Саемот за автомобили во Париз повторно покажа дека автомобилската индустрија има уште многу изненадувања во ракавот. На 91-то издание на саемот Mondial de l'Auto, што се одржува во изложбениот центар Expo Porte de Versailles, повеќе од 100 изложувачи, вклучувајќи најмалку 60 производители на автомобили, ги претставија своите новини, концепти и модели што наскоро ќе се појават на европските патишта.

Саемот беше отворен за јавноста на 13 октомври, а овогодинешното издание е обележано со неколку интересни трендови. Во фокус на овој саем беа малите автомобили, новите семејни теренски возила и враќањето на имињата што ја одбележаа автомобилската историја. Паралелно, производителите со презентација на концепт модели ја најавија насоката во која ќе се развива нивниот дизајн и технологија во годините што доаѓаат.
Според специјализираниот автомобилски портал Car magazine, се издвојува Stellantis, кој пристигна во Париз со серија концептни автомобили со различни големини и намени. Некои од нив служат како дизајнерски прегледи на идните генерации на сериски модели, додека други се толку блиску до производство што наскоро би можеле да се појават во салоните. Меѓу нив има и неколку изненадувања што ги враќаат во живот познатите имиња од минатото.
Цитроенот повторно во фокус
Цитроен повторно привлече внимание со најавата на новиот 2CV модел, модерна електрична интерпретација на легендарниот спачек, еден од најпознатите автомобили во историјата,што премиерно беше претставен во 1948 година и стана симбол на прифатлив автомобил.
Новиот концепт е долг 3,76 метри и ги задржува препознатливите тркалезни фарови, изразените браници и закривените линии на оригиналот. Идејата е да се понуди практичен градски автомобил без непотребен луксуз што би ја зголемил цената.
Според најавите, серискиот модел би можел да чини околу 15.000 евра, а се очекува да се појави на пазарот во 2028 година. Конечните спецификации сè уште не се објавени, вклучувајќи го капацитетот на батеријата, моќноста на електричниот мотор и дометот. Citroën размислува и за употреба на поевтини LFP батерии за да одржи прифатлива цена.
Алфа Ромео со нов спортски дизајн
Во сличен ретро дух, беа претставени и други концепти, додека Алфа Ромео најави можни нови насоки на спортски дизајн.
Концептот Alfia Cuorerosso, долг 4,7 метри, носи нова интерпретација на спортскиот дизајн на италијанскиот производител. Се одликува со впечатлива црвена боја, препознатлива предна решетка и аеродинамично обликувана каросерија. Внатрешноста е дизајнирана да го стави возачот во центарот на вниманието, со комбинација од дигитални инструменти, физички контроли и одржливи материјали.
Дизајнот, исто така, се потпира на наследството на моделот 33 Stradale од 1967 година. Концептот е напојуван од хибриден систем со 2,9-литарски шестцилиндричен мотор со два турбополначи и погон на сите тркала. Сепак, ова не е најава за специфичен производствен модел, туку визија за идниот дизајн на брендот. Компанијата најавува дека одредени елементи од новата дизајнерска насока ќе бидат применети на теренецот, кој се очекува да пристигне на почетокот на 2028 година, а потоа и на наследникот на Giulietta во сегментот C.
Пежо со нова надеж
Пежо, од друга страна, ги изненади посетителите со концепти што будат надеж за враќање на спортските модели, вклучувајќи имиња што веќе имаа посебно место меѓу љубителите на автомобили.
Тој на светска премиера се претстави со PEUGEOT POLYGON Concept со посвета на перформансите на новиот PEUGEOT E-208 GTi, легендарниот PEUGEOT 205 GTi и PEUGEOT 9X8, кој се натпреварува во FIA Светскиот шампионат во издржливост (FIA World Endurance Championship), како и целокупната гама на PEUGEOT.
Голема улога на овогодинешниот саем одиграле и производителите кои во последниве години сè повеќе ја прошируваа својата понуда на европскиот пазар. BYD, Geely, Leapmotor, Denza и Omoda претставија нови модели во Париз, од компактни градски автомобили до големи луксузни теренци и спортски автомобили. Нивната амбиција е јасно видлива: да понудат поголем избор во речиси сите пазарни сегменти и дополнително да ја зајакнат конкуренцијата со етаблираните европски брендови.
И традиционалните европски производители не мируваат. Рено, Дачија, Шкода, Ауди и Хјундаи се меѓу оние кои ги презентираа новите модели или најавија важни вести за наредниот период.
Оваа година, салонот во Париз донесе комбинација од носталгија, нови технологии и сè пожестока битка за клиентите. Од враќањето на автомобилските легенди до сосема нови модели наменети за европски семејства, гамата е поразновидна од кога било.