Македонскиот извоз во Русија расте, додека опаѓа вкупната размена и увозот – тоа се резултатите од стоковната размена меѓу двете земји во првата половина од годинава. За шест месеци македонските компании на овој пазар пласирале стока во вредност од 29,35 милиони американски долари што претставува раст за 5,5 отсто во однос на истиот период лани кога е извозена стока за 27,89 милиони американски долари. Вкупната размена меѓу Македонија и Русија до крајот на јуни ја достигна вредноста од 195,82 милиони американски долари што е опаѓање од 16,2 отсто во однос на минатата година кога изнесувала 233,78 милиони американски долари, стои во информацијата од Македонско-руската стопанска комора.

Како што стои во информацијата намален е и увозот од Руската Федерација за 19,2 отсто. Од оваа земја купена е стока во висина од 166,47 милиони американски долари, додека лани до крајот на јуни била увезена стока во вредност од 205,95 милиони американски  долари.

Македонија и натаму бележи висок трговски дефицит во размената со Русија во висина од 137,12 милиони американски долари. До крајот на јуни Руската Федерација е 13 трговски партнер на нашата земја.

Трговска размена на Македонија со светот

Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, за половина година вкупната размена на Македонија со светот ја достигна вредноста од 10,51 милијарди американски долари. Вкупната вредност на извозот на стоки од нашата земја, во периодот јануари-јуни 2023 година, изнесува 4,59  милијарди американски долари и бележи пораст од 2,7 отсто во однос на истиот период од претходната година.

Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-јуни оваа година, изнесува 5,98 милијарди американски долари што е за 8,4 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јуни 2023 година, изнесува 1,39 милијарди американски долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во првата половина од годинава изнесува 76,8 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во првата половина од оваа година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.