Започна да работи локално, но, нејзината стартап апликација „Challenger“ е на повидок да добие и регионално значење. Олга Рајчиќ работи како развивач на бизнис во семееен бизнис и е ко-основач на стартапот „GREEN IT“ и апликацијата Challenger. Таа била проект менаџер на локалниот инкубатор за социјални претприемачи во Македонија имплементиран од АРНО. Нејзини главни интереси се развојот на социјалните претпријатија. Се залага за општествено одговорна економија и е активно вклучена во натпревари, а волонтирала како судија на локални и регионални бизнис натпревари. Таа е заменик куратор во заминување на Глобал Шејперс Скопје и член на Ротари клуб интернационал Скопје.

Според Рајчиќ, промена во животите на луѓето може да дојде преку бизнисот и создавањето на поинаква приказна. На тој начин, вели се добива мотивација за работа. Со волонтирање се менуваат работите, но кога ќе влезете во бизнисот и луѓето ќе почнат да работат со вас и ќе имаат економска независност, гледате дека промените се случуваат локално.

„Мојата приказна започна на Стартап викендот во Скопје во 2018 година. Немав идеја и сакав да видам дали за 54 часа можам да создавам идеја. Таму, ги запознав Теодора и Стефан со кои сме ко-основачи на „GREEN IT“ и стојат зад апликацијата „Challenger“. Одлучивме дека сакаме да направиме нешто против загадувањето на воздухот во Скопје. Воедно и да ги поттикнеме нашите сограѓани да пешачат и да возат велосипед и за тоа да бидат наградени. Почетокот беше навистина тежок, особено кога доаѓате со нешто иновативно и кога немате пари. Генерално, ние сме средина каде потешко се прифаќаат новите работи. Но, тоа беше процес на учење преку кој созреавме и дојдовме до тоа што сме денеска. Можам да кажам претприемништвото не се учи во книга. Мора да почнете да го одите патот, бидејќи учите лекции кои никој нема да ви каже. Мора сами да знаете што треба да направите и како да постапите. Да ги најдете вистинските луѓе да работат со вас и како да излезете на нови пазари“, објаснува Рајчиќ.  

Според неа, на македонското општество му недостигаат партнерски односи, бидејќи како што вели, без нив нема цел.

„Нашата апликација со поинаков модел во 2022 година излегува во пет други регионални држави, за кои не знаеме како ќе помине. Сето ова е ново за нашиот тим. Сметаме дека со партнерите е она што сакаме да го постигнеме и во регионот и дома. Моментот што сме македонска апликација која излегува на регионалните пазари, не’ гледаат поинаку и со воодушевување“, вели Рајчиќ.

Претприемништвото е предизвик со многу непроспиени ноќи

Осврнувајќи се на претприемништвото, Рајчиќ наведува дека вештините се комплексно прашање. Нивното поседување не значи гаранција за успех, бидејќи не секогаш се вештините во прашање.

„Треба да знаете дали производот или услугата што ја нудите ќе биде прифатена на пазарот. Ако зборуваме за меки вештини за тие позиции во патот за претприемништвото мора да имате цел каде сакате да стигнете. Кога сакате да испланирате да дојдете од точка А до точка Б, ќе се случи пандемија, војна, економска криза и може да го фрлите во вода. Тука доаѓа до израз агилноста и лесното прилагодување на ситуацијата која ви се случува. Мислам дека регионот каде живееме ни дава некоја предност, бидејќи секогаш ни се случуваат некаков вид промени. Тоа треба да го искористиме како предност и со многу малку да направиме нешто што ќе биде опипливо и да го продадеме“, наведува Рајчиќ.

Истражувањето во кое била дел покажува дека социјалните претпријатија за да биде многу поуспешни, треба да имаат и поголема економска активност. Резултатите покажале дека продажбата е една од работите за која очигледно претпријатијата немаат добри продавачи на услуги и производ. Но, битно е да нема откажување и да се надоградува знаењето.

„На почеток немате вработени за сите позиции мора да учите од се по малку. Или ќе научите или ќе ставите клуч на врата. Ќе седите со тимот и ќе велите дека тоа не функционира кај нас во земјава. Битен е моментот – „ајде уште еднаш да пробаме, да не се откажеме“. Тоа не е вештина, тоа е карактеристика на личност. Ако имате можност подоцна, вработете ги луѓето што знаат повеќе од вас. Само така ќе стигнете до целта. Некогаш ќе немате средства да ги вработите. Во нашиот тим се зафркаваме дека ќе го спасуваме светот. Но, кога ќе заработуваме пари ќе видиме, ќе видиме допрва, низ смеа вели Рајчиќ.