Во продикција на светски студија постојат многу интересни емисии за разни железници во светот; некои одат по многу стрмни пруги, некои по високи мостови, некои се наменети  за туристичко разгедување, некои што шибаат со 600-700 км/час, … па ако на некоја од тие продуцентски куќи и текне, може да дојде во Македонија да го сними „рекордот“ на превозот на патници во должина од 170 мк за 10 часa. Тоа се случи пред некој ден на дестинацијата Скопје – Битола. Со продажба на таквата емисија, продуцентската куќа може да заработи пари. Паметните заработуваат и на туѓите глупости, а криминалците „заработуваат“ само за себе од капиталот што го наследиле од претците. Железничкиот систем во Македонија постои од 1873 година со пуштање на пругата Солун – Скопје, значи од Турско. Наместо да оди напред таа посотјано, континуирано, упорно и гордо тера назад! Пари за неконтролирано трошење има, ама за опрема никој не дава – никој не знае кај се парите што им ги дава државата на железничарите и никој не прашува. Чудно и необјасниво е што железницата, крвотокот на економијата и еден од најевтините превозни можности, е оставена на волјата на нестручните раководства кои прават буквално што сакаат. Извори од „внатре“, што сакаат да останат анонимни, велат дека „транспортот“ има 7мина директори со плата од по 70 илјади денари и 8мина советници со плата од по 62 илјади ден на кои „мува не ги лази“ за состојбата во претпријатитето, кое е место за вработување на нестручни, партиски кадри, роднини и пријатели.

Просечната плата и во „транспортот“ и во  „инфраструктура“ е над 32 денари . Од каде толку пари, ако нема приходи, нема транспорт, нашата железница е одамна меѓународно нефункционална, па возовите ја заобиколуваат Македонија.

Пред тоно една година овјавивме текст со наслов Железницата е мртва – Македонија е изолирана, (https://antoris.mk/a/v/zeleznicata-e-mrtva-makedonija-e-izolirana), оттогаш состојбата е уште полоша. За да не се повторуваме, во овој текст ќе направиме споредба со железницата на Србија, која од пред неколку месеци го воведе брзиот воз што сообраќа со 200 км/час, па од Белград до Нови сад се стигнува за половина час.

Пред неколку дена српскиот Министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Томислав Момировиќ, на отворањето на изложбата „Изградбата на железничката пруга во Србија до Првата светска војна“, се пофали со тоа што со воведувањето на брзата железница во Србија, земјата велегува во системот на современиот европски железнички превоз и дека е дел од Европа што и стои на располагање за брз и квалитетен транспорт, но и дека тој превоз си има своја цена.  Момировиќ рече:

„Железничкиот сектор, покрај Армијата на Република Србија, има најголема традиција во нашата земја. Развојот на железницата е наша задача и е во функција на нашата и на економиите на модерните држави. Во претходните години успеавме да ја оправдаме довербата на нашите предци кои пролеаја крв и солзи и ја изградија првата железница меѓу Белград и Ниш во 1884 година.“

Министерот ја искористи можноста да им се заблагодари на сите луѓе што ја водат железничката компанија, како и на сите работници кои се дел од железничкиот систем, за сите постигнати резултати:  

„Се надевам дека ова е почеток на голем инвестиционен  бран што нема да биде запрен со железничката пруга од Нови Сад до Суботица, потоа брза лента од Белград до Ниш, сè додека не се реконструира целата железничка пруга. Сакам сите луѓе да бидат убедени, првенствено работниците на железничката пруга, дека нема да застанеме, дека сакаме да го вратиме достоинството на железничкиот работник, дека железничката пруга повторно е гордост во нашата земја. Ние ќе изградиме линии, ќе обезбедиме подобар стандард и ќе ги вратиме луѓето во возовите“, заклучи министерот.

Ете, накај гледаат нашите северни соседи, кои, кога е во прашање нивната потреба од железничка најкратка врска кон југот, односно кон солунското пристаниште, ја немаат!     

Вршителот на должноста генерален директор на „Српската железница“ Горан Аџиќ истакна дека Србија во последните десет години е во фаза на изградба на инфраструктурната мрежа и на железничкиот систем.

„Српска железничка инфраструктура“ врши исклучително важни задачи поврзани со животот на сите граѓани на нашата земја. Компанијата „Србија воз“ со нови возови го зголеми својот бизнис на значително ниво. Во овие тешки времиња, „Србија товар“ беше назначена за лидер во транспортот на стоки во Србија, особено во енергетскиот транспорт во ова време на глобална криза. „Српската  железница“ се обидува соодветно да го претстави целосниот железнички сектор“ рече Адиќ.

Странски интерес за српската железница

За инвестирање во српската железница најмногу се заинтересирани Шпанците. Претставници на шпанските компании пројавија интерес во наредниот период да купат 18 возови.

Австрискиот превозник на карго, пред неколку дена објави дека планира да работи во Србија од следната година. Имено, „Rale Cargo“, компанијата на австриската железница (ОББ), на почетокот на втората четвртина од 2023 година, има намера да го транспортира товарот преку сопствената компанија. Така, Србија ќе биде 13 -та земја во која компанијата ќе носи товар со сопствените локомотиви и персонал.

Планови на македонската „инфраструктура“

Податокот што може да се најде на веб страницата на МЖ „Инфраструктура“ вели дека директорот на јавното претпријатие за железничка инфраструктура на Македонија, Хари Локвенец, на 10.11.2022 се обратил до Европскиот Парламент на кој му ги презентирал проектите за изградба на клучни коридори во државата. Во писмото се вели:

„Во однос на источниот дел од Коридорот 8, тендерските процедури се комплетирани, а во тек се процедурите за третата делница меѓу Крива Паланка и бугарската граница. Овој тендер треба да се отвори најдоцна во првата четвртина од идната година.

-За овој договор можам да кажам дека е најголем предизвик бидејќи од 24 километри има 24 тунели и 51 мост. За овој проект со проценета вредност од 400 милиони евра од 2017 година, добивме ИПА грантови од 61 милион евра и грант од 155 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан, рече Локвенец.

Ова значи дека над 50 отсто од фондовите доаѓаат од ЕУ, за што Локвенец се заблагодарил во име на граѓаните на Македонија и истакнал дека ова овозможува блиска соработка и со бугарските колеги преку месечни средби за да се оствари целта за железничко поврзување до 2027 година. На крајот од овој месец ќе се започне со работа на овие проекти во Бељаковце и надежта е дека во рок од 36 месеци ќе се изгради нова пруга од 65 километри за првите две секции.

Во однос на западната делница од Коридорот 8 поднесена е апликација за техничка асистенција за да се актуелизира делот Кичево-Струга, а се работи и на делницата Струга-албанска граница. За сево ова во тек се подготовки за тендерските процедури и контакти со сите засегнати страни.

-Нашите проекции велат дека до крајот на оваа декада ќе ја заокружиме изградбата на Коридорот 8 на македонска почва, затоа ве замолуваме да ги поддржите нашите стратегии и планови и да го вклучите западниот дел во централната ТЕН-Т мрежа, рече Локвенец.

Шефот на македонски железници им порача на колегите во ЕУ дека земјите во Европа, дали се членки или кандидати, заедно претставуваат „голем железнички мозаик“ и сите треба да бидат третирани еднакво.

-Преку овие активности покажуваме дека не сме само географски дел од Европа, туку дека имаме капацитет и волја да стоиме рамо до рамо со нашите европски пријатели преку учество во спроведувањето на европските стратегии, нагласи Локвенец во својот говор пред Европскиот Парламент во Брисел.

Од писмото се гледа дека надежта е свртена кон евопската помош, а не кој домашно планирање и рационално трошење на буџетските средства за капитални инвестиции, кои ниедна година не се потрошени наменски, поради немање зрели проекти.

Иако насловот на овој текст е „Македонската железница – светска атракција“, никој не ни прашал за инвестирање во неа, иако коридорот е од европска важност. Но, прашањето за инвестирање, односно за приватизација е големо и тешко прашање, како што беше прашањето за продажбата на електродистрибуцијата, па откако ја продадовме да се прашуваме – дали требаше или не? Македонија е соочена со големо прашање на решавање на состојбата со железницата кое треба веднаш да се отвори и итно да се решава, ако сака да го зачува својот крвен економски систем и да биде дел од европскиот и светскиот промет, чија важност ја гледаме најмногу од почетокот на руската агресија врз Украина.