Мажите сè уште се повеќе платени од жените. Околу 2,4 милијарди работоспособни жени немаат еднакви економски можности, а 178 земји одржуваат правни бариери што го спречуваат нивното целосно вклучување, се вели во извештајот на Светска банка „Жените, бизнисот и правото 2022 година“.

Мажите сè уште се повеќе платени од жените

Во извештајот на Светската банка се нагласува дека во 86 земји жените се соочуваат со некаква форма на ограничувања поврзани со работата. Додека 95 земји не гарантираат еднаква плата за иста работа што ја вршат.

На глобално ниво, жените сè уште имаат само три четвртини од законските права дадени на мажите. Односно вкупен резултат од 76,5 од можни 100, што означува целосен правен паритет.

Сепак, и покрај глобалната пандемија која несразмерно влијае на животот и егзистенцијата на жените, 23 земји ги реформираа своите закони во 2021 година за да ги преземат неопходните чекори за подобрување на економската вклученост на жените, се вели во извештајот.

„Иако е постигнат напредок, јазот помеѓу очекуваните заработувачки на мажите и жените во текот на нивниот работен век на глобално ниво е 172 билиони долари - речиси двојно повеќе од годишниот БДП во светот. Како што се движиме кон зелен, отпорен и инклузивен раст, владите треба да го забрзаат темпото на правните реформи за да можат жените да го достигнат својот целосен потенцијал и да имаат корист целосно и еднакво“, рече Мари Пангесту, директорка за развојна политика и партнерство на Светска банка.

Правен паритет имаат само 12 земји


Во извештајот се нагласува дека само 12 земји кои се членки на ОЕЦД имаат правен паритет.

Она што е ново оваа година е пилот студија спроведена во 95 земји за законите за згрижување деца. Тоа е клучна област каде што е потребна поддршка за да им се помогне на жените да постигнат платено вработување.

Вклучена е и пилот-анализа за тоа како законите кои влијаат на економското зајакнување на жените се спроведуваат во пракса, нагласувајќи ја разликата помеѓу законите на хартија и реалноста со која се соочуваат жените.

Извештајот „Жените, бизнисот и правото 2022 година“ ги анализира законите во осум области кои влијаат на економското учество на жените: мобилност, работно место, плата, брак, родителство, претприемништво, имот и пензија.