Алармантна состојба во пекарската индустрија- пекари, месачи, обликувачи на тесто, бурекчии, нема ни за лек. Нема квалификуван кадар, а и оние кои работат во просек се со 57 годишна возраст, што значи дека за неколку години ќе нема кој да ги замени. Ќе нема кој да меси и да пече леб.

Младите воопшто немаат интерес за оваа струка, ниту се заинтересирани да бидат сопственици на пекарници. И тоа не е случај само со оваа струка, туку генерално квалификациите на невработените не одговараат со потребите на пазарот на труд. Тоа го покажува и најновата анализа на Стопанската комора според која 82 отсто од компаниите се обиделе да обезбедат кадар со потребни вештини, но не успеале во целост, 45 проценти од компаниите причината ја гледаат во ограничениот број кандидати со соодветни квалификации и работно искуство, додека 42 проценти сметаат дека кандидатите имаат некои соодветни теоретски знаења, информира Наташа Јаневска од Стопанската комора.
Ситуацијата дополнително се усложнува и поради тоа што процесите во пекарската индустрија не може целосно да се автоматизираат за да се компензира недостигот на кадар.
Практична обука во пекарата „Пастел“
Без разлика што платите во оваа професија се движат од над 30 000 па до 60 000 денари, заинтересиран квалификуван кадар нема. Бројот на вработени пекари континуирано се опсипува, а и обемот на работа. Ваквата состојба се одразила и во француската пекара „Пастел“ на ДОО „Депет“ од Скопје. Стопанственикот, Игор Стојановски објаснува дека нивната семејна компанија со 80 вработени во период од 14 години постоење сега се свеле на само 12 вработени и токму затоа што нема кој да работи за да одговорат соодветно на побарувачката.
Стојановски објаснува дека има раст на побарувачката и имаат технолошки капацитет да одговорат на потребите иако се работи за специфични, атипични пекарски производи, тој веќе од октомври минатата година ги враќа клиентите затоа што не може да одговори токму поради тоа што нема кадар, нема кој да работи.
„Континуирано имаме недостиг на кадар, поради што побаравме од Комората да ни покажат дали постои некоја метода за решавање на овој проблем. Тие ни објаснија дека има два начина. Едниот е да се вклучиме во дуалното образование, а другиот е неформално образование со процес на едукација и доедукација на кадри.
За таа цел ни овозможија да поминеме обука за ментори, за да можеме ние да ја вршиме обуката. По тоа склучивме договор едновремено со СУГС „Лазар Танев“, чии ученици вршат обука кај нас во летниот период (феријална пракса). И вториот момент беше формирање на Центар за едукација заедно со Комората, каде ние го вршиме практичниот дел. На овој начин верувам ќе си помогнеме самите, а и на многу други субјекти кои се од оваа дејност.“
Совет за тренинг и обука за потребите на компаниите
Всушност Комората преку мерката од оперативниот план за вработување- обука за стручни квалификации и доквалификации според барање на работодавците ја поддржале Пастел во процесот на обезбедување на кадар.
Станува збор за верификувана Програма – модуларно дизајнирана според потребите на самата компанија, според начинот на работа и според услугите и производите кои ги нуди. Во пекарата ќе се одвива и целата практична работа со искусен ментор, којшто ќе ги води низ целиот процес. За обуката веќе има четири кандидати, сите се жени, на возраст од околу 50 години, кои сакаат да се преквалификуваат зашто бараат работа. Тие за време на тримесечната обуката ќе добиваат паричен месечен надомест. По завршувањето на обуката ќе бидат вработени во фирмата, каде треба да останат најмалку шест месеци во фирмата. Доколку не се вработат во дадената фирма или во слична тогаш ќе треба да ги вратат парите кои ги добиваат во текот на обуката.
Во секој случај ова е само еден позитивен чекор за ублажување на проблемот со одлевање на кадарот. Меѓутоа и Јанеска и Стојановски велат дека проблемот е сериозен и треба системски и институционално да се решава. Според нив, една од опциите е да се предвиди субвенционирање на работодавците или работниците кои ќе ги одберат овие занимања во пекарската индустрија зашто идниот период може да дојде до блокада во работењето и до зголемување на цените на секојдневните пекарски производи и печива од рачна изработка.
Во принцип Комората е отворена за сите фирми кои имаат интерес за преквалификација и доквалификација на потребните стручни кадри. Тие организираат наменски обуки преку Советот за тренинг и обука за потребите на компаниите.