-STEM образованието ги подготвува младите за идни професии во технологија и наука, развивајќи самодоверба, децата учат дека можат да создаваат решенија за реални проблеми во рамки на глобална заедница со тимови од целиот свет,каде се натпреваруваат и соработуваат. Овогодишната тема на FIRST LEGO League, сезона 2025/26, се вика „UNEARTHED“, тема што ги инспирира тимовите да „копаат подлабоко“ во минатото, да откриваат артефакти, приказни и иновации, и да размислуваат како тие можат да влијаат врз иднината.  

 

Ученичкиот натпревар по едукативна роботика „First Lego League 2025-2026 UNEARTHED Challenge“, што викендов  се одржа во Скопје, го отвори Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска. На  натпреварот учествуваат 36 тима со над 400 ученици на возраст од 9 до 16 години и 50 ментори од општинските и приватните училишта, како и од едукативните центри во Македонија.

Во своето обраќање министерката посочи дека ја поддржува секоја идеја во чија основа е поттикнувањето на креативноста, иновативноста, снаодливоста, лидерството и натпреварувачкиот дух кај младите. Како што рече, на Македонија и требаат генерации кои ќе бидат мотивирани постојано да се надградуваат и стекнатите знаења и вештини да ги применуваат во креирањето одговори на општествените предизвици.

„Оваа активност се совпаѓа во целост на националните образовни политики за поголема промоција на СТЕМ областите, нивно доближување до младите и насочување да одбираат да се занимаваат со наука, со истражувања и иновации. Единственото нешто со кое можеме да се натпреваруваме со светот е знаењето на граѓаните и негова паметна примена во развој на иновации“, рече министерката.

Посакувајќи им успех на сите учесници, Јаневска рече дека институциите ќе продолжат да го поддржуваат трудот на младите и развојот на нивниот потенцијал и дека очекува националните политики да обезбедат поквалитетно образование за уште подобро подготвени генерации.

 

Натпреварот се одржува осма година по ред, во организација на Академијата за роботика и иновации, под покровителство на UNESCO. Оваа година предизвикот е UNEARTHED - младите користат Lego технологија за изработка на иновативни роботски решенија, кои ќе им помогнат на археолозитеполесно да ги истражат наоѓалиштата. Победничките тимови ќе учествуваат на светскиот натпревар.

FIRST LEGO League е основана во 1998 година од организацијата FIRST (For Inspiration and Recognition of Science and Technology) и компанијата LEGO.  Наменета е за млади на возраст од четири  до 16 години, поделени во различни дивизии според возраста. Целта е да ги инспирира младите да учат преку практично искуство, тимска работа и креативност.  

Програмата се одржува во повеќе од 100 земји ширум светот.

Академијата за роботика и иновации е составна од млади професионалци кои имаат за цел да го претстават концептот на иновациите во едукативниот процес, да го поттикнат развојниот процес на талентите кои ги поседуваат децата и младите, да ја поттикнат креативноста која во детството е еден свет, а во текот на животот овозможува снаоѓање на секое поле и креативно пристапување кон решавање на проблеми и предизвици со кои секојдневно се среќаваме.