Значаен процент од младите во Република Северна Македонија веќе стекнале зависност од играње игри на среќа,покажува истражувањето на Здружението ХОПС - Опции за здрав живот - Скопје. 

Очигледно е дека бројот на млади луѓе кои играат игри на среќа во Република Северна Македонија е прилично голем. Дури 71% од 214 учесници во онлајн истражувањето се изјасниле дека играле игри на среќа, а 17,8% од нив рекле дека се зависни од играње. Дури 50% од испитаниците од фокус групата играат игри на среќа секој ден. Ова укажува на голема веројатност дека значаен процент од младите во Република Северна Македонија веќе стекнале зависност од играње игри на среќа, беше споделено на настанот. 

Онлајн истражувањето се состоеше од прашалник кој го пополнуваа младите на возраст до 25 години. Прашалникот беше споделуван на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм. Онлајн прашалникот го пополнија вкупно 214 испитаници. Од нив, 2,8 % биле под 18-годишна возраст, 24 % на возраст меѓу 18 и 21 година и 73 % на возраст меѓу 22 и 25 години. Според степенот на завршено образование, најголемиот дел од испитаниците (59,8 %) имаат завршено средно образование и факултет со 37,4 %. Според работниот статус, најголемиот дел од испитаниците се вработени (54,2 %), но не е е мал и бројот на оние кои студираат (30,4 %). 

Во однос на месечниот приход на семејството, најголемиот дел од испитаниците живеат во семејства каде што месечниот приход е меѓу  1 200 и 1 500 евра (26,2 %) и повеќе од 1 500 евра (23,4 %). Но, не е значително помал бројот и на испитаниците кои живеат во семејство со месечен приход меѓу 800 и 1 000 евра (20,6 %) и на оние со приход помал од 700 евра – 18,7 %.

Според местото на живеење, најголемиот дел од испитаниците живеат во град 75,7 %, потоа во село (15 %), а во приградска населба живеат приближно 10 %. 

Осумдесет и четири проценти од испитаниците рекле дека познаваат некој помлад од 25 години кој е зависен од играње игри на среќа. Од нив, дури 39,3 % рекле дека познаваат повеќе од 10 луѓе помлади од 25 години кои се зависни од играње игри на среќа. Под 25-годишна возраст, 22,4 % рекле дека познаваат 4-5 млади на возраст под 25 години, додека 16,8 % одговориле дека познаваат 2 до 3 помлади од 25 години кои се зависни од играње игри на среќа. Само 11,2 % рекле дека не познаваат лице помладо од 25 години кое е зависно од игри на среќа. 

Во однос на информирањето на играчите на игри на среќа од страна на организаторите на овие игри за опасноста од стекнување зависност, само 19,2 % од испитаниците рекле дека во објектите во кои играат игри на среќа постојат информации дека може да се стане зависен од овие игри. Исто така само 7,5 % од испитаниците рекле дека во објектите во кои играат игри на среќа постојат информации каде што може да се побара помош во случај на зависност од овие игри.  

Од испитаниците, 31,3 % рекле дека имале непријатно искуство во објектите каде што играат игри на среќа. Запрашани со кого или што било тоа непријатно искуство, дури 88 испитаници или 41 % рекле дека тоа било со други посетители, 17,3 % со вработените, 15 % со обезбедувањето на објектот и така натаму. Само 39,3 % рекле дека немале непријатно искуство, но во оваа категоријана луѓе влегуваат и сите оние кои не играат игри на среќаили кои играат исклучиво онлајн без посета на објектите каде што се организираатигрите на среќа. Очигледно е дека најголемиот дел од посетителите на објектите каде што се организираатигрите на среќа доживеале непријатно искуство. 

Во однос на опасноста од стекнување зависност од игри насреќа, дури 81 % од испитаниците сметаат младите не се доволно информирани за опасностите од зависност од игри на среќа. 

Влатко Деков, главен истражувач од ХОПС, информираше дека во онлајн истражувањето, најголемиот дел од испитаниците (44,4%) рекле дека играат игри на среќа заради забава. Сепак, не е мал бројот и на оние кои одговориле дека играат за да заработат пари (24,8%) и затоа што мнозинството од нивните пријатели и пријателки се обложуваат (16%). Дванаесет проценти рекле дека играат игри на среќа затоа што се зависни од адреналин. 

Врз основа на наодите од анализата на правната рамка за игрите на среќа во Република Северна Македонија и на разговорот со учесниците од фокус групата и истражувањето направено онлајн со 214 лица помлади од 25 години кои играат игри на среќа, утврдени се неколку препораки.

Во постоечкиот закон за игри на среќа да се предвидат обврски за сите приредувачи на игри на среќа за информирање на играчите за опасноста од стекнување зависност од играње игри на среќа, како и за тоа каде можат да побараат помош во случај на зависност од играње игри на среќа. Се препорачува да се предвидат обврски за сите приредувачи на игри на среќа за плаќање данок за финансирање на програми за превенција на зависности, како и на програми за лекување на зависности од игри на среќа. Потоа, да се направат промени во правната регулатива со која на јасен начин ќе се утврди обврската на приредувачите на игри на среќа да ги едуцираат своите вработени за препознавање на зависност кај играчите на нивните игри и споделување информации за можностите за лекување на зависноста и да се спроведе информативна кампања за опасностите од зависноста од игрите на среќа кај малолетници и лица помлади од 25 години.

Се препорачува Министерството за здравство да отвори програми за лекување на зависност од коцкање, Министерството за образование да воведе соодветна програма за превенција на зависности во наставната програма во основните и средните училишта, да се воведат построги санкции за непочитувањето на одредбите од Законот, особено на оние со кои се забранува учество на малолетни лица во игри на среќа и забрана за послужување алкохол на малолетници и да се обезбеди построга примена на овие одредби. Да се забрани секаква форма на рекламирање на обложување во печатени и во електронски медиуми (по примерот на забраната за рекламирање цигари).

Во сите три земји е забрането за лица помлади од 18 години да учествуваат во игрите на среќа. Само во Србија постои законска обврска за приредувачите на игрите на среќа да ги информираат граѓаните за ризиците од стекнување на зависност, како и за можните опции за лекување на зависност со јавно истакнување на контакт од институциите каде што граѓаните можат да се обратат доколку се зависни од играње игри на среќа. Дополнително законот во Србија предвидува обврска за приредувачите на игрите на среќа да ги оспособат своите вработени пред да почнат со работа за превентивно дејствување на зависност спрема играчите на игри на среќа, беше посочено на настанот.

Притоа беше истакнато дека вакви законски одредби изостануваат во Северна Македонија и во Косово. 

Во сите три земји не постои строга примена на постоечката законска регулатива и испитаниците често пати се сведоци дека и малолетни луѓе играат игри на среќа, беше нагласено. бд/ев/

За да се намалат последиците од коцкањето, неопходно е да се обезбеди подобар третман на зависноста од коцкање. Тоа подразбира едукација на стручен кадар и обезбедување капацитет за згрижување на пациенти со ваков тип на зависност. 

Неодамна, Клиниката за психијатрија во Скопје отвори кабинет за пациенти што имаат потешкотии со коцкање, интернет зависност и злоупотреба на алкохол и психоактивни супстанци и ќе функционира преку Мој термин.