
Во Вилата „Станковиќ“ во Чортановци (Србија), каде се одржува 8-от по ред „Шекспир фестивал“, на 3-ти јули (сабота), на програмата е претставата „History Of Motherfuckers – Koriolan“, во продукција на НУ Народен театар од Битола.
Според драмата на Шекспир, текстот го адаптираше Ведрана Божиновиќ, додека режијата е на Андраш Урбан.
- „Кориолан“ спаѓа во циклусот на Шекспировите „римски трагедии“ напишани во периодот 1594-1608 година.Ова е најнепопуларната римска трагедија, како според театарските уметници, така и за критичарите. Изворот се наоѓа во англискиот превод на Плутарх „Животот на античките Грци и Римјани“ и раскажува за вистинскиот римски генерал Кориоланус, кој беше протеран од Рим заради своите ставови, а потоа ги здружи силите со непријателската војска и го нападна неговиот роден град. „Кориоланус“ на Шекспир е минималистичко парче, напишано на поедноставен, говорлив јазик и во директен контекст со другите римски трагедии... – вели Ведрана Божиновиќ.
Според режисерот Андраш Урбан...:
- Претставата не е политика. Претставата се занимава со човекот и со неговата заедница. Претставата е борба. Хумана борба. Никој не го сака Кориолан. Ниту трагедијата на Шекспир, ниту неговиот карактер. И тој е вистински и искрен. Тајно сите се согласуваме со сè што ќе каже. Но, едно е јасно. Тој не сме НИЕ!Тој ни кажува што не смееме да сториме за нас самите. Да беше дипломат, ако можеше и сакаше да ја искористи слатката, нежна лага што е предуслов за демократско општество, не би ни зборувале за него.
Лагата не е ниту слатка ниту нежна. Таа е крвава и безмилосна. Сепак, вистината и искреноста се предуслови за вистинска уметност. Дури и кога лажеме, поминуваме низ пеколот на искреност да го направиме уметничкиот чин - реалност. Барем во уметноста за која вреди да се зборува...
Во претставата улогите ги толкуваат: Соња Михајлова, Викторија Степановска – Јанкуловска, Сандра Грибовска, Иван Јерчик и Николче Пројчевски.
За време на своите 75 години постоење и работа, Народниот театар од Битола имаше над 550 претстави, кои ги посетија повеќе од 5.000.000 посетители.
Тие претстави имаа над дванаесет илјади изведби, што од основањето до денес, Народниот театар во Битола го прави посебен. Во изведба на неколку различни генерации актери, тие претстави оставиа вечен белег на македонската и европската културна сцена...
На фестивалот во Чортановци, се и француската претстава „Трагедијата на Хамлет“, српската „Мојот Шекспир“, италијанската „Макбет“…
