Над 150 излагачи и агенции, бројни наградни игри, како и организирани посети на нишките туристички атракции, ги очекуваат посетителите на Меѓународниот саем за туризам во Ниш, кој ќе се одржи по 24-ти пат од четврток, 30 март до сабота, 1 април.

За земја партнер на Саемот оваа година избрана е Македонија, со која ќе се разговара за туристичкото поврзување, пред се на просторот на „Отворен Балкан“, јави дописникот на МИА од Белград.

 -Во текот на трите дена од Саемот на сите посетители ќе им обезбедиме уникатна туристичка понуда, бидејќи како што диктира географската положба на Ниш, ова е место каде што се вкрстуваат туристичките стопанства на Истокот и Западот, но она што е најмногу важно е дека во соработка со Македонија ќе разговараме за поврзување и создавање нови туристички производи, пред се на пазарот на Отворен Балкан“, изјави Драгана Божиќ, директорка на Туристичката организација на Ниш (ТОН).

Директорката Божиќ очекува дека градот Ниш со овој Саем ќе ги обедини туристичката индустрија, туристичките организации и региони, како и туристичките агенции, со цел што подобро да се претстави понудата за претстојната летна сезона.

-Особено е важно што во соработка со Стопанската комора на Србија организираме „be to be“ средби со земјите од регионот, но и со туристичката индустрија на Србија. Ќе ја организираме и четвртата Меѓународна стручна конференција, сметаме дека е важно да се разговара за туризмот, особено по пандемијата, кажа директорката на ТОН.

-Преку прилагодена туристичка понуда традиционално македонското туристичко стопанство ги  презентира туристичките капацитети кои ги има Македонија. Истата е насочена кон, богатата култура, вински туризам, гастрономија, убавините на Дојран и Југоисточниот регион, алтернативни форми на туризмот, а се во интерес на српскиот туристички пазар. Во духот на  добрососедство и подобрување на работната клима што е предуслов за развој на туристичкиот сектор, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Северна Македонија на саемот во Србија покажува дека е отворена за отпочнување на соработка и размена на искуства со чинителите од србскиот и регионалниот туристички пазар,“ информираат од Агенцијата.