Голем дел од менаџментот како и сопственичката структура на компаниите во Македонија сакаат контролата  да ја држат во  свои раце и не се подготвени да ја делат со други кои би влијаеле на одлуките коишто се носат и посебно би влијаеле на стратегијата за настап на компаниите на пазарот, покажа анкетата за потенцијалот на македонскиот пазар на хартии од вредност (видувања на компаниите за трансформација во АД, IPO и берзанската котација) што во текот на годинава ја  спроведе агенцијата „Стратум РиД“ ДООЕЛ на репрезентативен примерок од 100 испитаници од микро, мали, средни и големи компании во Македонија за потребите на Македонската берза.

-Поголем процент од анкетираните компании (51 отсто) не се подготвени да дозволат разводнување на сопственоста поради учество на трети лица во нивниот капитал преку берза. Додека 39 проценти од  анализираните компании бараната транспарентност согласно регулативата во областа на хартии од вредност ја перципираат како негативност од нивен аспект, покажа анкетата за потенцијалот на македонскиот пазар на хартии од вредност.

Имајќи ги предвид можностите, дали менаџментот размислува за емисија на ХВ и дали според нив има ризици од издавање на хартии од вредност, над половина од акционерските друштва, не размислуваат за нова емисија, а над 73 отсто сметаат дека издавањето на ХВ има големи ризици за нивното работење. Како главен ризик од емисија на ХВ половина од компаниите го гледаат разводнувањето на сопственоста поради учество на други во капиталот, а со тоа и губење на контролата. Најмногу им пречи тоа што не можат да ги носат одлуките како досега и ќе мораат да прифаќаат и други мислења. Додека како опција за финансирање го преферираат кредитирањето од банка, кое во најголем дел го сметаат за поволно.

Исто така половина од анкетираните компании не размислуваат за котација на берза, додека 16 отсто дискутирале за тоа но главно се водат од недостатоците (секако, страв од губење на контрола и разводнување на капиталот), а само 8,1 проценти се водат од можностите  за раст што ги нуди берзата. Практично, 60 проценти не гледаат никаква предност во котација на берза, за 16 проценти препрека им се трошоците во однос на бенефитите што ги носи излегувањето на берза. Околу 12 отсто одговориле дека немаат доволен капацитет во компанијата, но доколку им  се понуди стручна помош само три проценти би се одлучиле, а 53 отсто сепак ја одбиваат ова можност и не сакаат  да излезат на берза.

Анкетата покажува и дека најбитните зделки во земјава се случуваат на деловните ручеци, а сопствениците за новостите во бизнисот се информираат преку пријатели и познаници, интернет страници и консултанти.

И покрај повеќегодишните едукациски програми и информативни кампањи, голем процент од компаниите (65 отсто) не се детално запознаени со функционирањето на пазарот на капитал во земјата генерално и на берзата конкретно.

„Резултатите од анкетата само потврдија дека познавањето на компаниите за можностите што ги нуди пазарот на хартии од вредност за финансирање се сѐ уште на ниско ниво“, рече генералниот директор на МБ, Иван Штериев при отворањето на дебатата насловена како: Излегување на берза – зошто никој не го „крши мразот“.

 Излегувањето на берза или Јавна иницијална понуда- дежурна тема

Тој во воведното излагање нагласи дека немањето на познавање од страна на компаниите фактички доведува до ситуација да не може да се создаде потреба за излегување на берза и финансирање преку пазарот, - затоа што кога нешто не знаете и не разбирате, не може да го посакате, а покрај тоа постојат низа објективни, но и ирационални дилеми и стравувања.“

„Излегувањето на берза или Јавна иницијална понуда и во Македонија и во регионот е дежурна тема, за која се зборува од формирањето на берзите пред 25-30 години, и иако е зборена сепак е тема на темите, како да се раздвижат работите во овој домен. Нашата мисија како Берза е секогаш да зборуваме за ова. Силно веруваме дека има гоелма општествена потреба и целисходност , да се навраќаме циклично на оваа тема- економските односи и состојби во општеството се менуваат и со тек на време стануваат позрели. Денес има поголеми шанси нашата идеологија за пазарно финансирање да „фати маја“, отколку што имало вчера, а утре повеќе од денес.

Штериев потсети дека има три модели на реалокација на финансиските ресурси во економијата и нивно трансферирање од суфицитарни до дефицитарни субјекти. „Дефицитарен по дифолт е корпоративниот сектор кој треба да инвестира, да расте, да дава плати, да создава  добивки, да плаќа даноци. Ова реалокација може да ја прават државата, банките и пазарот на капитал. За државата знаеме, историски дека не се покажа, банките тоа го прават подобро, но сами не можат да направат оптимална алокација поради разни ограничувања, особено што не се склони да поддржат нови и поризични бизниси и инвестиции. Со други, зборови идеално е да се вклучи во ова пазарот на капитал со сите негови механизми од бизнис ангели преку фондови за ризичен капитал (venture), еквити фондови до она што се нарекува ефикасен пазар и IPO за она што и дебатираме .

Сите регионални берзи со децении имаат мака да стартува оваа регионална матрица да започне да функционира. Никаде нема перманентен образец субјектите и компаниите одвреме навреме да излегуваат на берзите и да прибираат капитал. Дополнително кризата покажа дека компаниите со поголем капитал и резерви се поотпорни и подолговечни. Сега со нетрпение го чекаме првиот корпоративен јунак што во Македонија пазарно ќе прибере капитал“, рече Штериев пред да ги покани  дебитантите да го изнесат своето мислење,  став и искуство за тоа колку бизнис секторот знае да ја искористи берзата и пазарот на ХВ за своите деловни потреби.

Новите емисии на ХВ –ќе чекаат подобри времиња

На тркалезната маса за познавањето, интересот, заблудите и очекувањата на компаниите поврзани со акционерството, нови емисии на хартии од вредност и берзанската котација дискутираа Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“ АД Скопје, Нина Ангеловска, директорка за меѓународен развој во „Ananas E-commerce“, Горан Ѓорѓиевски, основач и управител на „Специјал – Продукт“ ДООЕЛ Скопје и Горан Антевски, генерален менаџер на „Раде Кончар-ТЕП“ ДООЕЛ Скопје.

Според Ангеловска, - кај нас не се излегува на берзата или од многу знаење што ги очекува таму или од многу незнаење. Перцепциите се ако се продава фирма дека не ѝ оди, затоа мора многу и на тоа да работиме. Додека од друга страна, прашање е и дали има добра понуда, бидејќи сме многу мал пазар, прецизира Ангелоска, но сепак е оптимист дека за две до три години ќе видиме успешна приказна. Таа  мисли дека мразот би требало прво да го скршат поголемите компании, а потоа помалите. Исто така според Ангеловска неопходно е да има поголема интеграција во регионот, да се зголеми пазарот, за да ги предизвика и привлече акционерите.

Основачот и управител на „Специјал“, Ѓорѓиевски смета дека во изминатите две години значајно биле намалени приходите на компаниите, а со тоа и нивната профитабилност што предизвикало воопшто да не се помислува на издавање на акции.

По закрепнувањето од кризата верува дека многу компании ќе бидат заинтересирани да влезат во овие процеси и да ги искористат придобивките. Затоа смета дека е значајно да се работи на подигање на свесноста на компаниите преку коморите и други слични форми на здружување.

Според него клучно за неизлегувањето на фирмите на берзата е непознавањето на придобивките од издавањето на акциите, неволноста од пренос на сопственост и мешањето во оперативните работи, како и недоволната запознаеност со процесот на издавање на акции. Инаку „Специјал“ која во моментов вработува околу 300 луѓе, планира IPO за три до четири години.

Генералниот менаџер на Раде Кончар, Антевски,  пак смета дека не е само понудата слаба, туку истакна дека е мал бројот на физички лица, акционери во земјава (само 62.000) кои вложуваат на берза. Тоа, според него покажува дека луѓето не се запознаени со можноста да го зголемат нивниот капитал. Исто така смета дека фирмите не се доволно транспарентни, што е причина луѓето да инвестираат финансиски средства во нив.

Затоа, како што рече тој- токму таму треба да се насочат напорите за подобрување на вложувањето, а компаниите треба да бидат свесни дека со поголема транспарентност ќе имаат можност за поголем развој.“

Во однос на излезот на „Раде Кончар“ со IPO , сметаат дека сѐ уште е рано поради многу ниската побарувачка. „Ако сега излеземе на берзата понудата ќе биде многу ниска. Би сакале да видиме странски инвеститори од кои би можеле да добиеме нови идеи“, рече Антевски.

Пецовски од „Реплек“ пак има впечаток дека пазарната економија или плурализмот не затекнаа како општество и дека не бевме доволно подготвени за тоа.

-Ни недостасува култура и навика за инвестирање, но и едукација на неповрзани луѓе од секторот за тоа што е АД, берза. Треба да се промени начинот на кој ги гледаме акционерските друштва, да се гледаат како сопственост на сите, а не на мнозинските акционери. Не очекувам брзи промени и на среден рок во наредните пет години не очекувам да се случи тоа“, потенцира Пецовски.

Реплек, како што кажа, размислува за емисија на акции заради можностите што се нудат на берзата, но не брзо, туку за година до две.

Учесниците на трибината генерално сметаат дека е идеално да се вклучи пазарот на капитал во финансирањето на македонските компании. Но, за да се случи тоа треба и понатаму да се работи на информирањето за функционирањето на берзата и за користењето на хартиите од вредност како можност за финансирање и развој на македонските компании.