На вториот саем за вино, храна и туризам „Винска визија на отворениот Балкан“ кој во Белград започнува денеска ќе се најдат 600 изложувачи на вино и храна од 48 земји, а се очекува да поминат 450 професионални купувачи, брокери, дистрибутери, вински стручњаци.
Од земјите на Отворен Балкан, Србија ќе се претстави со 260 изложувачи, Македонија со 74 и Албанија со 21. Значи на саемот ќе бидат претставени винарии, дестилерии и гастрономски компании.
Првиот ден е посветен на професионалните клиенти и гости, а од утре до недела ќе биде отворен и за граѓаните. Инаку, саемот се одржува под покровителство на владите на Србија, Северна Македонија и Албанија и се очекува да го надмине успехот на првиот настан што го позиционираше Белград на светската мапа на вински туризам.
Со здружување до успех на светскиот пазар
Годинава во фокус на винските експерти се автохтоните сорти од Западен Балкан.
„Индивидуално сме мали. Треба да направиме се за да се промовираме заедно“, смета Д-р Дарко Јакшиќ од Институтот за примена на науката во земјоделството во Србија. Тој очекува за неколку години, да се одржи конгрес на балкански сорти.
Професорот Климе Белески од Земјоделскиот институт во Скопје посочува дека „вранац“ е сорта која е препознатлива во регионот. „Потекнува од Црна Гора, но најмногу ја има во Македонија, но ја има и во Србија. Тоа е еден од белезите на овој регион“, посочува Белески.
Професорот Елтон Баша од Земјоделскиот факултет во Тирана смета дека тоа е многу добар проект, кој ќе создаде подобри позиции и подобар пристап до светскиот пазар.
„Кога зборуваме за нешто што е многу вкусно, кое има висока емотивна вредност и традиција, како што е производството на вино, тогаш нема разлики меѓу нашите земји“, додава Баша.
„Отворен балкански вински трофеј“
И оваа година на саемот ќе се одржи натпреварот „Отворен балкански вински трофеј“ на кој повеќе од 600 вина од регионалните винарии ќе бидат оценувани од 30 судии од целиот свет, според истите стандарди како и на најпознатите светски вински натпревари, како што се Decanter WWA и IWC London .
Излагачите ќе презентираат вина во шест хали, со две дополнителни хали за гастрономија, на повеќе од 44.000 квадратни метри изложбен простор.
Во првата хала на Белградскиот саем се претставуваат 310 производители од трите земји. Во останатите хали ќе има околу 300 винарии од целиот свет. Во главниот град на Србија дојдоа и експерти за вино од Западен Балкан и Молдавија, кои веќе осум години работи на усогласување на правилата за вино за да може да се извезува на трети пазари под заедничко, балканско име.
На отворањето на саемот денеска присуствуваат и високи владини претставници на трите држави.
Под покровителство на Владата и во организација на премиерот Ковачевски, ќе се одржи и „Македонска вечер“, во рамки на кој ќе има дегустација на македонски вина и храна.