„Мама Органа“ е еко-социјална компанија, која од био-отпад произведува природно ѓубриво и почвени супстрати погодни за органско градинарење. Првично, „Мама Органа“ била регистрирана во форма на занаетчиство, а со тек на време стигнала до статус на ДООЕЛ. Производите на „Мама Органа“ имаат за цел да им помогнат на земјоделците и урбаните градинари во успешно одгледување на нивните билки. Од неодамна, компанијата започна со поставување на првата општинска компостара во Скопје, во општина Аеродром.

Таа треба директно да влијае на намалување на волуменот на комуналниот отпад, намалување на емисиите на стакленички гасови и намалување на трошоците, кои институциите ги креираат за одлагање на овој тип на отпад. Циркуларниот бизнис модел на компанијата за својата иновативност има добиено и голем број награди, како Start Up Europe Awards.

Kако започна со работа „Мама Органа“?
Иако неофицијално бизнисот почнал да работи од почетокот на 2016-та година, официјално е основан во 2017-та. Целиот бизнис модел е дело на Наталија Бургиева, која по професија е економист. Својата приказна ја сподели и предизвиците со кои се соочувала од почетоците до сега, ги сподели на Глобалната недела на претприемништво.

„Поради здравствени проблеми, требаше да престанам да јадам конценционална храна која се продава во маркетите, храна прскана со хемикалии. Исклучиво требаше да јадам само органска храна. Решив да се едуцирам самата себе и да одгледувам органски производи. Тогаш налетав на литература за одржливост на живот во урбани заедници и се сретнав со поимот компостирање и дека отпадот од храната што ја јадеме со преработка, наместо да загадува, може повторно да биде храна. Направив неколку експерименти и успеав. Си реков - зошто да не од решението на моите лични предизвици да не направам нешто добро за себе и заедницата? Тогаш се роди „Мама Органа“, раскажа сопственичката Бургиева.
Отпадот од храна или зелениот био - отпад претставува дури 60% од вкупниот отпад што го креираме. Собирањето на овој отпад и негово компостирање резултира со директен импакт на климатската криза, почисти градови и села. Воедно и помалку отпад за дислокација, помалку трошоци за транспорт на депониите.

„Во разговор со луѓе од агрономијата, со нови техники, со наоѓање на иновативни решенија, дојдов до сознанија, ако компостот се збогати со одредени минерали може да биде и природно ѓубриво кое е погодно за органско производство на храна. А кое во себе содржи голем процент на органска материја во себе и пред се и други елементи потребни на билките. Осознав дека секоја билка побарува посебни услови за како да расте. Почнавме да тестираме со семиња на автохтони сорти на зеленчуци и овошје. Ги доведовме формулите на супстрати во совршен сооднос на минерали и органско ѓубриво. Сега „Мама Органа“ ги нуди најдобрите природни подобрувачи на почва од локално производство“, објаснува Бургиева.
Како што вели Бургиева, потребни се и промени на навиките на луѓето. Односно да се стремат кон одржлива циркуларна економија, цел за која светот реши дека ќе се посвети во следната декада.

Совети при започнување на бизнис
Ова се дел од советите кои Бургиева ги сподели со оние кои сакаат да влезат во водите на претприемништвото.
Oпштствен импaкт - одговор на прашањето како и помагате на заедницата? Што дополнително правите за да го развиете бизнисот? Дали со вашиот бизнис правите штета во друга сфера?
Усовршување на бизнис плановите до последен детал – планови базирани на длабински истражувања,
Финансиски проекции – предвидена стапка на инфлација, бидејќи не знаете како ќе се одвиваат работите,
Неприфаќање на инвестиции во моментот кога ви требаат пари
Евалуација на бизнис план – предвидување како ќе се движат продажните, настапување од друга позиција во која нема да дозволите друг да ги наметнува исловите. Тоа значи дека ќе имате можност и шанса да најдете инвеститор со кој ќе имате баланс во донесувањето на одлуките заеднички бидејќи така сакате, а не дека така морате.