„Возење кое не треба да се пропушти“ е слоганот под кој се одржува овогодинешниот, 56-ти Меѓународен саем за автомобили и 17-тиот Меѓународен саем на мотоцикли, квадрици, скутери и опрема „Мотопасион“ во  Белград . Меѓу 257-те изложувачи од светот на автомобилската индустрија, се речиси сите светски познати брендови. Дури 51 автомобилски бренд премиерно прикажуваат 80 модели. Дванаесет марки на лесни комерцијални возила се претставија со 27 премиери. Четириесет и две марки на мотоцикли и АТВ брендови, претставија 72 нови модели на мотори.

Враќањето на Србија на мапата на автомобилската индустрија, покрај производството на компоненти, на Саемот посведочи и со изложбата на „Fiat Panda“- првиот електричен автомобил произведен во Крагуевац кој го привлече вниманието на најголем дел од посетителите.

Според комерцијалниот директор на „Crossroad Adria“, Игор Шево, првите реакции се одлични бидејќи овој автомобил треба да претставува нов симбол на српската автомобилска индустрија. Тој најави дека почнувајќи од април, покрај електричната верзија ќе понудат и верзија со хибриден мотор.

Исто така покрај „Пандата“, наскоро ќе започне и производството на моделот „Цитроен“ Ц3 во Крагуевац. Упатените очекуваат да биде подостапна на пазарот, како и да придонесе за е-мобилноста во Србија.

 Во фокус на саемот е и бројната изложба на кинески автомобили -20 производители  ја запоседнуваат хала 2, меѓу кои најголема атракција е премиерата на кинескиот производител на електрични возила BYD, еден од најпродаваните во светот.

На Саемот се претставени и повеќе од 15 модели на BMW. Серијата 5, изложена како најпродаван модел, а посетителите имаа можност да уживаат во сите негови верзии, вклучувајќи го електричниот BMW i5, но и главната ѕвезда - M5 Touring, првиот plug-in хибриден M5 кој ја комбинира моќта на V8 мотор со хибридна технологија.

Најевтиниот изложен автомобил на Саемот е „Dacija Sandero“, кој чини 15.000 евра, додека најскап е „Maserati GT2 Stradale“ кој достигнува цена од 480.000 евра.

За ентузијастите на две тркала, BMW Motorrad на Саемот претставува целосно нова гама. Меѓу нив е најпопуларниот мотоцикл од таа класа во светот, R1300 GS Adventure.

 Денес ќе биде прогласен и „Автомобил на годината“ во Србија за 2025 година, по избор на Здружението на автомобилски новинари на Србија.