Престижниот ESG Adria Summit 2025 во Тиват годинава е фокусиран на практичните решенија за забрзување на зелената транзиција, со акцент на иновативните финансиски модели и јавно-приватно партнерство. Меѓу 700 водечки експерти, претприемачи и политичари од регионот на самитот присуствува и македонски тим предводен од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. Со цел да ги сподели искуствата и напорите на нашата земја во областа на енергетската транзиција и одржливото финансирање, министерката е учесник на неколку панели и дискусии:

• High-Level Panel: Мобилизирање капитал за зелени проекти – дискусија за стратегиите за привлекување капитал за зелени проекти во регионот.

• Енергетските аукции како катализатори за распоредување на обновливите извори на енергија во Западен Балкан – панел организиран од Европската банка за обнова и развој (EBRD), фокусиран на улогата на енергетските аукции во забрзување на развојот на обновливите извори на енергија на Западен Балкан.

• Интеграција на пазарот на електрична енергија и CBAM – Preparing Utilities for the Future (Side Event) – настан организиран од Секретаријатот на Енергетската заедница, каде министерката ќе одржи 15-минутно излагање заедно со министерот Адмир Шахмановиќ.

На панелот „Мобилизирање на капитал за зелени проекти“ министерката Божиновска ги презентираше напорите на Македонија во процесот на зелена транзиција, нагласувајќи дека фокусот на владата уште од самиот почеток е насочен кон развој на енергетската инфраструктура со цел да обезбеди долгорочна стабилнос, одржливост и економски напредок.

„Нашата стратегија се заснова на паралелен развој на државната енергетска инфраструктура и поттикнување на приватните инвестиции во обновливи извори на енергија. Со поддршка на ЕБРД, активно работиме на воведување на иновативни финансиски механизми како Contract-for-Difference, кои ќе ги намалат ризиците за инвеститорите. Зелената транзиција мора да биде праведна. Затоа стратешки остануваме посветени на модернизацијата на РЕК Битола, но истовремено градиме соларни и ветерни централи за да постигнеме 38 отсто удел на обновливите извори до 2030 година,“ посочила Божиновска. При деталната презентација министерката ја нагласила и неминовноста од регионалната соработка. Според неа изградбата на новите интерконекции со Албанија, Грција и другите соседи е клучна за зацврстување и отворање на поголеми инвестиции во регионот.  

„Ова ќе овозможи поголема стабилност на енергетскиот систем и ќе отвори нови можности за трговија со чиста енергија“.

Поддршка за нови енергетски проекти со КфВ банка

На маргините на самитот покрај учеството на овие панели, министерката Божиновска заедно со директорот за финансии на АД ЕСМ Иван Стојановски, меѓу неколкуте билатерални средби остварила работна средба со Клаус Милер, директор на КфВ банка за Југоисточна Европа и Турција.

Средбата била фокусирана на напредокот и понатамошната реализација на неколку стратешки проекти: втората фаза од ветерниот парк Богданци, фотонапонската електрана „Битола 2“, како и третата фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани.

„Овие проекти не само што го зголемуваат домашното производство на електрична енергија, туку и го зајакнуваат целиот енергетски систем на државата. Партнерството со КфВ банката е значаен поттик за трансформацијата кон одржлива енергетика“, истакна министерката Божиновска.

Посебно внимание беше посветено на нови иницијативи за техничка помош насочена кон унапредување на интерните капацитети на АД ЕСМ, за среднорочно и стратешко планирање, со акцент на инвестициските проекти.

КфВ банката потврди дека останува стратешки партнер и дека ќе продолжи со поддршка за нови проекти, меѓу кои се и фотонапонската електрана „Битола 3“ и други инвестиции во обновливи извори на енергија.

Проектите што се реализираат со поддршка од КфВ директно придонесуваат за збогатување на портфолиото од обновливи извори на енергија во Република Македонија, како и за долгорочна енергетска стабилност и сигурност