-Германските инвеститори ја оценуваат Македонија како поатрактивна во однос на условите за инвестирање во споредба со земјите од Југоисточна Европа. Германските компании кои веќе стопанисуваат во земјава ја оценуваат бизнис климата како добра или многу добра, со благ тренд на намалување на планираните инвестиции, поради недостигот на стручен кадар. Генерално ова би бил своевиден заклучок од анкетата спроведена меѓу германските инвеститори и компании членки на Македонско-германското стопанско здружение за оценка на деловната клима во државава. И покрај континуираната тензија која се чувствува во стопанството во Европа, анкетираните компании во Северна Македонија се оптимисти кога ја оценуваат актуелната деловна состојба на сопствената компанија. Така 33 отсто од нив ја оценуваат својата состојба како добра, 50 отсто се задоволни, а само 17 отсто очекуваат влошување на деловната состојба во сопствената компанија.

Во однос на процената на тековната 2024 година, 23 отсто очекуваат раст во  бизнисот, додека 17 отсто очекуваат дека ќе има влошување. Во однос на планираните инвестиции 30 проценти од испитаниците одговориле дека сакаат да ги зголемат своите капитални инвестиции, 33 отсто рекле дека ќе останат на истото ниво во однос на инвестициите, а 37 отсто рекле дека ќе ги намалат трошоците за инвестиции. Генерално, ова е показател дека ќе има забавување во однос на инвестициите кај анкетираните компании во споредба со  динамиката од претходните години, посочи Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, надлежна и за Албанија и Косово на денешната прес-конференција во Скопје.

Одлучувачки фактор е зголемениот недостиг од квалификувани работници во земјава, особено кога се во прашање големи инвестиции.

И покрај предизвикот со стручни кадри и понатаму продолжуваат да се реализираат нови инвестиции.

Северна Македонија останува и понатаму привлечна за германските инвеститори, дури 69  проценти од анкетираните компании повторно би инвестирале во земјата.

 Најголеми предизвици

Темата недостиг на стручни кадри, како што нагласи директорката на АХВ, станува сè поважна не само за Северна Македонија, туку и за целиот европски регион.

Дури 70 отсто од германските инвеститори во земјата го идентификува ова прашање како еден од најризичните фактори. Недостигот од квалификувана работна сила директно влијае на тековното производство, ги приморува компаниите да одбијат нарачки, но и да ги намалат веќе испланираните инвестиции.

57  проценти од анкетираните компании одговориле дека трошоците за персонал се фактор кој го сметаат за ризичен. А, дека политиката во однос на економскиот развој е третиот ризичен фактор за градење успешен бизнис во Македонијa сметаат  47 проценти.

А недостигот на стручни кадри, вели Ванделт, се одразува врз тековното производство и на намалување на планираните тековни инвестиции.

Желби до новата Влада

Ванделт упати и како што рече, повеќе желби до новата влада.

„Прва желба е продолжување на отворениот дијалог. Понатаму, контструктивна размена и консултации со економските тела, коморите, пред да се носат законски измени кои би се одразиле на производната индустрија. Би сакале зголемување на ефикансноста во делот на административните процеси, како што е издавање дозволи за работа, за престој, потоа поголема транспатнетност во процесите и натамошна дигитализација“, рече Ванделт, додавајќи дека исто така би сакале да видат продолжување и завршување на започнатите инфраструктурни проекти.

Таа исто така се осврна и на се поголемиот одлив на работна сила од земјава, при што рече дека германските компани во изминатите години настојуваат да создаваат атрактвни услуги, пред се за младите соработници.

„Но, сите знаеме дека ова не е доволно за да го успориме или дај боже да го запреме трендот на иселување“, рече таа. „Затоа нашата желба до новата влада е создавање потребни рамковни услови кои на младите би им обезбедиле атрактивни услови за живот и за развој. Новата генерација ни треба не само нам, туку и на целата држава, затоа заеднички да работиме на оваа цел“, нагласи Ванделт.

Според неа Македонија може да профитира од рецесијата во Германија, бидејќи германските компании бараат поповолни локации за да го префрлат производството и така да ги намалат трошоците.

 Оценка на квалитетот на Северна Македонија како локација за инвестирање

 Ова истражување истовремено се спроведува од страна на германските комори и во 15 други земји од регионот на Централна и Источна Европа.

На анкетата одговориле вкупно 1.500 учесници од сите 15 земји. Анализата на добиените одговори посочува дека во многу области разликите меѓу поединечните земји се мали. Северна Македонија обично е рангирана на средината, но во одредени области има и исклучоци. Позитивните оценки се однесуваат на одличните можности за вмрежување,  квалитетот и достапноста на локалните добавувачи, снабдувањето со енергија, продуктивноста и мотивацијата на вработените, даночниот систем. Сепак, Северна Македонија е оценета под просекот во области како што се борбата против корупцијата, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација.

 „Северна Македонија и Германија во 2023 година имаа трговска размена во висина од 5,13 милијарди евра. Тоа е зголемување од речиси 7седум отсто во споредба со 2022 година.

Во 2023 година, голем број на мали и средни компании исто така инвестираа во Северна Македонија.

Сепак, за зголемениот раст на инвестициите првенствено се одговорни реинвестициите. На наша голема радост информираме дека речиси сите германски инвеститори реинвестирале во земјата. Германија не е само најголемиот трговски партнер на земјата, германските инвеститори вработуваат повеќе од 20.000 луѓе и се едни од најценетите работодавци“ - нагласи Антје Ванделт.