Македонскиот производител на челик „Макстил“ ќе бара поврат на парите од солидарен данок. Всушност, оваа компанија плати најголем износ за солидарен данок од дури 4,3 милиони евра.
Димитар Цветковски, генерален директор на компанијата „Макстил“вели дека нема да бараат камата на уплатениот данок, но парите ќе ги бараат уште веднаш по стапување на сила на одлуката на Уставниот суд.
Практично, тие, како што рече Цветковски, немаат нема намера да ѝ ги простат овие пари на државата, но не планираат да бараат камати за уплатената сума, што инаку ѝм следува. Исто така, подготвени се да разговараат за динамиката за поварт на овие средства со Министерството за финансии.

„Бевме една од најзасегнатите компании со Законот за солидарен данок и нормално е веднаш да си ги бараме парите кои неправедно ги плативме зашто ни се потребни за предвидливост и буџетирање. Процесот ќе го почнеме веднаш, иако имаме рок од пет години за да го направиме тоа. Подготвени сме со Владата и со Министерството за финансии да разговараме и да договориме динамика за враќање на парите. Нема да бараме камата, бидејќи сме фирма од оваа држава, и не помина долго време од уплатата на данокот. Не сакаме дополнително да го оптовариме буџетот на државата со камата од 4,3 проценти – рече Цветковски на прес-конференција на Советот на странски инвеститори на стопанската комора.
Тој ја поздрави одлуката на Уставниот суд за укинување на законското решение и додаде дека сака индиректно да ја поздрави и Владата, која реши да не се меша при носењето на одлуката од страна на Судот.
Како што е познато, на почетокот на месецов, Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок. Тоа значи дека државата ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, на прес-конференција појасни дека компаниите сега имаат право во рок од пет години, доколку сметаат дека со тој закон им биле повредени правата, да бараат од надлежниот орган да се поништат решенијата со кои им се повредени правата.
Владата сè уште не излегла со план како ќе ги враќа парите од солидарниот данок на компаниите кои беа засегнати со овој данок. Околу 200 компании кои во 2022 година остварија вкупен приход повисок од 10 милиони евра во 2023 година го платија овој данок. Стапката на солидарниот данок изнесуваше 30 отсто.
Цветковски рече дека Макстил не е засегнат од царините на САД бидејќи стапката ја плаќа и сега, но е загрижен доколку Европската Унија воведе контрацарина која ќе важи за сите земји надвор од Унијата.
– И сега ги плаќаме тие тарифни стапки од 2018 година наваму, но разлика за нас ќе има ако Европската Унија воведе царини кои ќе важат покрај за САД и за сите трети земји, односно за сите кои не се во ЕУ, бидејќи 60 до 70 отсто од нашиот извоз се реализира во Европската Унија – рече Цветковски.