Жири-комисијата за доделување на наградата „Антево перо“ за 2024 година ја додели оваа престижна награда на Сашо Димоски за неговата стихозбирка „Музеј на заборавот“. Во конкуренција од 75 пристигнати стихозбирки, во потесен избор влегоа седум дела: „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ на Тони Попов, „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков, „Сивка: геометрија на болката“ на Ирена Бабамова Стојчева, „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски „Царски рез на небото“ на Даниела Андоновска Трајковска, книгата „Анатомија на скриена болка“ доставена под шифрата Суштина и поетскиот ракопис „Каде што се раѓаат сенките“ на Агрон Усеини. По темелно разгледување на вредностите на секоја од овие седум стихозбирки и по завршните дискусии на членовите, Комисијата едногласно донесе одлука наградата „Антево Перо“ за 2024 година да ѝ припадне на стихозбирката „Музеј на заборавот“ од Сашо Димоски.

 

Доживувањето на стварноста кај индивидуите кои имаат изразен сензибилитет условува нивните дела да покажуваат креативност која, ако се мери на некоја скала на интензитет, тогаш би биле на самиот врв. Постоењето на тие дела во времето и просторот создава сопствена реалност и се сместени во духовни музеи во кои вечноста е нивен главен предзнак. Во еден таков музеј, својот живот го живее и поезијата на Сашо Димоски, која токму поради овие квалитети, ја понесува наградата „Антево перо“ за 2024 година.

Поетскиот музеј на Димоски, кој е вечен дом на личниот, интимен заборав, е богатство на мигновеноста, на времето минато, сегашно и идно, на времето кое постои и не постои, на љубовта во најесенцијалната суштественост во која се родени, се раѓаат и ќе се родат безброј микрокосмоси (вклучително и сите форми на љубовта за татковината, за татковиот збор и ковчег, за клучот и катенцот, за мајчиниот јазик и болка, како далечно ехо на поетската слика на големиот Анте Поповски), микрокосмоси и љубови од кои е составен човекот.

Оваа поезија, покрај тоа што е слика преоблечена во различни стилови и во нив преовладуваат тонови од целиот спектар на бои, таа има и звуковен карактер чиј интензитет се огледува во одличната употреба на парадоксот, оксиморонот, сложените метафори, но и фигурите кои припаѓаат на звучниот код.

Со помош на зборовите, Димоски ни презентира визуелност во која гледаме како машкиот и женскиот принцип, темнината и светлината, вистината и заборавот страсно танцуваат танго. Тоа танго некогаш е во духот на аргентинската милонга во која слободата на движењата, незадолжителноста на формата и опуштеноста на рацете и нозете преоѓа во танцовен чекор со различен ритам и брзина правејќи тоа да биде milonga de amor и да има длабоко треперење при самото танцување. Понекогаш танцот е во духот на либертангото кое ги руши стереотипите и пред нас става нешто ново без притоа да ги заборави традиционалните вредности што од нас ги бара татковината, погледот на мајката или исконскиот оган во домашното огниште.

Поради одличниот квалитет на поетските текстови од збирките кои се избрани во потесен избор, оваа година Комисијата, едногласно одлучи да додели три награди „Антев златник“, што значи, една повеќе од она што, до сега, беше пракса. Наградите „Антев златник“ за 2024 година им припаѓаат на: Ирена Бабамова Стојчева за збирката „Сивка: Геометрија на болката“, Тони Попов за збирката „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ и Пепи Стамков за збирката „Собрани остатоци од светот“.

Со должно внимание и задоволство, Жирито дискутираше и за петте стихозбирки кои влегоа во потесен избор за наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик и тоа: Софија Тодороска – „Птиците заминуваат на исток“, Ива Пуовиќ – „Полет“, Мартина Костадиноска – „Пијавици“, Нино Наумовски – „Индиго солзи“ и Стефан Спасовски – „Ќумур смоквин млеч“. И овде, Комисијата имаше тешка задача да одбере само една збирка која ќе биде наградена, поради што за првпат во седумгодишното постоење на Манифестацијата „Антево перо“, се донесе одлука наградата „Антев часовник“ да биде доделена на двајца млади поети и тоа на: Нино Наумовски за неговата збирка „Индиго солзи“ и на Стефан Спасовски за збирката „Ќумур смоквин млеч“.