-Информации за субвенции и поволни кредитни линии преку програмата „Зелен финансиски инструмент“ (Green Finance Facility – GFF), како и организирањето на првиот „Инсталатерски ден“, наменет за вмрежување помеѓу компаниите-изложувачи и монтажерите се двата дополнителни сегменти  што претставуваат новина на овогодинешното издание  МАКСОЛ ЕКСПО .

 

Како што информираат организаторите, се очекува настанот да обедини повеќе од 25 компании од Македонија и од регионот, коишто ќе ги претстават најновите производи, технологии и решенија од областа на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.

Посетителите ќе може да разгледаат широк спектар на соларна опрема, фотонапонски панели, батерии за складирање електрична енергија, топлински пумпи, фото-термални колектори за производство на електрична енергија и топла вода, громобранска заштита, инвертори, роботи и машини за чистење на соларни колектори, соларни сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди, полначи, соларни бојлери и друга современа соларна техника.

Првиот ден од саемот, на 4 јуни, ќе биде организиран како „GFF ден“ според програмата посветен на субвенции, грантови и поволни кредитни линии за инвестиции во енергетски ефикасни решенија. Во рамки на програмата ќе се одржат презентации во Cineplexx, каде граѓаните ќе може да добијат практични информации за финансиските можности што ги нуди Green Finance Facility програмата.

Преку овие програми, одредени категории граѓани може да добијат и грант компонента како дел од кредитот, меѓу кои и млади до 35 години, повратници од странство, како и семејства каде жената е носител на приходите. Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да присуствуваат и навремено да се информираат за условите и можностите за финансирање.

Програмата е финансирана од Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој, Владата на Република Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој и е имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со ЕБРД, ИОМ, УНЕЦЕ и финансиските институции. На штандот на GFF, посетителите ќе можe да се запознаат со информации во врска со оваа програма и понудите на банките и компаниите што ќе помогнат во нивната енергетска транзиција.

Дополнително, на 6 јуни ќе се одржи и првиот „Инсталатерски ден“, исто така со презентации во Cineplexx, наменет специјално за монтажери, инсталатери и компании од секторот. Пријавата е наменета за членки и кандидати што поминале обука во Солар Македонија и сакаат да се вклучат во настанот, а место може да резервираат на info@solar.org.mk Целта е да се овозможи директно поврзување, размена на искуства и создавање нови партнерства помеѓу професионалците од индустријата.

Македонската соларна асоцијација и Скопје сити мол преку организацијата на Соларниот саем - МАКСОЛ ЕКСПО ја потврдуваат својата заложба како општествено одговорни организации, посветени на промоција на обновливите извори на енергија, едукацијата, иновациите и одржливиот развој во Македонија.