Најдобрите земји за инвестирање во недвижнини во Европа во 2025 година се наоѓаат во Централна и Источна Европа, а Молдавија е на првото место, според новиот извештај на британската осигурителна компанија Вилијам Расел (William Russell).

Земјата постигна највисок вкупен резултат во анализата што ги зеде предвид факторите како што се данокот на имот, данокот на приход од кирија и бруто приходот од кирија.
Во претходното истражување спроведено од компанијата „1st Move International“, Литванија беше најдобриот избор за инвеститорите, а во новиот извештај се рангира на второ место, веднаш зад Молдавија, додека Северна Македонија е на третото место.
Молдавија се издвојува благодарение на главниот град Кишињев, кој бележи силен развој на инфраструктурата, угостителството и деловниот сектор. Покрај тоа, туризмот е во пораст, особено благодарение на винската индустрија и богатото културно наследство, што отвора можности за краткорочни изнајмувања, објавува „Еуроњуз“.
Литванија, како членка на ЕУ, е привлечна за странските инвеститори бидејќи нема ограничувања за странците при купување недвижен имот. Според Евростат, цените на недвижностите се зголемиле за речиси 10 проценти во последниот квартал од 2024 година во споредба со истиот период од претходната година, а се очекува трендот на раст да продолжи. Кириите значително се зголемени, за повеќе од 170 проценти во споредба со 2015 година.
Според извештајот, Литванија нуди бруто годишен принос од околу 6,39 проценти, со максимални трошоци за купување од 4,10 проценти. Умерената стапка на раст на цените ја прави стабилна и профитабилна инвестициска дестинација.
На третото место е Северна Македонија, која е кандидат за членство во ЕУ. Според британската осигурителна компанија „Вилијам Расел“, нашата земја има ниски даноци, едноставна постапка за купување недвижен имот, како и владини стимулации за странските инвеститори. Главниот град доживува урбан раст, надградби на инфраструктурата и зголемена побарувачка на станбени и комерцијални простори. Бруто приносот од закупнини е околу 6,47 проценти годишно, што укажува на висок принос во однос на вредноста на имотот.

Според истражувањето, Србија, Ирска и Латвија исто така нудат многу добри стапки на поврат, со бруто годишни износи повисоки од седум проценти.
Изнајмувањето – профитабилно во некои земји
Земјите со високи бруто приноси и релативно ниски даноци на приходи од изнајмување се Андора, Црна Гора и Бугарија. Италија, иако има малку повисока даночна стапка (21 процент), остварува трет највисок принос од изнајмување имоти благодарение на високите бруто приноси од 7,56 проценти, што може да биде привлечно за инвеститори со специфични цели.
Шпанија долго време е една од најатрактивните дестинации за инвестирање во недвижнини во Европа. Благодарение на силниот туризам, стабилниот пазар на недвижности и законите поволни за инвеститорите, земјата продолжува да привлекува купувачи заинтересирани за куќи за одмор, станови за изнајмување и долгорочни инвестиции. Посебно се издвојува Аликанте особено поради поповолните цени во споредба со другите крајбрежни градови, високата зафатеност на имотите за изнајмување, развиената локална економија и инфраструктура, како и медитеранскиот начин на живот и клима.
Цените на недвижностите во Велика Британија паднаа, но се очекува пазарот да се опорави во текот на летото. Според најновиот индекс објавен од „Нејшнвајд бенк“(Nationwide), просечната вредност на недвижностите во април 2025 година се намалила за 0,6 проценти на месечно ниво, додека растот на годишно ниво се забавил на 3,4 проценти, во споредба со 3,9 проценти во март. Просечната цена на имотот сега е 270.752 фунти. Иако цените во моментов се во мал пад, се предвидува дека пазарот на недвижности ќе заживее во текот на летото, кога се очекува да се стабилизира по прилагодувањето на новите даночни услови, објавува „Гардијан“.
Што се случува со Азија?
Цените на новите куќи во Кина се стабилизираа во март по малите месечни падови во претходните месеци, што укажува на првите знаци на закрепнување во секторот за недвижности, иако побарувачката останува слаба поради големото оптоварување на пазарот со долгови. Во февруари, цените на новите станови се намалиле за 0,1 процент во споредба со јануари, додека во март останале непроменети, според пресметките на Ројтерс врз основа на податоци од Националното биро за статистика на Кина (NBS).
На годишно ниво, падот на цените е 4,5 проценти, што е мало подобрување во споредба со падот од 4,8 проценти во февруари. Иако секторот за недвижности повеќе не сочинува една четвртина од кинеската економија како што беше во 2021 година, секој знак за стабилизација на цените им носи олеснување на домашните власти, кои се соочуваат со дополнителни притисоци од зголемувањето на американските царини.
Истражувањата покажаа дека инвестициите во комерцијални недвижности во Азиско-пацифичкиот регион се зголемени. Според JLL (Jones Lang LaSalle), глобална компанија за комерцијални недвижности, инвестициите во Азиско-пацифичкиот регион се зголемени за 20 проценти на годишно ниво, и изнесуваат 36,3 милијарди долари во првиот квартал од оваа година. Регионот го задржа шестиот последователен квартал на раст и покрај заканите од царините, а инвестициите се зголемија во сите сектори освен во логистиката.
Корејскиот пазар езголемен за 58 проценти во однос на истиот период минатата година, достигнувајќи трансакции од 6,8 милијарди долари, што го рангира на второ место во Азиско-пацифичкиот регион, веднаш по Јапонија (13,7 милијарди долари).
Во САД опаѓа продажбата на куќи
Продажбата на постоечки домови во САД падна повеќе од очекуваното во март, притисната од повисоките трошоци за позајмување, а веројатна е понатамошна слабост, економско забавување поради царините кои ја намалуваат побарувачката. Продажбата на домови е намалена за 5,9 проценти во март, на сезонски прилагодена годишна стапка од 4,02 милиони единици, соопштило Националното здружение на агенти за недвижности во текот на неделата. Економистите предвиделе пад на препродажбата на домови на 4,13 милиони единици. Продажбата се намали за 2,4 проценти во споредба со истиот период минатата година во март. -Euronews