Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги поздрави заложбите за фискална консолидација, со цел буџетскиот дефицит на државата да се намали на 3,5 отсто од БДП во 2026 година. Ова е наведено во редовниот извештај од мисијата спроведена од 18 до 31 март годинава.

Според фондот, продолжувањето на консолидацијата на среден рок би овозможило дефицитот да се сведе на два отсто до 2030 година, додека потенцијални придобивки за приходната страна може да произлезат од намалување на даночните ослободувања по основ на ДДВ, зајакнување на даночната администрација и намалување на сивата економија.
Како што е наведено во Извештајот од ММФ, економијата во земјава забележала раст од 3,5 отсто во 2025 година, ѓто ерезултата на вложувањата во градежништвото, како и силна приватна потрошувачка, поддржана од раст на платите и кредитирањето. Паралелно се намали и вкупната инфлација од 4,8 отсто во јули 2025 година на 2,9 отсто во февруари оваа година.
ММФ проектира дека годинава реалниот раст на БДП ќе забави на 3,1 отсто, приближувајќи се кон проценетиот потенцијал од околу три отсто на среден рок.
Меѓутоа, Фондот предупредува дека глобалните ценовни шокови на енергијата, предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток, може да ја забават економската активност и да ја задржат инфлацијата на повисоко ниво подолго време.
Ефективната имплементација на структурни реформи може да ја зголеми продуктивноста, да ја зајакне конкурентноста и да придонесе за побрзо доходовно приближување кон Европската Унија. Особено се нагласува значењето на реформите во енергетскиот сектор за стабилна енергетска инфраструктура и развој на обновливи извори на енергија.
Консултациите по Член 4 на ММФ се редовни и се спроведуваат еднаш годишно за да се оцени економската и фискалната политика на земјата.