За прославата на нивното дете се одвојуваат и до 2.000 евра, а некои и повеќе, пари кои родителите ги штеделе од претходно, а оние кои не можат да го поднесат финансискиот товар, знаат да посегнат и по позајмица.
Во натпреварот за најдобар изглед, се уште опстојува и практиката да се патува на шопинг во соседните држави – Белград, Солун, Приштина или Софија. Воедно, се закажуваат веселби налик на свадби во ресторани со организирана музика. Родителите се принудени да ги исполнуваат желбите на своите деца, поради наметнатиот престиж од општествената средина, иако тоа го надминува лимитот на домашниот буџет.
За да одговорат на предизвикот, родителите одат и чекор понатаму – кон подигнување кредит.
„Прославата на матурата е на повидок, но нешто се уште недостасува? Не грижете се, со нашиот кредит сите подготовки ќе бидат под контрола“, се вели во објавата на едно финансиско друштво кое нуди брз кредит.
По брза позајмица посегнала 52 годишната Николета, чија ќерка Ефимија годинава е матурантка.
„Трошоците се буквално како да организираш свадба. Шминка, фрузира, фустан, поклони за партнерот и неговите, потоа организација на прослава во ресторан. Како да нема крај. А ако се има во предвид колку е поскап животот во последната година, ова е навистина премногу. Но, тоа е наметнато од околината и колку и да сакате да се спротивставите, не можете, бидејќи ова е еден феномен кој трае и не е од сега. Дополнително ако се земе во предвид дека од септември, следува и запишување на факултет“, вели Николета.
Втората половина на мај, секоја година стандардно е резервирана за матурските прослави. Околу 14.000 средношколци од цела држава, од кој најголемиот дел се од скопските училишта, „раскинуваат“ со тинејџерството, стануваат полнолетни и влегуваат во академските води.

Бројот на матурантите се намалува од година во година. Според последните податоци на Државниот завод за ревизија, нивниот број се намалил за 10.000 во последните 18 години. Трендот на опаѓање се должи на намалениот наталитет и демографската криза. Голем дел од матурантите, своето образование знаат да го продолжат и надвор од државата. Во последните години, најатрактивна за идните академски граѓани е Словенија. Во просек, таму секоја година стануваат бруцоши по околу 1.500 македонски студенти.
Од домашните универзитети пак, години во низа „тепачка“ со најмногу уписи има на Факултетот за информациски технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ), потоа Медицинскиот факултет и Економскиот факултет.
„Без автомобил, без консумирање алкохол и дрога“, апелира Министерството за внатрешни работи за време на матурските прослави. Апелот се однесува и до матурантите и до нивните семејства. Нивната сообраќајна статистика покажува дека во деновите на матурските прослави, се зголемува бројот на сообраќајќи.
„Одговорноста за девијантното однесување на дел од матурантите во сообраќајот е првенствено кај младите, но и кај нивните родители“, посочуваат од МВР.