-И дома може да се работи по германски стандарди, условите за работа се како во компаниите во Германија, каде што има грижа за вработените, и притоа тие имаат можност да градат кариера и да напредуваат- оваа е пораката што Германската стопанска комора во земјава која е дел од мрежата на 150 германски комори во 93 земји во светот, сакаше да ја пренесе пред јавноста и пред сè на младите што се подготвуваат за пазарот на трудот, преку посетата на новинарите на „Маркарт Македонија“.

 

Ние „ја поставуваме иднината на вашите прсти“ е мотото на вработените од оваа германска фабрика  - бидејќи голем дел од нивните производи се со допир, иако имаат и производи кои не се гледаат.

- Секој од вас е  во допир со некој од производите на „Маркарт“, вели Јурген Шмит, директор на оваа германска компанија лоцирана во Каласлари во атарот на Велес. Тие веќе една деценија, во овој град, произведуваат ултрамодерни компоненти за врвни брендови на автомобили, со највисока технологија, а иако најголемиот дел од процесите се роботизирани, им се дава приоритет на вработените.

– Иновациите се нашата приказна, но сериозно сме им посветени и на вработените. Им нудиме одлични услови, можност за кариерен развој и флексибилно работно време. Оваа инвестиција е одличен пример дека и во Македонија може да се работи на атрактивни работни позиции. Сакаме на младите, кои се подготвуваат за пазарот на трудот, но и на нивните родители, да им ја пренесеме пораката дека и дома може да се работат по германски стандарди и да напредуваат и градат кариера. Не мора да се замине од Македонија за да се работи по германски стандарди“, нагласи директорот Шмит. И додаде: „еве јас сум пример дека некој и од Германија  доаѓа на работа во Македонија“. 

 Можност за професионален развој и дома

Дека оваа компанија е успешен пример за вработување на млад кадар порача и Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово.

– Знам дека многу млади луѓе во Македонија сонуваат да одат во Германија, иако имаат реална слика за тоа што ги очекува таму и без воопшто да му дадат шанса на македонскиот пазар на труд или воопшто да истражат какви атрактивни можности за професионален развој можат да најдат во својата земја. Одличен пример за добри работодавци се германските инвеститори, еден од нив е и компанијата „Маркарт Македонија“ – порача Ванделт.

Оваа современа фабрика произведува најсофистицирани електронски производи коишто се вградуваат во светски познатите автомобилски брендови  како БМВ, „Ауди“, „Фолксваген“, Мерцедес, Порше, Опел и многу други. Приоритет се системите за електрични возила и сѐ она што се користи во нив како ултрасонични сензори, автоматски менувачи вклучувајќи го и ексклузивниот менувач со Сваровски кристали наменет за луксузните БМВ модели. Интересна е информацијата дека токму од овие луксузни менувачи се произведуваат по 5.000  неделно, а не е тајна дека за нив има побарувачка и од нашава држава.

Од Германската стопанска комора во земјава која ја организираа посетата, велат дека еден од најголемите предизвици во земјата е задржувањето на младите кадри и нивната мотивација да стапат на пазарот на трудот.

Германската комора веќе 24 години ги следи потребите и предизвиците со кои се соочува стопанството во земјата и се иницијатори и помагатели за воведување на дуланото образование во повеќе средни училишта, вклучувајќи  го и опремувањето на училиштата со современа техничка опрема, како и овозможувајќи им на учениците практична обука во самите фабрики.

При оваа посета на „Маркарт“, медиумите имаа можност да го разгледаат целиот процес на производство што се реализира со најсовремени високо софистицирани технолошко- дигитализирани машини и роботи и илјадници алати, со стручен кадар кои нескромно го покажаа своето знаење, вештини и умешност на презентација на целиот процес на работа. А, секако не нè остави рамнодушни и практичната работа на средношколците од втора година на ДСУ РЦСОО„ Коле Неделковски“ од Велес од машинската струка за техничко производство и автотехничар-мехатроничар.

Учениците од ова стручно училиште од овие струки во принцип, сите се вработуваат во „Маркарт“ со исклучок на оние што своето образование го продолжуваат на машинскиот и другите технички факултети.

Континуиран децениски раст

„Маркарт“ започнува да работи во Велес од 2015 година, и за десет години работење во земјава инвестирала 76,5 милиони евра и вработува 840 луѓе. Фабриката е сместена на дел од парцела од 90 000 метри квадратни и како што кажа Димче Матев, директор на производство, засега користат само една третина од парцелата. Целата фабрика и административна зграда кои зафаќаат 14 000 метри квадратни се изградени по највисоки безбедни стандарди- со најмодерни решенија, климатизирани – со константна температура од 23 степени во сите годишни времиња, современо уредени канцеларии, кафе кујни, организирана исхрана во сопствена менза и секако со најсовремени isd заштитни обувки и работна облека.

Сите вработени поминуваат низ обука, тренинзи до совладување на работниот процес што треба да го извршуваат, а не изостануваат и едукативните работилници и активности за поддршка на локалната заедница. Значи  целиот процес на работа се реализира во вистнска смисла на најсовремени услови за вработените.   

Компанијата, како што објасни Матев ги вклучува вработените на креативни состаноци за идејни решенија за одредени работни сегменти и носење одлуки по конкретни проекти, а прифаќањето на нивните идеи во процесот на работа го наградуваат. Затоа оваа германска инвестиција е одличен пример дека и во Македонија може да се работи на атрактивни работни позиции.

Во компанијата немаат недостиг на стручен кадар. Тие сами си го градат кадарот, затоа што велат дека тоа е подолготрајна обука која опфаќа различни сегменти од процесот на работење. Во фабриката работат околу 100 инженери и 60 техничари кои своето знаење несебично го пренсуваат на вработените кои претежно се од Велес, помал дел од Скопје и останатите од Лозово, Градско, Неготино и Кавадарци.

 Компанијата за оваа деценија бележи континуиран раст. Лани достигнува рекорд од 135 милиони  евра продажби и ако се остварат прогнозите, годинава очекуваат уште поголеми резултати, од 145 до 155  милион евра... Или како што вели Матев, цела фабрика е фул со опрема, се наоѓаме на врвот и во зависност од чекираниот таргет до крајот на годината ќе ја заокружиме со околу 20 нови вработувања . Интересен е уште еден податок, во фабриката просечната старост на вработените е под 40 години, од кои  65 отсто се  жени, а 35 отсто од вработените  се мажи.  Директорот на фабриката смета дека за нив е важно да има атрактивност- како од страна на апликантите за нас и ние треба да сме атрактивни за нив... и ние да се покажеме пред нив за заемно задоволство. Почитуваме исклучителност – респект кон вработените почнувајќи од директорот преку сите раководни структури кон вработените и обратно од работниците  до секој колега на следното скалило, па се до директорот.

Инаку „Маркарт“ е семејна компанија која е формирана како старт-ап од двајца истоименици, бизнисменот Јоханес Маркарт и техничарот Јоханес Маркарт во 1925 година. И веќе 99 години е семејна компанија на двете семејства, а денес вработува 10.200 лица на 22 локации во светот.