глобални конкуренти.

 Поширока анализа, која опфаќа други европски земји и избрани глобални конкуренти, покажа дека меѓународната средина се менува. „Швајцарија е најиновативната европска земја, а Јужна Кореја сè уште е најиновативниот глобален конкурент. Кина ја престигна Јапонија и постепено го намалува јазот со ЕУ“, посочува Европската комисија.