Приватните агенции за вработување завршија голем дел од регулацијата на статусот и на редовната исплата на платите и на придонесите на привремено вработените кои, до пред донесувањето на Законот, немаа ист третман со редовно вработените од страна на работодавачите. За оваа проблематика, односно - како функционираат агенциите сега, во актуелниве пазарни услови, разговараме со потпретседателот на Федерацијата на приватните агенции за вработување, г-дин Саша Ристиќ.
· Од кога постојат приватните агенции за вработување?
- Историјата почнува од времето на Југославија. Тогаш постоеја два система за вработување, едниот беше преку Државната агенцијата за вработување и вториот - преку младинските задруги. Раликата меѓу овие два система беше во тоа што преку младинските задруги се вработуваа лица до 27 години за кои се плаќаше персонален данок и некој минимален процент на здравствено осигурување што покриваше само некои можности за лекување. Вработувањето преку Државната агенција за вработување подразбираше плаќање целосни придонеси и евиденција на стажот. Тие разлики постоеја до 2006 година. Пред тоа, ние што бевме во младинските задруги, работевме на подготовка на Законот, кој е пресликан од германскиот закон, истиот го има применето и Хрватска. Ние го прилагодивме на нашите услови. Овој закон се однесува на привремените вработувања. Зошто имавме токлава желба да го направиме тој потфат? Затоа што во Македонија имаше еден голем проблем што го знаат сите институции во кои беа ангажирани огормен број лица на кои им се плаќаше само 6-7 илјади денари месечен надомест и некаков си „персоналец“. Тоа траеше со години и беше навистина жално, особено се чувстуваше во здравството во кое стимулацијата треба да биде особено видлива. Од 2006 година, по донесувањето на овој закон, на лицата ангажирани преку агенциите за привремени вработувања им се плаќаат целосни придонеси, стажот, можат да одат на боледување, жените можат да користат породилно боледување, да си го планираат семејството, да земаат кредит... се’ што им беше оневозможено со претходниот закон. Значи, сите придонеси за вработените ги плаќа работодавачот. Со ова го регулиравме тој голем проблем што постоеше во Македонија и со примената на законот од 2006 година плаќањето придонеси стана норамлно. Од 2006 година, до сега, има одредени измени во делот на казнените одредби кон работадавачите во случај да не исплаќа плата или други давачки што треба да ги плаќа како за редовно вработените. На пример, ако редовно вработениот има право на, да речеме, новогодишен бонус, К-15 и тн., истото го има и работникот ангажиран преку некоја агенција за вработување.
· Дали агенциите имаат овласутување да го контролираат плаќањето на придонесите и на сите давачки во корист на вработениот?
- Уплатата на придонесите ја контролира УЈП. Ние го контролираме тоа што е договорено за исплата на платата. Ние ја креираме платата, пресметуваме плата, придонеси и се’ друго, доставуваме фактура кон работодавачот-корисник на нашите услуги и тој е должен да ја плати. Должноста на работодавачот-корисник е да не’ исвести за сите промени и за сите привилегии што треба да ги добие работникот. Значи, тој го прекршува законот ако не го направи тоа. Во спротивно, работникот има право да го тужи и да го пријави во трудовата инспекција за неисплаќање на сите ставки пропишани со Законот.
· Сепак, постојат ли проблеми во спроведувањето на Законот?
- Проблемите се во тоа што многу работници во различни институции тужат различни агенции, дали за К-15, дали за новогодишен бонус, или за некои работни часови што не им се впишани. Практиката покажува дека работодавачот-корисник секогаш губи на суд. Во тој случај, ние сме засегнати затоа што работнкиот не’ тужи прво нас, затоа што преку нас го остварува работното право, се води дека е вработен во агенцијата, а му е отстапен на работодавачот-корисник. Така е според законот. Поради тоа се јавува мултипликација на трошоците и сите тие трошоци мора да ги плати работодавачот-корисник. Во таа група има и јавни институции и јавни претпријатија. Во јавните претпријатија имаме повеќе случаи на неисплаќање на некои ставки од законските. Во приватниот сектор ретки се такви примери. Пред да тужи рабоникот, ние секогаш го советуваме работодавачот да ги исплати задолжителните ставки, затоа што секако ќе биде обврзан да ги плати, а на товар ќе му бидат ставени и адвокатските трошоци, судските постапки итн., ако се оддолжи процесот, следуваат камати, камати на каматите на штата на јавните претпријатија, општините, министерствата и тн.
· Колку агенции постојат во Македонија?
- Има повеќе од 10. Има агенции кои посредуваат при вработување во странство, значи тие работат на изнесување кадар од Македонија во странство. Се разбира дека финансиските придобивки од изнесувањето кадар надвор се поголеми, но има агенции што работат на долги патеки, односно во интерес на државата и затоа имаат голем придонес во донесувањето на Законот. Но, за донесување на овој закон најзаслужен е покојниот г-дин Раде Ненадиќ. Заедно со него, ние ја формиравме „Федерацијата на приватните агенции за вработување“ и тој беше првиот претседател на Федерацијата. Сега претседател е Норик Селими. Од 2006, до денес, јас сум потпретседател на Федерацијата. Се бориме на секој начин, како да го подобриме законот со цел да бидеме поуслужливи пред граѓаните, зашто мислиме дека треба да има додатни подобрувања на Законот, за нашите клиенти да функционираат беспрекорно за да бидеме конкурентни во однос на земјите од регионот. Тоа значи дека кога ќе доаѓаат странски инвестиции во земјава, тие, но и нашите компании пред се’ да имаат подобри услови во работењето, затоа што ние, агенциите, заменуваме цел сектор за човечки ресурси што би било трошок за фирмите. Со нашето постоење, им се намалени трошоците за екипирање на нивниот кадровски сектор. Ние, нашите ресурси ги распределуваме за неколку клиенти, ја користиме и Државната агенција за врботување, но имаме и свои приватни канали, одиме на терен за да дојдеме до одреден кадар. За жал, за одредени сектори во државава не се наоѓа кадар. Тоа највидливо е со угостителскиот кадар. Тој кадар во летната сезона оди надвор од државава, Хрватска, Грција, Малта и тн. и туристичките центри мака мачат да најдат угостителски работници. Во тие услови не можеме да ја задоволиме побарувачката на нашите клиенти, невозможно е!
· Дали Законот налага фирмите што бараат кадар да ви се обратат вам или можат сами да си објават конкурс и да примаат кадар?
- Законот не го налага тоа, фирмите можат и сами да си објават конкурс во јавните гласила и на сопствениот сајт. Но, главно, тие што барат работа слабо се информираат од тие извори. Друго, речиси и да нема интернет платформи на кои можат да се најдат сите компании на едно место.
· Кој се’ може да се пријави во агенциите за вработување, да бара работа?
- Може да се пријави секој, со високо образоние на сите нивоа, занаетчии, лица без образование, лица веќе вработени во случај да се појави можност за подобро вработување. Кај нас имаме портфолија на менаџери, на генерални директори на компании, имеме раководители на одредени сектори во одредени фирми кои сакаат да најдат подобро рабоно место и повисока плата. Има многу мотиви – зошто луѓето бараат нова работа.
· Дали сте во конкурентни односи со Државната агенција за вработување?
- Не можеме да бидеме конкуренција, затоа што државниот завод за вратотување се финансира од државата и спроведува одредена државна политка за вработување. Нас не не’ финансира државата, немаме привилегии од страна на државата, се соочуваме со одредени проблеми, со некои ограничувања што ги нема во законските одредби, како вработување на некои кадри од странство со намера да се стимулира домашниот кадар, особено во државните институции. Но, ќе напоменам дека нас повеќе не интересира развојот на приватниот сектор, иако кај нас еднакво се обраќаат и компаниите од јавниот сектор, како на пример комуналните кои бараат кадар за чистење улици, возачи во јавните претпријатија, управувачи со машини итн. Има голем недостиг од занаетчии на домашниот пазар. За овој недостиг е виновна државата, односно образованието. Државата со нас треба да биде партнер во планирањето на кадарот уште во образовниот процес. Или, за да биде појасно, не мора сите да одат на факултет. Нашава држава води политика на создавање дипломи без вредност, без можност за искористување на знаењето на дипломираните граѓани, зато што, едноставно, се прекубројни, а од друга страна немаме занаетчии. Се случува луѓе со диплома да се вработат на занаетчиски работни места, па сопственкот вложува додатни средства и време за преквалификација на тој кадар, што е додатен трошок за сопственкот.
(продолжува...)