Светското производство на литиум се зголеми за 21 процент во 2021 година во споредба со 2020 година на приближно 100.000 метрички тони. Ова се должи на зголемената побарувачка за батерии за електрични возила, како и за други уреди кои бараат литиум како што се системи за складирање енергија и преносни електронски уреди.

Најголемиот светски производител на литиум е компанијата Albemarle Corporation, која стопанисува во чилеанскиот ресурс Салар де Атакама во партнерство со вториот по големина производител, SQM. Салар де Атакама е дом на речиси една четвртина од тековното снабдување со литиум во светот и работи од 1980-тите.

Албемарле има ресурси и во Невада, САД и Австралија. Нивната работа во долината Клејтон е единствениот извор на производство на литиум во САД.

На второ место е споменатиот SQM (Sociedad Química y Minera de Chile), кој има пазарна капитализација од речиси 30 милијарди долари. На трето место е кинескиот Tianqi Lithium.

По нив следуваат Ganfeng Lithium, Mineral Resources LTD, Pilbara Minerals, Allkem, Livent, Sichuan Yahua Industrial и Lithium Americas, објави Visual Capitalist.

Кина доминира

Додека Австралија и Чиле го сочинуваат најголемиот дел од снабдувањето со литиум, Кина има повеќе од половина од сите капацитети за негово рафинирање во специјализирани хемикалии за е-батерии.

Како дел од напорите на земјата да доминира во синџирот на снабдување со метали со чиста енергија, три кинески компании се исто така меѓу водечките компании за ископ на литиум. Најголемиот, Tianqi Lithium, има значителен удел во Гринбуш, најголемиот светски рудник за литиум од тврд камен во Австралија.

Побарувачката за литиум тројно ќе се зголеми

Помеѓу 2000 и 2010 година, потрошувачката на литиум во батериите се зголемувала за 20 проценти годишно. Во текот на следната деценија,поради побарувачката за батерии таа бројка скокна на 107 отсто, со вкупна потрошувачка на литиум во просек од 27 проценти годишно.

Според Блумберг, побарувачката за литиум се предвидува да се зголеми речиси тројно до средината на деценијата во однос на минатогодишното ниво.

Поради тоа, безбедноста на снабдувањето со литиум стана главен приоритет за технолошките компании во Азија, Европа и САД, се наведува во извештајот. 

Во Невада ќе биде најголемот рудник за литиум

Според истражувањето на Геолошкиот институт на САД, објавено во февруари годинава, вкупните резерви на литиум на земјината топка изнесуваат 79,36 милиони тони, а рекордер е Боливија со 21 милион тони од овој метал. Нашиот северен сосед, Србија има 1,2 милиони тони и е на 11-то место, за разлика од информациите кои ги соопшти компанијата Рио Тинто, дека дури 10 отсто од светските ресурси на овој метал се наоѓаат токму во Србија. Ова истражување покажува дека тие имаат само 1,51 отсто од вкупните резерви.

Ројтерс известува дека рудникот Thacker Pass во Невада, доколку биде завршен, ќе биде најголемиот рудник за литиум во Соединетите држави, со производство на 30.000 тони литиум годишно - доволно за производство на повеќе од 475.000 батерии за електрични возила.

Од друга страна еколозите ги притискаат судовите и регулаторите да ги блокираат проектите за рударство на низа компании, вклучувајќи ги Ioneer Ltd, Antofagasta Plc, Rio Tinto и други, бидејќи сметаат дека би загрозиле многу животински видови во областа.