По шест години клуч на врата, државата повторно планира да го отвори
„Македонско село“ сместено во скопско Горно Нерези, кое имаше симбол на
своевидна туристичка атракција во главниот град.

Во моментов, комплексот го обезбедува приватната агенција „Никоб“. Во
внатрешноста на „Македонско село“ поради долгогодишната нефункционалност
може да се забележи отпад кој не е исфрлен, расипани канделабри кои стоеле на
калдрмите, ѓубре по сокаците и неискосена трева.

Комплексот е составен од ресторан, работилници и 12 автентични куќи од разни
краишта во државата. Тие и во моментов се заклучени, како и самиот комплекс.
Од надворешната страна на куќите, со голо око се забележуваат низа оштетувања
– од кровната конструкција до фасадите.

Според пресметките кои Службата за општи и заеднички работи при Владата
ги добила од Бирото за процена, државата на годишно ниво акумулира
загуба од 28,568 евра. Тоа се пари кои опфаќаат обезбедување на комплексот
и негово осигурување. За последните пет години, државата за овие ставки
потрошила околу 150.000 евра. Ако на оваа сума се додаде и изгубената
закупнина во период од пола декада од 218,699 евра, државата трпи
сериозна загуба од неработењето на „Македонско село“ во вредност од
368.000 евра.

Во минатите години, државата имаше план овој простор да го пренамени во
стартап село за полесна работа на компаниите, но оваа идеја не се оствари. Овој
пат, државата повторно планира да го врати „Македонско село“ во неговата
првична функција – туристичка атракција за посетителите на главниот град и
бегство од градската гужва.

Намерите на државата се до крај на годината да се објави огласот за
стопанисување на „Македонско село“, на кој треба да се пријават економските
оператори, односно заинтересираните компании. Веќе до мај следната година, да
може да се реновира она што е оштетено и „Македонско село“ да се врати во
првибитниот сјај.

Во зависност од заинтересираноста на економските оператори, државата допрва
ќе ја утврдува цената колку би чинело негово издавање и дали тоа ќе биде преку
форма на јавно приватно партнерство. Дали штетите и реновирањето на
„Македонско село“ ќе ги покрива државата или економскиот оператор, во овој
момент нема конкретен одговор. Ниту пак на прашањето дали под кои услови
државата ќе го понуди комплексот за работење.

Функционирањето на „Македонско село“ запре во октомври 2018 година. Со него
стопанисуваа компаниите „Тинекс“ и „Твинс“, кои по извесно време се повлекоа
поради економска неисплатливост. Тоа е истата причина и поради која
„Македонско село“ не доживеа трансформација од туристичка атракција во
стартап село, идеја која претходната Влада ја заговараше уште во 2020 година.
„Македонско село“ се протега на површина од речиси 15.000 квадратни метри. Во
неговата изградба државата инвестираше 6,5 милиони евра за негова изградба и
уредување. Етно-комплексот е изграден во стилот на традиционалната
македонска архитектура. 

Иако не работи, автобусот на ЈСП со број 28 се уште сообраќа и негова последна
дестинација е пред портите на комплексот. Додека работеше, за патниците кои
доаѓаат да го посетат имаше бесплатен превоз. Но, поради неработењето на
Македонско село, тука патници воопшто и не се симнуваат.