На Дигиталниот саем за средно стручно образование кој се одржа неодамна, многу ученици, студенти, како и ментори задолжени за следење на нивниот напредок во компаниите каде извршуваат практична настава, споделија искуства како тоа изгледа во пракса. Покрај желбата, мотивацијата за стекнување на знаења од учениците, голема улога во набљудувањето на нивната работа имаат и менторите. На тој начин, смета Гоце Балоски, ментор во компанијата „Костал“, се гледаат промените кај децата, се евидентираат во програмата за евалуајција.

„Ние знаеме кои теми ги предаваме или што треба тие да сработат на крај на одрден период. Со оглед на евалуацијата од менторот, гледаме голем прогрес пред се’ и големо задоволство. Како ментор, нашата одговорност е голема бидејќи треба да ги воведеме учениците или студентите во нашиот процес од самиот почеток. Од добивање на нарачка до финална испорака на готовиот производ. Пред се’, ние се соочуваме со предизвик дека не е секогаш лесно да им го доловите материјалот што го учат во нивните наставни програми. И тука е нашиот предизвик. Што поблиску да ги доловиме реалните ситуации што се случуваат во фирмата. Да им бидат поблиски и за нив полесно разбирливи. Како ментори, нашата грижа и цел е извршување на задачите од нивна страна. Но, со наше мониторирање на активноста“, смета Балоски.

Драги Миов од „Фортуна интернационал“, пак, има и своја приказна. Тој бил поранешен ученик во средно стручно образование, практичната работа ја извршувал во компанијата, во која сега е и ментор на ученици кои ги обучува да станат професионални готвачи. Како што вели, занаетот не е за криење, туку за пренесување.

„Во споредба со порано, сега има повеќе услови. Интелектот е поголем кај децата, работите се поставени на друг начин за разлика од пред 15 години. Вратите се повеќе отворени, има повеќе можности. Теоретската настава е важна работа, но праксата е врвот. Кога некој ќе ги засука ракавите друго е. Се трудиме да им помогнеме на сите, тие што се заинтересирани им помагаме да се усовршат и да го сакат занаетот. Средното стручно образование значи усовршување во работата теоретски, а ние како компанија да им помогнеме во практичниот дел. Професијата готвач е многу благородна работа. Но, бара и многу жртвување, многу откажување, многу работа и труд, кој на крај се исплати“, вели готвачот Миов.

Менторот е стручно обучено лице, чија цел е да изврши имплементрација на практичниот дел од наставата предвидена во годишниот наставен план за средните стручни училишта во Македонија. Во рамки на производствените капацитети на компанијата во која се изведува практичната настава, смета Владо Пуцоски, ментор во „ЛХТ Леарница“.

Тој е ментор во три производствени дејности, меѓу кои машински и електро инженери, машински техничари, машинобравари, електро инсталатери и монтери, електроничари. Приказната за тоа како се одвива ментроската поддршка во компанијата „ОДВ Електрик “ ја раскажа и Денис Абдијески, чоја работна позиција е ментор на учениците и студентите. Инаку  „ОДВ Електрик“ е глобален производител на кабли за автоиндустрија, кој ги опфаќа мехатрониката и машинското производство.

„Прво им го објаснуваме целиот процес на производство. Детално чекор по чекор и секое работно место. Интересот зависи индивидуално од секој ученик. Имавме случаи каде еден од ученците од трета година побара да работи сезонски преку лето. Неговиот интерес за него и училиштето значи голем успех и ние му го овозможивме тоа. Од педагошки аспект, битно е пренесување на знаење. Како да се биде пример за понатаму за развој на учениците, како да им се даде точна насока во образовниот процес. Мотивацијата кај учениците е најголем предизвик за мене. Со доволно посветено внимание и желба за напредување, труд, заинтересираност, се успева“, дециден е Абдијески.