Германска компанија sonnenCommunity објави дека управува со најголемата виртуелна електрана во Европа, која се состои од 25.000 батерии инсталирани во домаќинствата низ Германија.

Виртуелните електрани - модел кој го освојува и регионот на Југоисточна Европа - базирани на батерии во домовите на крајните потрошувачи се уште еден доказ дека децентрализацијата и дигитализацијата во енергетскиот сектор се основата на енергетската транзиција.

Моќта на виртуелната централа на sonnenCommunity моментално е 250 MWh, а планот е капацитетот да се зголеми на 1 GWh во следните неколку години.

Батеријата ќе и обезбеди на енергетската мрежа дигитално и децентрализирано баферско складирање кое може да ја балансира понудата и побарувачката на обновливи извори на енергија, соопштија од компанијата.

Виртуелната електрана сега обезбедува капацитет за германската преносна мрежа преку која ги компензира флуктуациите на фреквенцијата во електричната мрежа или учествува во тргувањето со електрична енергија на берзата.

Покрај тоа, како што се вели во соопштението, голем број батерии може да го префрлат времето на испорака на енергија од соларните централи во попогодно време за мрежата, на пример, со тоа што ќе се осигура дека пладневниот врв е зачуван наместо да се оптоварува мрежата.

Сопствениците на соларни централи, освен што користат зелена енергија за сопствена потрошувачка, имаат корист од услугите што ги обезбедуваат нивните батерии преку договорот sonnenFlat и добиваат дел од профитот од виртуелната централа, наведува германската компанија.

Германија на крајот на минатата година имаше соларни електрани со моќност од 67,6 GW, а само во првите шест месеци од годинава се инсталирани уште 465.000 фотоволтаични системи со моќност од 6,5 GW. Батериите се повеќе го придружуваат поставувањето на соларни панели, пренесува порталот Energetika.me.

Кох: Имаме алатка за интегрирање на фотоволтаични системи, електрични возила или топлински пумпи.

Оливер Кох, извршен директор на sonnenCommunity, истакна дека речиси секоја земја што ќе се префрли на чиста енергија, порано или подоцна ќе ги достигне границите на своите енергетски мрежи само со додавање на капацитет.

Затоа, како што наведува, складирањето и дигитализацијата се клучни технологии, поради што оваа компанија ја шири својата технологија на се повеќе европски пазари, САД и Австралија.

„Со нашата виртуелна електрана, имаме алатка за интегрирање на фотоволтаични системи, електрични возила или топлински пумпи во нашите мрежи. Таа централа е веќе во домовите на луѓето и не бара никаков дополнителен простор“, рече Кох.

Предноста на таков децентрализиран систем за складирање, како што уверува Sonnen, е тоа што може да се активира практично на секоја локација каде што моментално има тесно грло во мрежата и затоа не е врзан за одредена локација. Со учеството на енергетските пазари, домаќинствата добиваат и пристап до пазар кој претходно бил резервиран за индустриски добавувачи, со што приходите во енергетскиот систем се пошироко распределени.

Освен во Германија, sonnenCommunity работи и со виртуелни електрани во САД, Австралија и Италија.