„Градење иднина – практични вештини за новата генерација“, беше насловена конференцијата што денес ја организираше Стопанската комора на Северна Македонија во рамки на проектот „Образование за вработување во Македонија“, финансиран од Амбасадата на Швајцарија во Скопје.
Исполнување на потребите на индустријата преку пресликување на успехот од средното стручно во високото образование според Антони Пешев, главен извршен директор на Комората, се основа на реформите кои се неопходни во образованието за да се задоволат барањата на индустријата и да се запре, како што рече, "фабрикувањето дипломи".
„Замераме што во Македонија има фабрикација на дипломи, многу малку знаење. Ги повикуваме сите високообразовни институции да направат максимални напори да го подигнат нивото на образованието, како би можеле да одговораат на потребите на стопанството," изјави Пешев. Тој додаде: „Можеме да се пофалиме за сè што е направено во дуалното образование и целокупниот процес на реформите во средното стручно образование, кои резултираа со дури 70 отсто запишани деца. Сметам дека сега е дојдено време таа работа да се случи и со универзитетите. Ќе останеме со дипломи и без работа. И тоа нека биде сигнал за сите нас дека е време за аларм. Колку и да боли, колку и да изгледа непопуларно, на Македонија и треба квалитет, а не фабрика за печатење дипломи. Тоа е нешто што треба да го научиме.“
Пешев порача дека „Македонија не смее да остане настрана од актуелните текови во светот", нагласувајќи дека неколкумина лидери на светски компании, во изминатите недели веќе истакнале дека „во годините што следуваат на светот ќе му требаат многу повеќе луѓе со практични вештини отколку луѓе кои завршиле универзитет, а немаат соодветно знаење“. Па додаде: „На сите ни е јасно дека му доаѓа крајот на понатамошното фабрикување на дипломи, а не фабрикување на квалитет, затоа што ако во минатото имавме ситуација во која технолошките иновации доаѓаа како олеснување, овојпат сме сите малку загрижени поради тоа што вештачката интелигенција ќе биде олеснување, но ќе биде и голем предизвик за значаен дел од работната сила", потенцираше Пешев.
Тој исто така изрази очекување за „една навистина соодветна независна акредитациска комисија, во која ќе има и надворешни лица, која ќе го оцени вистинскиот капацитет на овој огромен број на високообразовни институции што го товари пазарот на работна сила и прави голема забуна."
Дека образованието во државата во иднина треба да одговори на потребите на пазарот на труд, тврди и Министерката за образование и наука, Весна Јаневска. „Во овој момент особено сме посветени на стекнување вештини затоа што навистина во овој период сè повеќе ќе се бараат различни вештини. Стручното образование во Македонија станува една од најсилните алки во образовниот систем, не само во средното, туку веќе почнуваме да го воведуваме и во високото образование“, рече Јаневска.
Таа додаде дека во средното стручно образование, од една генерација од 17 илјади ученици, 12 илјади се запишуваат во средно стручно, од кои четири илјади во дуални паралелки.
„Интересно им е, и тоа е добро затоа што преку работа, преку пракса успеваат да стекнат одредени вештини и компетенции кои им се неопходни и, дополнително, државата ги стимулира за дуалното образование со 1570 стипендии. Правиме сè за да постигнеме успех, за да понудиме на пазарот на трудот соодветна работна сила, што генерално би значело задржување на нашите млади дома, во овие компании во коишто тие учат и каде што се задоволни кога работат", истакна министерката.
Заменик-амбасадорката Михал Харари изјави дека Швајцарија е горда што ја поддржува Северна Македонија при зајакнување на соработката меѓу образовните институции и приватниот сектор, која, како што рече, се гради врз нивниот успешен модел на дуалното образование.
„Дуалното стручно образование и обука започна како пилот иницијатива, која денес прерасна во еден препознатлив пристап кој нуди придобивки - и за студентите и за компаниите, со што се усогласуваат вештините со потребите на економијата. Со швајцарската поддршка принципите на партнерство, релевантност и практична обука, кои се покажаа успешни во средното образование, сега се применуваат и во високото образование. Швајцарија останува посветена на споделување знаење и поттикнување на иновации, конкурентност и можности за младинско вработување", заклучи Харари.