Податоците од годишниот билтен за 2022 година покажуваат дека направениот промет на Берзата во 2022 година изнесувал 121 милион евра, а во 2021 година бил 209 милиони евра. Значително е намален и бројот на трансакции – во 2021 година имало 20.647 трансакции, а во 2022 имало 17.274 трансакции.

Наместо минатата година да биде постковидно ревитализирање, енергетската криза која драстично се одрази на растот на транспортните трошоци и цените на основните прехранбени производи основано го наметна песимистичкиот став и кај инвеститорите. Аналогно на тоа очекувано се намали и интересот за вложување и купување на акции во компаниите. 

Гледано според месеци најголем промет во класично тргување лани е забележан во јануари, кога прометот бил 11,4 милиони евра, во февруари 9,6 милиони евра и во април 9,4 милиони евра. 

Додека ако се имаа во предвид вкупниот месечен промет заедно со блок трансакциите забележителен е прометот во јануари 14,6 милиони евра, февруари 17,3 милиони евра поради јавна понуда на хартии од вредност што е реткост на нашиот капитален пазар и во октомври 14,9 милиони евра. Меѓутоа, во октомври имаме блок трансакции од околу пет милиони евра, и исто толку од јавни берзански аукции. Во овој месец беа големите тргувања со акции на Гранит, меѓу кои доминантна беше продажбата на акциите од 7,5 отсто на пензискиот фонд Сава во Гранит за 5,5 милиони евра.

Значителен пад во месечните приходи минатата година има во ноември, 4,9 милиони евра и во декември 5,6 милиони евра.

Најтргувани акции на Официјалниот пазар

Во групата на 10-те најтргувани акции на Официјален пазар истргувани се 1.170.835 акции преку 15.944 трансакции во вредност од 66,8 милиони евра.

Меѓу нив најголем број трансакции, 6 663 се направени со акциите на  Комерцијална банка, со промет од 31,7 милиони евра. Потоа се 3 152 трансакции со акциите на Алкалоид со промет од 13,96 милиони евра и 1 024 трансакции на НЛБ Банка Скопје со промет од 4,87 милиони.

Десетката на најтргувани ги опфаќа и трансакциите со акции на Макпетрол, Гранит, Стопанска банка Скопје, Реплек, Македонија турист, ТТК Банка и Тетекс .

 Акциите на ГД-Тиквеш Кавадарци со најголем раст

Според податоците во билтенот меѓу петте најинтересни акции на официјалниот пазар кои бележат најголем раст на врвот се акциите на ГД-Тиквеш Кавадарци кои пораснале за  536,94 проценти. Односно акциите на оваа земјоделска компанија од 157 денари на последниот ден на тргување во 2021 скокнале на 1.000 денари за акција на последниот ден на тргување во 2022 година. Зад нив се акциите на Оранжерии Хамзали Струмица, кои ја дуплирале цената во текот на годината, од 100 на 200 денари за акција. Во групата на најтргувани акции се вбројуваат и Стопанска банка Скопје – приоритетни акции со забележлив раст од 69,49 проценти, УНИ Банка Скопје со 48,30 отсто и Макстил Скопје со 33,33 проценти.

Наспроти нив, најголемо намалување на вредноста на акциите од минус 59,56 отсто забележале акциите на Бетон, потоа на Либерти, Жито Лукс, РЖ Уготур и Стопанска банка – Битола.

 Пад на МБИ 10  за 8,14 проценти

Индексот на МБИ 10 на 29.12.2022 година бил 5.652,33 и тој е помал за 8,14  проценти во однос на 30.12.2021 година.

Да потсетиме, пресметувањето на МБИ10 се врши согласно со Методологијата за пресметување на Македонски берзански индекс – МБИ10.

МБИ10 го сочинуваат 10 котирани акции на Официјалниот пазар на Македонската берза, избрани од страна на Комисијата за берзански индекс, според критериумите наведени во посебна методологија. За база на МБИ10, со вредност 1.000 се зема вредноста на индексот на 30.12.2004 година.

Во тргувањето со акциите од МБИ 10, во 2022 година најмногу се тргувало со акции на Комерцијална банка со кои се остварило 49,4  проценти учество во прометот. Потоа, следуваат акциите на Алкалоид кои реализирале 16,64  проценти учество во берзанскиот промет и акциите на Гранит учествувале со 11,96  проценти во прометот. Меѓутоа, сите три акции бележат намалување на вредноста во 2022 година во однос на 2021 година.