Македонија нема сила да не работи во недела
Измените на Законот за работни односи, со кои на фирмите им се забранува да работат во недела, им прават големи проблеми и на бизнисот и на граѓаните. Прво, тие измени се нејасни, не се прецизирани на кого се’ се однесуваат. Не е земeнa предвид испреплетеноста на бизнисите, нивната меѓузавосност, нивните односи со странските патнери, работата на туризмот и на сите служби чија работа во неделите не може да застане. На граѓаните им е ускратена една навика – пазарење во неделите и тоа за неопходни потреби, а на вработените да заработат некоја дневница повеќе во ова тешко време кога секој денар ни е важен.
На оваа тема мислење побаравме од Ангел Димитров, Претседател на собранието на Организацијата на работодавчите на Македонија.
Македонија нема сила да не работи во недела
- Работодавачите учествуваа во преговорите со владата и со синдикатот за измените на Законот за трговија. Дали сега, по воведувањето на мерките, кои покажаа многу слабости, би ги поддржале - дали да се работи во недела или не?
-Факт е дека се работи за политичка одлука со цел, како што рече министерката (Шахпаска, н.з.), да се усогласи приватниот живот со работењето - работниците да можат да поминат повеќе време со своите семејства. Но, сега се виде дека оваа мерка има економски реперкусии. Потоа, се поставува прашањето за уставноста на овие законски измени. Стопанските комори најавија дека ќе ги оспорат на Уставeн суд, зашто, као што велат, измените се во спротивност со член 55 од Уставот во кој се вели дека сите правни субјекти имаат рамноправна положба на пазарот. На пример: еден вид стока може да се продава на бензиските пумпи, а не може во „обичен“ дуќан. Тоа не е еднакава положба на пазарот, тоа е дикриминација. Значи, негативни економски последици - има. Ние пред Социјално-економскиот совет го поставивме пршањето дали на овој степен на економскиот развој на Македонија можеме да си дозволиме да имаме економски последици поради ваквата одлука (недела неработен ден)?
Ние се наоѓаме на многу ниско ниво на економски развој, а ова решение ќе донесе и намалено производство, намален извоз, помалку пари во буџетот по основа на даноци и на крајот, што е за мене најлошо, во одредени случаи може да дојде до намалување на бројот на вработените, односно зголемување на невработеноста. Кога некој закон ќе почне да се применува, тогаш се покажуваат неговите недостатоци.
Во Законот за трговија се вели дека сопствениците ќе можат да работат во своите дуќани, ама нема дефиниција на кои сопственици се однесува. Министерството за економија самото си дава толкување дека сопственици можат да бидат само трговци-поединци и ДОЕЛ-ите! А зошто да не можат да бидат, ако се тројца сопственици на дуќанот, сите тројца да можат да работат во дуќанот, бидејќи тие не вработуваат друга работна сила?! Мислам дека таквите токувања не се јасни и единствено тело што може да го толкува е Законодавно-правната комисија на Собранието. Вака, секој си дозволува да ги толкува одредбите на свој начин. Ќе се јават уште проблеми во некои дејности што се испуштени.
Ние реагиравме кога измените на Законот беа во собраниска процедура, конкретно за индустријата за производство на цемент која работи во четири смени – 24 часа и таа не може да не работи, но таа не беше вметната во Законот. Потоа, со право можат да реагираат градежниците од нискоградбата кои не можат да работат при секакви временски услови. Во таа дејност понекогаш, кога има снегови и обилни дождови, има застој и по неколку дена, па сега да им се наметне и неделата како неработен ден –тоа би биле големи загуби за тој вид градежништво. Главно е да се сфати дека ниеден закон не е Библија и дека сите проблеми што ќе се јават во практиката ќе треба да се решат со измена и дополнување на Законот.
- Дали вработените сакаат да работат или сакаат да не работат?
-Има работници кои во недела не сакаат да работат, но има и такви кои сакаат да работат, бидејќи работодавачот го почитува законот и им исплаќа дневница поголема за 50 проценти, па така работникот добива многу повисока плата. Но, таа одредба за 50 насто поголема дневница не е воведена сега, таа постоеше и досега, друго е прашањето ако некој работодавец не го почитувал тоа. Ние, како многу пати до сега, така и сега, непочитувањето на некои закони го решаваме со донесување на многу построги мерки, наместо да ги решаваме со подобра контрола на тие што не ги почитуваат.

- Дали поради новите усвоени измени на Законот за работни односи нашето стопанство има проблем со странските партнери?
-Нив не ги интересира дали ние ќе работиме во недела или не. Ним им е битен рокот за испорака на стоката, па вие кога сакате или кога можете произведете ја. Останува проблемот на нашите компании при договарање на тие рокови. Ова особено се однесува на целата преработувачка индустрија.
- Што предвидувате, како ќе помине иницијативата за оценување на уставноста на усвоените измени, популарно наречени „недела неработен ден“?
-Неколку комори најавија дека ќе поднесат иницијатива пред Уставниот суд за оценување на уставноста на измените. Интересно е како ќе реагира Уставниот суд, дали ќе го оцени Законот како неуставен. Некои правници, со кои разговарав, велат дека постои основа за неуставност, токму поради тој член 55, за ставање на нееднаква положба на субјектите на пазарот.
- Дали воопшто нам ни одговара донесување ваков закон односно измени на Законот за работни односи и за трговија?
-Ние треба да видиме на кој степен од развојот сме. Хрватска, на пример, која има БДП 18 – 19 илјади долари по жител годишно, се уште тактизира со слични мерки, бидејќи знае дека ќе влијае негативно на економијата. Ние што имаме БДП околу 5-6 илјади по жител, многу храбро влеговме во овој процес, сакајќи да им удоволиме на синдикатите и на работниците. Ќе видиме што ќе покаже практиката. Прво мора да се исправат некои неправилности и непрецизности во Законот, а ако донесе поголеми проблеми во економијата, во буџетот, тогаш треба да бидеме подготвени за повторно менување на Законот. Така направи Црна Гора. Таму беше донесен ист таков закон, па виде дека тоа во туристичките места не може да се спроведе. Во нашите одредби нема исклучок за туристичките места. Значи, ни во Охрид, Струга и во другите места не смеат да работат ни дуќаните ни рестораните во недела, а тоагаш се прави најголемиот промет поради викенд-гостите од земјава и од околните држави.
Бране Стефановски