Народната банка е доследна во одржувањето на макроекономската стабилност како најсоодветен амбиент за водење бизнис и создавање поволни услови за раст и развој на домашната економија. За таа цел, централната банка секогаш води соодветни политики, коишто гарантираат стабилни и предвидливи услови. Ова беше посочено на вчерашната работна средба помеѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, којашто се одржа во просториите на Комората, во присуство на членови на Управниот одбор на Комората и на претставници на медиумите, информираат од Банката.
На средбата, претседателот Азески во улога на домаќин отвори повеќе прашања за кои надлежност има Народната банка од аспект на улогата за одржување на стабилноста на цените и девизниот курс, но и да води сметка за економскиот развој на државата. Укажа и дека за бизнисот сѐ уште клучни проблеми се борбата против корупцијата, сложените банкарски процедури за граѓаните и за компаниите, транспарентноста која изостанува во делот на информациите за државната помош со странските инвеститори, за стоковните резерви, за девизните резерви.
Во своето обраќање гувернерот проф. д-р Славески пред присутните посочи дека банкарскиот сектор е стабилен, со историски висока капитална адекватност, што претставува значаен потпорен столб за економската стабилност и за економијата во целина. Во интерес на унапредувањето на финансиската вклученост и за зголемена ефикасност на банкарските услуги, Народната банка веќе ги презеде првите активности за намалување на надоместоците кај одделни банкарски услуги. Активностите ќе се одвиваат и понатаму, со цел да се унапреди пристапот до финансиските услуги за граѓаните и за компаниите.
Во рамките на работната средба беше истакнато дека девизните резерви се стабилни и се движат меѓу 4,6 и 4,7 милијарди евра. Тоа претставува соодветно ниво, со оглед на тоа што резервите покриваат околу 4,5 месечни вредности на увозот на стоки и услуги, односно над светскиот стандард од три месеци. Управувањето со резервите се врши внимателно, согласно утврдените принципи на сигурност и ликвидност, со постојан надзор од стручните служби на Народната банка.
Средбата заврши со заедничка оцена дека е неопходна поголема вклученост на институциите за поддршка на економијата, преку редовен и отворен дијалог, како и носење економски политики што се насочени кон реалните предизвици на деловната заедница.