- MAKERSPACE, е новиот предизвик од Фондот за иновации и технолошки развој за воспоставување лабаратории за истражување, креирање и иновативност. - MAKERSPACE, нов предизвик преку кој ќе се инвестира во развој на иновациска инфраструктура и ќе се овозможи технички услови за усовршување на средношколците и младите.

 

Предизвикот за воспоставување на лаборатории за истражување, креирање и иновативност – MAKERSPACE, што ФИТР го објави денес има за цел на младите креативци од 15 до 29 години да им овозможи бесплатен пристап до современи технологии и опрема, каде ќе можат младите да работат на реализација на своите иновативни идеи. Во лабараториите, на корисниците ќе им биде обезбедена и менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип или мало производство на иновативно решение, кое ќе можат да го тестираат во лабараториска, индустриска средина или на пазарот.

 Простор што му треба на образовниот процес

„Особено е значајно во динамичниот свет во кој живееме, младите, учениците и студентите да стекнат вештини и знаење, но и можност истото тоа знаење на креативен и аналитички начин практично да го применат во насока на изнаоѓање нови решенија на постојните и претстојните проблеми. Предизвикот MAKERSPACE е токму тоа што му треба на образовниот процес, простор кој е отворен за млади креативци и содржи широк спектар на опрема - како вистински инкубатор на знаење и технологија. Верувам дека заеднички, со помош на академскиот кадар, граѓанскиот сектор и иновативните компании, а пред сѐ, поддржувајќи ја иновативноста и креативнста кај младите, ќе успееме да создадеме уште многу успешни приказни“ вели Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Халили додаде дека предизвикот MAKERSPACE претставува продолжение на предизвикот FAB LABS,  којшто претставуваше пилот проект и преку кој создадовме механизам за воспоставување и поддршка на ваков тип на лаборатории.

Преку овој предизвик, ФИТР со финансиска поддршка од 12 милиони денари ги поддржа трите проекти: ЦИРКО, ФЕИТ и ИНО ТЕХ КЛУБ ШТИП, кои веќе ги воспоставија своите лабаратории и овозможија младите да работат на своите иновативни решенија.

 Вкупниот буџет за предизвикот изнесува 20 милиони денари, од кои Фондот обезбедува 90 отсто од вкупниот буџет на проектот, во максимален износ од пет милиони денари по проект, додека преостанатите 10 проценти ги обезбедува апликантот. Обезбеденото кофинансирање може да биде и во форма на парично кофинанисрање и/или во форма на in-kind учество. Времетраењето на проектот треба да биде до 18 месеци.

 Четворен хеликс систем

Процесот на селекција и избор на проекти се одвива во неколку чекори: административна проверка на доставените документи, прва оцена на предлог-проектите (претселекција) и селекција на најдобрите предлог проекти од страна на Комисијата за оценување и избор.

Доставените предлог проекти ќе бидат оценувани врз основа на критериумите за оценување: квалитет на предлог проект, квалитет на предложена програма, квалитет на проектниот тим, влијание, обезбедено дополнително финансирање, вмрежување, промоција и одржливост.

 Во рамките на предизвикот, апликантите треба да понудат предлог проекти за воспоставување на лабараторија за производство MAKERSPACE во простории кои се наоѓаат во рамките на високо-образовните или научно-истражувачките установи и ќе претставуваат простор за соработка помеѓу академијата, индустријата и граѓанските здруженија – таканаречен четворен хеликс систем.

Рокот за поднесување на предлог проекти трае до 31.10.2022 година, а за заинтересираните апликанти Фондот ќе организира инфо сесии на кои детално ќе ги презентира условите на јавниот повик и потребните документи за аплицирање.